Штафета

29 јануари 2007

Можеби стана досадна оваа „штафета“ по блоговиве, но Горјан ме прозва па да не го кршам редот. 5 работи кои не сте ги знаеле за мене:

1. Кога почнав да гледам фудбал, омилен фудбалер ми беше Теди Шерингам, но од 1996 (тогаш сум имал 10 години) навивам за Јувентус и омилен фудбалер ми е Алесандро Дел Пјеро.

2. Обожавам trance музика иако според изгледот, однесувањето, облекувањето, начинот на живот и општата појава не соодветствувам на default описот на еден „трансер“.

3. Цел живот не сум имал врска со девојка која траела подолго од 3-4 недели, а сега сум во 3-ипол годишна врска, среќно заљубен.

4. Почнав да пушам цигари откако завршив средно. Мајка ми ме фати со цигара уште вториот ден (не се ни криев нешто посебно) и откако дома им кажав: „Пушам од вчера“, нормално дека не ми поверуваа. И денеска мислат дека пушам од многу поодамна иако не сум ни мириснал цигара пред тоа.

5. Кога го отворив блогот во 2005 (21-ви блог на Македонски јазик според Хронологијата), го сторив тоа без никаква сериозна намера нешто да напишам. Едноставно сакав да видам што всушност е Blogger и како изгледа да отвориш свој „веб сајт“. Од тогаш, блогот ми го промени животот.

На ова смешно оро ги повикувам: Енко и Шепард, Ултрас, Барса, Џамбо и Тод.

Пошироко за промените

27 јануари 2007

Што точно ќе значи доаѓањето на Мишел Платини на претседателската функција во УЕФА? Според ветувањата на новиот претседател, многу работи би требало да се променат, но прашањето е кога ќе се случат промените и како тие ќе влијаат на фудбалските текови во Европа?


Таткото на сегашниот формат на натпреварување во ЛШ
и идеологот на идните промени (Јохансон и Платини)


Реформи во Лигата на шампионите
Платини планира да го ограничи бројот на учесници од секоја земја на само 3 тимови. Ваквото ограничување ќе значи 1 местo повеќе за земјите кои сега имаат 2 претставника. Иако Платини вели дека со ова се протежираат фудбалски неразвиените земји, нема да има апсолутно никаков ефект за тимовите од Македонија (и земјите слични на нашата). Со ваква реформа, само ќе се разниша финансиската стабилност на сегашниот формат на натпреварување и крајната цел нема да биде остварена. Единствената позитивна работа ќе биде заострување на конкуренцијата во националните првенства (каде тимовите ќе се борат за првите 3, а не првите 4 позиции) и зајакнување на Купот на УЕФА со повеќе силни тимови.


Ќе го претстави неговиот план за реформи во април - Мишел Платини

За Македонија, ваквите промени ќе значат следново: при евентуален пласман на наш претставник во 3-тото квалификациско коло од ЛШ, ќе се исклучи можноста за противник да го добиеме 4-то пласираниот тим од Англија, Италија или Шпанија. Ништо повеќе. Од една страна, ќе ни се зголемат шансите за триумф во 3-тото коло и директен пласман во ЛШ, а од друга страна ќе се намали шансата за поголема финансиска заработка од евентуалното гостување на некој од тимовите од елитните првенства.

Платини ќе го претстави неговиот предлог за реформи кон средината на април, а евентуалната имплементација ќе се случи дури од сезоната 2009-2010 бидејќи спонзорските договори кои УЕФА ги има со компаниите за ЛШ траат до тогаш.

Македонија гласаше за Мишел Платини. Интересно би било доколку претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески ги образложи причините поради кои гласал за Платини. Сега ви е јасно зашто Платини беше толку многу загрижен да ја донесе Златната копачка на Дарко Панчев во Македонија, иако легално не му припаѓа на нашиот легендарен фудбалер. Пред некое време истражував околу причините поради кои Панчев не ја добил Златната копачка и дојдов до информација дека наградата воопшто не се доделувала од сезоната 1990/91 до 1996/97 кога освен Панчев и останати фудбалери кои биле најдобри стрелци во тие сезони не ја добиле.

