Пу! Пу! Не важи!

29 мај 2007

Тие што го следат блогот знаат дека ретко се истрчувам со изразување мислење или коментар за некоја ситуација, но во случајот со избор на национален дрес (MKSportID) признавам дека избрзав.

Иако сакав порано да го постирам текстов, не успеав да најдам време, но се уште не е доцна.



Откако се сретнав со Марјан од IDMacedonia ми беа разјаснети голем дел од нејасните работи во врска со изборот за национален дрес. Се сретнав со човекот за потребите на новиот број на Esport каде ќе има повеќе детали за изборот на дрес и пријатно ме изненади што тој го читал мојот блог и беше расположен да одговори на сите дилеми.

Пред да поентирам, морам да повторам дека немам симпатии кон ниту еден од трите предложени дизајни за дресови и мислам дека во Македонија има луѓе кои можат да направат подобро, но ВКУСОВИТЕ НА СТРАНА! Вкусот не е нешто за кое се дебатира. Благодарение на средбата со луѓето од IDMacedonia, ми беа разјаснети многу детали кои досега не ми беа познати и сакам јавно да ја истакнам мојата поддршка за проектот!

Изборот е тој. Вие ја имате можноста да гласате. Ако не гласате, ќе пропуштите да бидете дел од историјата. Кога веќе се решив да гласам, го дадов својот глас за дресот број 1, особено откако ги погледнав дополнителните цртежи кои ми ги посочи Предраг Ристиќ.

Штом ќе заврши гласањето, ќе ги објавам дизајните кои ги собрав, а кои не влегле во финалниот избор, а како есктра информација и тоа дека ќе биде организирана посебна изложба со сите пријавени дизајни за дресови.


Tags: football, Macedonia, dress, MKSportID, design, Македонија, дресови, Esport.

Црвено-црни



В
о знакот на овие две бои помина минатата недела. Милан ја освои Лигата на шампионите, а Вардар триумфираше во Купот на Македонија. Исти бои на победниците, ист резултат во финалните натпревари.



З
а ЛШ не би сакал премногу да се расплинувам, сите гледавме, сите знаевме дека нема да се повтори Истанбул 2005 (во однос на возбудливоста и бројот на голови) и се очекуваше тврд натпревар со тактичко надмудрување. Во новиот број на Esport кој е во подготовка во моментов, анализа на финалето на Драган Николовски (А1 тв) и стручна анализа на Никола Илиевски - Џиџи.

Разликата меѓу двете финалиња за кои пишувам е таа што безмалку сите на Градски во Скопје беа 99,9% убедени во победа на Вардар. Тоа и се случи. Како, зашто, не би сакал да коментирам. Сите имате очи и верувам дека ако се наоѓате на блогот колку-толку следевте што се случуваше на последните два натпревари помеѓу Вардар и Победа. Во стилот на Бошко Трпевски кога има „судиски неправди против Силекс од Кратово“ ќе речам само: проценете сами дали се работи за договорени натпревари.


Tags: football, Macedonia, Vardar, Liverpool, Milan, final, Champions League.

Ливерпул победува!!!

21 мај 2007


„Pele puts his money on Milan“

The countdown to the Champions League Final continues and Pele has tipped Milan to take the trophy thanks to Kaka and Clarence Seedorf.

Ако ги следите „типувањата“ на Пеле во текот на последниве неколку години ќе знаете за што зборувам :-)

Само како информација, последната легендарна прогноза на Пеле во 2000 беше дека некоја репрезентација од Африка со сигурност победува на Светското првенство во 2002 или 2006.

Линк до изворот: Channel4


Tags: football, Macedonia, Pele, Liverpool, Milan, final, Champions League.

Браво Севиља!

17 мај 2007


В
о увертирата пред финалето на Лигата на шампионите следната недела, Севиља по втор пат го освои Купот на УЕФА. Искрено, во текот на натпреварот моите симпатии беа повеќе накај Еспањол.