П.С.
Свежи линкови во Download.
П.С.2
Мал „јубилеј“ - се случија 1.000 посети на мојот блог во изминативе скоро 3 месеци откако го инсталирав бројачот. Со оглед на тоа дека се наоѓа на Blogger, за мене ова е солидна бројка. Имав вкупно 17 текстови што значи некаде околу 60-тина посети (читања) по текст. Посетителите останувале во просек по 4 минути, што значи дека не дошле само да ѕирнат, туку и да прочитаат нешто.


Tags: football, Macedonia, Platini, Pancev, UEFA, Golden Boot, фудбал, Македонија, UCL, Хаџи-Ристески, ФФМ, Панчев.

Промени!

26 јануари 2007


Зашто да не започнеме со една карикатура?

Се случи и тоа: по 17 години на чело на УЕФА, Ленарт Јохансон беше поразен на изборите кои завршија пред неколку минути. Нов претседател е Мишел Платини!


Ветуваше, а сега има 4 години за да ги исполни ветувањата
- Мишел Платини


На многумина од вас можеби не им е интересен овој „административен“ дел од фудбалот, но верувајте дека со изборот на Платини во годините кои доаѓаат потполно ќе се промени изгледот на денешниот фудбал. Подетална анализа на оваа тема ќе следува подоцна, а доволно за да ве заинтересира оваа анализа би требало да биде предизборното ветување на Платини дека ќе им скрати по едно место во Лигата на шампионите на Италија, Англија и Шпанија, ќе има повеќе простор за вистинските шампиони од земјите низ Европа...

Какви се вашите првични импресии?

П.С.
Додадов нови линкови во Download, ама некако слабо ми download-ирате :-)


Tags: football, Macedonia, Platini, Johansson, UEFA, download, фудбал, Македонија, UCL.

Да разбиеме монотонија...

25 јануари 2007

Додека трае напнатата состојба во мак-фудбалот, сакав да објавам пар работи на блогов за да разбиеме монотонија и да подобриме расположение.


Знам дека сте колекционери на клипови :)

Направив посебен дел од блогот со назив Download каде секој ден ќе биде додаван по еден линк за симнување на интересни фудбалски клипови. Ја поделив оваа секција на неколку категории, но како што ќе излегуваат клипови кои не припаѓаат во тие категории, ќе дополнувам. За почеток ви додадов линк за download на видеото од еден од најспектакуларните голови кои воопшто сум ги видел - Ривалдо со „ножички“ против Валенсија, гол што ја однесе Барса во Лигата на шампионите таа сезона. Исто така, додадов линк до тепачката помеѓу Карлос Диого и Луис Фабијано, можеби најинтересен fight во последниве неколку години.

Ќе видите дека системот на страницата со линкови е таков што и вие можете слободно да предложите и додадете линк, така ќе ја зголемуваме колекцијата.

На страна од тоа, денеска слатко се изнасмеав кога Букарски ми раскажа анегдота за Ѕинго што не сум ја знаел до сега. Ја пренесувам во целост:


„Ќе плачете вие Ѕинго да се врати“

Доаѓа делегација од ФИФА или УЕФА на состанок со Ѕинго. Нашиов претседател и вели на преведувачката: „Кажи им да дадат кеш!“. Преведувачката се врти кон гостите и почнува да им објаснува: „На нас ни требаат финансиски средства за да можеме да работиме за развојот на фудбалот во Македонија бла бла бла...“, а на ова гостите од странство си коментираат: „Колку чуден јазик е овој Македонскиов. Толку малку зборови се кажуваат, а толку нешта значат“


:-)


Tags: football, Macedonia, download, Rivaldo, FIFA, UEFA, Ѕинго, фудбал, Македонија.