Единствен тим со Реал Мадрид
што го одбранил пехарот во Купот на УЕФА


Од финалето можат да се извлечат две важни поуки. Првата е дека никогаш не треба да си поигруваш и да го потценуваш противникот, колку и да е послаб од тебе во моментот. Еспањол останаа со 10 играчи по црвениот картон и капитулираа во првото продолжение. Фудбалерите не можеа да одат од замор, едноставно беа очајни. Во тие моменти, Севиља имаше шанси барем за 4:1 или 5:1, но глумеа фраери во нападите во кои излегуваа сами пред противничкиот гол и се смешкаа на промашувањата. Тоа им се врати со голот на Еспањол и одењето на пенали каде лесно можеа да загубат.

Втората поента ми е за Севиља како клуб. Два пати по ред триумфираат во Купот на УЕФА, а во конкуренција се за титула во Шпанија и во финалето на Купот на Шпанија. Прашањето е: дали Севиља станува дел од елитните клубови во Европа? Одговорот ќе го дознаеме на стартот на следната сезона кога ќе играат и во Лигата на шампионите. Реално, иако имаат теоретски шанси за титулата во Шпанија, тешко е за верување дека и Реал и Барса ќе направат такви киксови. Купот можеби ќе го освојат (во финале против Гетафе).

Врзаа две добри сезони по ред, а вистинскиот тест за влезот во елитата ќе биде следната година. Можни се две сценарија. Страв ми е дека ќе им се случи истото што им се случи и на други шпански клубови што имаа свои моменти на блесок. Најсвеж пример е Виљареал, кој од полуфиналист во Лигата на шампионите, сега има само мали шанси за пласман во Купот на УЕФА. Од порано, знаеме што се случи кога Бетис играше во Лигата на шампионите (сега се на работ на опстанок), а ситуацијата на Севиља е најслична со таа на Реал Сосиедад. Од кандидати за шампионската титула и учесници во Лигата на шампионите, Реал Сосиедад следната сезона едвај се спаси од испаѓање од Примера.

Ова лето ќе биде клучно доколку раководството на Севиља сака да го промовира клубот меѓу шпанската и европската елита. Мора да се инвестира во подлабок состав на фудбалери кој ќе издржи да се бори на два фронта, дома и во Европа. Ако, пак, помислат дека со сегашниот состав ќе успеат исто како изминативе две години, ќе се излажат. Купот на УЕФА е далеку под нивото на Лигата на шампионите (иако квалитетот се зголемува од година во година), а не смеат да заборават дека на патот до финалето имаа и многу среќа (ако се сеќавате на голот на голманот Плаоп во 90-тата минута од натпреварот против Шахтијор).

Двете титули во Купот на УЕФА не значат влегување во таа елита. Тоа е само почеток на патот за влез меѓу најсилните.


Tags: football, Macedonia, UEFA, Cup, Sevilla, Primera, Champions League.

Изборното Собрание ќе биде нелегитимно! (?)

15 мај 2007

Само што се вратив од прес-конференцијата на Харалампие Хаџи-Ристески на која тој уште еднаш понуди аргументи за неговата и легитимноста на целото актуелно раководство на ФФМ. Се што кажа Хари можете да прочитате и тука.

Она што нема да го прочитате е следново: според Хаџи-Ристески, од УЕФА децидно се изјасниле дека „без разлика на тоа кои и колку делегати ќе присуствуваат на Изборното Собрание организирано од Иницијативниот Одбор (сабота, 19. мај), УЕФА нема да го признае за легитимно! Дури и да присуствуваат 80 и повеќе делегати, собранието нема да биде признаено за легитимно од УЕФА“.


Ја загуби битката на домашен терен,
ама изгледа победи на гости кај УЕФА


С
е поставува прашањето дали од Иницијативниот Одбор знаат за ваквиот став на УЕФА и доколку ставот на Европската куќа на фудбалот е таков - каква е целта и логиката воопшто да се организира собранието?!


Tags: football, Macedonia, FFM, Hadzi-Risteski, UEFA, фудбал, Македонија.

Додадени неколку линкови...



Ч
исто информативен пост, додадов неколку нови линкови до спортски блогови кои ги открив изминатите неколку дена. Блогролот е од десна страна, а ако воочите дека некој ми недостига, слободно пишете :)

Следуваат многу интересни настани: разврска на првенствата во Шпанија и Германија, борба за опстанок во Италија, финалиња од Лига на шампиони и Куп на УЕФА, а за мене и најинтересното: финалето на Купот на Македонија. Следните постови ќе се движат горе-долу на овие теми...


Tags: football, Macedonia, links, blogroll, Champions League, фудбал, Македонија.

Kој ќе ја освои Лигата на шампионите?

11 мај 2007


Милан! Зашто?

Во 1969 Милан ја освои ЛШ во иста година со правењето на филмот „Италијанска работа“. Во 2003 беше направено ново издание на истиот филм, а Милан повторно триумфираше. Во 2007 се подготвува и третата преработка на истиот филм, па можеби тоа повторно ќе му донесе среќа на Милан.



Мислите дека ова е тешко да се оствари?

Во сите години кои завршуваат на 7, титулата ја освојувале тимови кои биле сметани за аутсајдери, таков дефинитивно беше Милан (во однос на другите учесници), а богами и Ливерпул. Во 1967 Селтик го победи Интер, 1977 Ливерпул ја победи Борусија Менхенгладбах, 1987 Порто го победи Баерн Минхен, а 1997 Борусија Дортмунд го победи Јувентус. Сега, во 2007 во финалето ги имаме Милан и Ливерпул, а кој го очекуваше тоа? Никој!

Клуб од Италија „мораше“ во финале!
Во двете претходни финалиња во Атина, играше по еден клуб од Италија. Во 1983 Јувентус загуби од Хамбургер, а во 1994 Милан ја победи Барселона.

Милан се свињи!
Д
а, да. Свињи! Според кинескиот календар, 2007 е година на свињата, а Милан е клуб што е формиран во годината на свињата. Што е уште поинтересно, Карло Анчелоти е роден во година на свињата.

Зашто би победил Ливерпул?
Д
осега, само еден тим од земјата што го освоила Светското првенство веќе следната година успеал да триумфира во финалето на Лигата на шампионите (Баерн Минхен во 1975). Исто така, сите тимови од Италија што учествувале во финалињата во години што завршуваат на 7 биле поразени! Во 1957 Фиорентина загуби од Реал, 1967 Интер од Селтик, 1997 Јувентус од Борусија, 2007 Милан ќе загуби од Ливерпул... Или не?

П.С.
О
ва е извадок од мој текст во списанието ClubFootball (денешно Esport) објавен во ноември 2006.


Tags: football, Macedonia, Milan, Liverpool, Champions League, фудбал, Македонија.

Два месеци подоцна...

10 мај 2007


С
о доцнење како што доцнат со изградбата на спортската сала „Борис Трајковски“, конечно качив дел од сликите од Хрватска на веб.



О
ва е мое прво гостување со репрезентацијата што го загубивме. Претходно, во Англија и Албанија немавме пораз :-). Линковите до сите фото-стории се во десната лента на блогот, сликите се хостирани на Flickr.

Можете да видите само мал избор на фотографии (околу 30-тина) од трите гостувања на репрезентацијата.



П.С.

Утре излегува во продажба новиот број на Esport. Ексклузивно, можете да ја погледнете корицата, а што се однесува до сториите, верувајте ќе има што да прочитате (Ситуацијата во ФФМ, разрешувањето на Ѓоре Јовановски, проблемите во Шпанија, изборот на Полска и Украина за домаќини на Еуро2012, кариерата на Вејн Руни, новиот скандал во Италија, специјален водич за финалето на ЛШ во Атина, Рос Браун, Луис Хамилтон, новите НБА ѕвезди од НЦАА и уште многу фудбал, кошарка и мотоспорт...)