Анкета

22 јануари 2007

Пред да почнам со мојата детална анализа за состојбите во ФФМ, на блогот поставив анкета на која би сакал да гласате.

Прашањето е тековно: Дали го поддржувате сегашното раководство на ФФМ? На страната со резултатите од анкетата може да се оставаат коментари, но препорачувам вашите коментари да ги оставате под овој текст...


Што мисли народот?

Јас лично чувствувам многу негативна атмосфера во однос на сегашните први луѓе Хари Хаџи-Ристески и Лазар Митровски. Мислам дека таква атмосфера се создаде по избивањето на скандалите. Единствено нешто што им носи какви-такви позитивни поени е ангажманот на Среќко Катанец...

Се надевам дека на анкетата ќе се соберат доволен број на гласови во следниве неколку дена за да можеме да ја сметаме за релевантна.


Tags: football, Macedonia, анкета, ФФМ, фудбал, Македонија, poll.

Фудбалски скандал!

20 јануари 2007

Не сакав да пишувам веднаш по обелоденувањето на скандалов бидејќи сакав да избегнам избрзана или емотивна реакција од моја страна.

ФФМ се тресе! Тоа е факт. Целиот скандал според мене има 3 страни. Ќе одиме со ред.



1. Криминалот и неправилностите во фудбалските клубови: со детална инспекција на државните органи, конечно за првпат во нашата историја официјално се откри криминалното раководење со фудбалските клубови во Македонија. Освен 2 клуба: Македонија ЃП и Работнички Кометал (за чија професионална работа сум пишувал и порано), сите останати функционираат катастрофално. Неисплатени плати и придонеси, неправилни регистрации на фудбалери, аматерски договори...
Кога сето ова веќе е на виделина, мора да се делува брзо и ефикасно. Сите луѓе кои ги прекршиле законите за работа мора кривично да одговараат и без никакви исклучоци да добијат забрана за раководење со фудбалски клубови! Друго решение не постои! Според мене, се освен реконструкција од корен на фудбалската лига би било само „мачкање очи“ и „забошотување“ на проблемот.



Криминалец?
Лазар Митровски тврди дека се е чисто


2. Криминалот и неправилностите во ФФМ: фалсификувани дипломи, работење спротивно на статутот и законите и што уште не. Време е полицијата заедно со сите органи кои се надлежни да ја исчистат федерацијата! Очигледно е дека доколку не се спроведе ваква акција во ФФМ, ова ќе продолжи во недоглед. Убеден сум дека и тука мора да се искористи истата казна: секој што правел криминал или на било кој начин бил вмешан (знаел за криминалот и неправилностите, а тоа не го пријавувал) да добие доживотна забрана за вршење на функција во фудбалот!


„Си одам заедно со Хари и Лазе“ - непринципиелна
изјава на Катанец

3. Изјавата на Среќко Катанец дека ќе си замине од Македонија доколку раководството на ФФМ биде разрешено. Многу непринципиелно од негова страна. Договорот кој го има е склучен со федерацијата, а не со човек. Според мене, можните причини за ваквата изјава на Катанец се следни: 1. некој му се јавил и го замолил да даде ваква изјава за да се намали притисокот врз ФФМ; 2. селекторот бара начин како побрзо да замине од Македонија, а овој скандал е совршена прилика за тоа; 3. поврзан е со Хари и Лазе на начин на кој не смее или не може да биде поврзан со некој друг.

Случувањата се во тек. Во следниве неколку дена ќе ги образложам моите размислувања околу секоја од горните 3 точки и ќе напишам посебни текстови. „Од прва рака“ ги следам сите случувања и верувајте дека на овој блог ќе прочитате доста интересни и досега необјавени информации.