Линк: Хрватска - Македонија (2:1) на Максимир, Загреб.


Tags: football, Macedonia, Croatia, Maksimir, Zagreb, Katanec, Bilic, Esport, photo, Македонија.

Скопје ќе трча



Н
а страна од фудбалот... Денеска бев на последната прес-конференција на организаторите на Скопскиот полумаратон 2007. За тие што не се запознаени со ова, ќе се случува овој викенд, а можете да учествувате сите!


Скопскиот полумаратон ќе стане традиција, а мислам дека и редно време беше да добиеме ваква спортска манифестација, како што имаат сите нормални градови на планетава. Сигурно нема да биде со преку 50.000 учесници како Њујорк, Бостон, Лондон, Париз, Берлин... Но, важно е да се почне од некаде, па мислам дека во следните години сето ова ќе добие на масовност.

Пријавете се и трчајте! Esport е меѓу медиумските спонзори на настанот, па така јас ќе бидам во ложата, ќе трчам од следната година :-) Подобро да се пријавите за да трчате бидејќи пола град ќе биде блокиран :-).

Линк: Скопски полумаратон


Tags: football, Macedonia, Скопје, маратон, атлетика.

Иницијатива: MKSportID

08 мај 2007

Ентузијазмот на почетокот на акцијата за избор на нов национален дрес за сите спортски репрезентации беше голем. Сепак, како што се ближиме до конечниот избор, незадоволството кај луѓето од самиот избор е очигледно и тоа ме натера да покренам една интересна иницијатива.

Со ред, првите контраверзи се појавија со пишувањата на Дневник (како што разбрав) дека Каролина фаворизирала еден дрес, но подоцна се испостави дека новинарот грешел и следеше демант - Каролина на својот концерт ги презентирала сите три дресови.

Втората контраверзна ситуација е тоа што вчера на А1 ја немаше најавената емисија, не знам од кои причини кога цел викенд одеа реклами и најави?!


Најавената емисија уште ја нема

Трето е самиот избор. По форумите кои ги посетувам и неколку блогови, луѓето јасно го искажаа своето незадоволство од трите финални решенија за кои треба да се гласа.

Затоа, како уредник на единствениот спортски магазин кај нас, Esport, покренав иницијатива за објавување во јавноста и на останатите дизајни кои не влегле во потесниот избор. Контактирајте ме ако сте заинтересирани да го објавите вашиот дизајн што сте го пријавиле на конкурсот, а мислите дека е подобар од 3те финалисти.


Ова најмногу личи на фудбалски дрес
од 3-те понудени решенија


Чекам и ваш коментар за целата ситуација.

Мојот личен став е дека главната грешка е кај спортските федерации и прашањето до нив е: според кој критериум им ја доверија организацијата на оваа акција токму на оваа агенција (ID Macedonia)? Втората спорна ситуација е самата жири-комисија - не сум компетентен да кажам дали изборот на членови на ова жири е во ред, но сакам да прашам кој е компетентниот што го направил изборот на жирито?


Лавот е дефинитивно најуникатен дизајн :)

Последно и можеби најважно за конечниот епилог е поврзано со производителите на спортска опрема. Сите големи компании (Nike, Adidas, Puma...) имаат свои дизајни секоја година во кои подоцна се вклопуваат идеите на самите клубови, репрезентации... Ниту еден
од дизајните не е „компатибилен“ со ниту еден дизајн на спортски дресови кој се произведува во моментов. Дали некој се консултираше со производителите на спортска опрема и ги праша дали ќе можат да го изведат ова?


„Облека за дворски шут или кловн“ -
најчестиот коментар за овој дрес

Црното сценарио на кое помислувам е појавување на некоја домашна компанија која ќе ги произведува дресовите, но не сакам да верувам дека тоа ќе се случи - замислете колкава пара е во игра за тој што ќе го „лапне“ тендерот (ако има тендер, нели) за производство на дресовите на сите спортски репрезентации што ги имаме. А квалитетот на материјалите? За тоа во следниот пост на оваа тема.