П.С.
Вечерва (сабота) некаде пред полноќ во емисијата Лејт Најт Шоу на Миленко Неделковски ќе се зборува за скандалот во ФФМ. На сите ви препорачувам да ја гледате. Немам позитивно мислење за авторот на оваа емисија и неговата „работа“ поврзана со фудбалот, но сметам дека тој е единствениот кој има огромно познавање на приликите во мак-фудбалот и не се плаши јавно да зборува за тоа...


Tags: football, Macedonia, scandal, FFM, Lаzar Mitrovski, ФФМ, фудбал, Македонија, Лазар Митровски, Катанец, Katanec.

Нов додаток на блог

14 јануари 2007

Утринава блогов доби еден нов дел кој мислам дека на сите вас ќе ви биде (повеќе или помалку) интересен. Се работи за делот Распоред и резултати до кој можете да пристапите преку горното мени.



В
о овој дел од блогот ќе ги најдете распоредот, резултатите и табелите поврзани со домашното првенство и репрезентацијата на Македонија. Податоците ќе бидат благовремено ажурирани. Интересна работа за сите може да биде „водичот за натпревари“ во кој препорачувам по еден натпревар од домашното првенство во секое коло за кој ќе имате комплетни информации како да го посетите, каде се наоѓа стадионот, колку ќе ве чини билет, каде да најдете паркинг место и сл.



С
е надевам дека често ќе го посетувате овој дел од блогот со намера да посетите некој од фудбалските натпревари бидејќи на мак-фудбалот му треба публика на стадионите, а вас (фудбалските фанови) нема да ве чини многу да одвоите 2 часа од вашето слободно време за да гледате фудбалски натпревар.

Да не должам, Македонското првенство и посетеноста на стадионите е долга и опширна тема на која ќе пишувам понатаму, ѕирнете што има во делот Распоред и резултати и можете да ме дополните со некоја информација, да ме советувате како да го подобрам или едноставно да коментирате за одиграните и натпреварите кои ќе се одиграат во коментарите од тој дел.

П.С.
Сликите се позајмени од сајтот на ФФМ, тоа додека не издизајнирам свое лого за Првата лига и репрезентацијата :-)


Tags: football, Macedonia, results, schedule, распоред, резултати, прва лига, репрезентација, табела, фудбал, Македонија.

Фудбалот во 2006 (2)

12 јануари 2007

Во една година на Светско првенство, јасно е дека ова натпреварување беше во центарот на вниманието. Не би сакал да правам некоја долга анализа, бидејќи го правев тоа пред, за време и по завршување на СП во Германија. Во една реченица: Италија имаше репрезентација составени од фудбалери кои во моментов се наоѓаат во врвот на своите кариери, имаше среќа кога беше потребно (пр. против Австралија), храброст (4-цата напаѓачи против Германија во продолженијата), нерви (пеналите против Франција) - со еден збор квалитет.

Фудбалерите на Барселона со пехарот од Лигата на шампионите

За мене, еден тим остави свој белег на 2006 година: Барселона. Барса ја освои двојната круна (дома и во Лигата на шампионите) што претставуваше крунисување на прекрасната игра на овој тим во изминатите 2 години. Она што Франк Рајкард го направи со тимот, имајќи во предвид во каква состојба беше Барселона кога тој дојде на чело, е неверојатно. Го состави можеби најкомпактниот состав на фудбалери во Европа во последниве 10-тина години. Ме воодушеви леснотијата со која фудбалерите на Барса ја наметнуваа својата игра на секој натпревар.

Дали мафијашката мрежа во Серија А е тотално уништена?

Друга димензија на фудбалот во 2006 беше скандалот „Калчополи“ во Серија А. Се разоткри голема „шема“ на клубови, судии, официјални лица па дури и фудбалери кои го „режирале“ фудбалот во Италија изминативе години. Сепак, јас лично не сум задоволен од разврската на целиот скандал и се сомневам дека фудбалот во Италија е исчистен од сите криминални структури. Казните за клубовите и поединците беа премногу благи, а со намалувањата станаа уште понезначајни. Јувентус беше единствениот клуб кој беше казнет драконски, додека клубови како Милан и Лацио кои по втор пат во својата понова историја се вмешани во ваков скандал добија само „симболични“ казни. Само да потсетам, тоа се двата клуба кои на средината на 80-тите беа деградирани во Серија Б поради местење на натпревари.