Веќе добив 10-тина дизајни кои мене лично многу повеќе ми се допаѓаат од сите 3 финални решенија. Очекувам уште!

С
осем за крај линк за тие што сакаат да гласаат за едно од 3-те понудени решенија: MKSportID.

Јас нема да гласам. Би имал грижа на совест доколку ја видам фудбалската репрезентација во нешто вакво на терен.


Tags: football, Macedonia, dress, MKSportID, design, Македонија, дресови, Esport.

Нека биде финале...

03 мај 2007

Ако некој ми кажуваше дека некогаш во блиската историја во финалето на Лигата на шампионите повторно ќе играат Милан и Ливерпул, немаше да верувам, но и тоа се случи. И тоа втор пат на Балканот (Истанбул и Атина).



Очекував финале Челзи - Манчестер. Да бидам попрецизен, во мај сакав 3 финалиња меѓу Челзи и Манчестер - натпреварот во Премиер лигата (што ќе решаваше за титула, но Челзи зафркнаа работа со Болтон), Лигата на шампионите (тука и Манчестер зафркнаа), а остана само финалето на ФА Купот.

Сакав тоа да се случи за да гледаме судир на две различни фудбалски филозофии. Во Манчестер го гледам трофејниот клуб со долга традиција и трпеливо граден состав на фудбалери во текот на повеќе години. Постои баланс помеѓу фудбалерите, од легендите на клубот, преку младите таленти, докажаните фудбалери и такви што во Манчестер се издигнуваат кон врвот на своите кариери.



В
о Челзи, пак, ја гледам другата, „нова“ страна на фудбалот. Далеку од тоа дека Челзи нема традиција, но она што денеска е состав на фудбалери на клубот е направено експресно, врз основа на голем буџет, а не долгогодишни стратегии и планирања. Немам ништо против Челзи или начинот на кој е составен овој тим. Но, едноставно недостига оној фудбалски „шарм“ кој со себе го носат фудбалери како Сколс или Гигс.

Токму тој фудбалски шарм, според мене, е она што ги прави некои клубови ГОЛЕМИ (или гиганти, како сакате), а други мали. Мурињо често сака да каже дека Челзи е голем клуб како останатите во Европа, а како главен аргумент го спомнува квалитетот на фудбалерите кои денеска играат во синиот дрес и моменталната сила и успеси на Челзи. За мене, фудбалска големина не се мери така. За мене „големи“ клубови се оние во кои се уште има барем некакви остатоци од фудбалот во минатото, кога најпопуларниот спорт не се вртеше околу парите, туку околу самата фудбалска игра.



П.С.
Можно ли е овогодинешното финале да биде поинтересно од тоа во Истанбул?

Tags: football, Macedonia, Chelsea, Manchester, Champions League, Mourinho, Македонија.

Скоро сме готови

01 мај 2007

Привршуваме со подготовките за новиот број на Esport. Им благодарам на сите за конструктивните критики, според кои се водевме и мислам дека веќе во мајскиот број успеавме да средиме многу од недостатоците.

Досега се оди според планот, така што мајскиот број ќе излезе во продажба на 7 мај (понеделник).

Утре се играат реванш-полуфиналните натпревари од Лигата на шампионите, Челзи ја загуби титулата (спротивно на моите очекувања, но сами се криви што не го искористија киксот на Манчестер против Мидлзброу, а самите направија кикс со Болтон), Интер освои титула во Италија, Јуве се враќа во Серија А, АЗ Алкмар се најголеми пациенти што ја пропуштија титулата во Холандија, а Баерн исто така што нема да играат Лига на шампиони следната сезона. Шпанија е во тотален фудбалски хаос. Се согласувам со ставовите на Дарко.

Ова накратко нафрлав теми на кои сакам да пишувам, па од среда натаму очекувајте поголем број на текстови, се надевам интересни за читање, главно мои анализи на овие ситуации.

П.С.
Менувам 2 плочки од 128 рам за една од 256 (ддр)