Погледнете го човеков и потоа кажете дека
Хари, Лазе, Брацо, Боро или Ацуле
се фудбалски мафијаши!


Освен клубовите, благи се казните и кон индивидуалците. За чудо, Лучијано Моџи не доби доживотна забрана за работа во фудбалот! Не знам како е можно тој човек да има можност по неколку години повторно да биде на раководна функција! Освен него, смешни се казните кои ги добија неговите „компањони“ како Галијани, Дела Вале, Лотито и компанија, како и официјалните лица во Фудбалската Асоцијација на Италија. Како и да е, сето ова помина, а само времето ќе покаже дали во иднина ќе гледаме „чист“ фудбал во Италија.

2006 беше година на Барселона, Челзи, Арсенал, репрезентациите на Франција, Германија и Италија, Севиља, Роналдињо, Канаваро, Зидан, Анри...

Можеме да бидеме презадоволни од тоа како заврши 2006. Во Англија, Шпанија и Германија имаме неверојатно неизвесна трка за врвот, за разлика од ова време минатата година кога во секое од големите првенства еден клуб беше далеку пред другите. Ветувачка е и ждрепката за 1/8-финалето од Лигата на шампионите, а извонредно возбудливи се и квалификациите за Еуро 2008.


Tags: football, Maceodnia, WC2006, UCL, UEFA, Barcelona, Juventus, Italy, Spain, Calciopoli, Moggi, Milan, Lazio, фудбал, Македонија.

Фудбалот во 2006 (1)

11 јануари 2007

Како што најавив (со мало задоцнување), доаѓа и мојата ретроспектива на минатата 2006 година во фудбалот. Во првиот дел ќе се осврнам на домашниот фудбал.


Репрезентацијата пред натпреварот против Русија

Репрезентацијата на Македонија
дефинитивно е она што најмногу ќе го паметам од изминатата година. Фактичката состојба вели дека по 5 натпревари во нашата квалификациска група, се уште имаме реални шанси за висок пласман, а годината ја завршивме со најдобар пласман за нас во историјата на ранг-листата на ФИФА. Ме радува фактот што за првпат по многу години публиката и фановите имаат доверба во националниот тим. Првпат во историјата се скандираше името на селекторот на Градски во Скопје, а во посебно сеќавање ќе ми остане моето патување во Манчестер каде на Олд Трафорд одигравме одличен натпревар против Англија кој долго ќе се памети.
ИН во 2006 -> Среќко Катанец, Горан Пандев, нерешениот резултат против Англија, најдобриот пласман на ранг-листата на ФИФА.
АУТ во 2006 -> ФФМ со високата цена на билетите за натпреварите на репрезентацијата, продавањето на цела северна трибина на фановите од Англија.
Неправда во 2006 -> Несреќниот пораз од Англија во Скопје.


Македонија ЃП - освојувач на Купот на Македонија

Факт е дека Македонската Прва фудбалска лига донесе поголем квалитет од претходните години. Освен Работнички Кометал, на сцената имаме втор клуб кој функционира беспрекорно: Македонија ЃП. Трката за титулата до последните кола и крајот на првата полусезона оваа година со изедначен број на бодови на Македонија и Работнички ветуваат максимално интересен фудбал до крајот на оваа сезона. Финалето од Купот на Македонија беше меѓу најквалитетните натпревари кои било кога се одиграле на Градски, а во Евро-натпреварувањата, Работнички го повтори најголемиот успех во нашата историја - 3-то квалификациско коло во ЛШ.
ИН во 2006 -> Трофеите завршија во раце на клубовите кои работат најпрофесионално и можеби ова ќе биде мотив и за другите да се „оправат“ во иднина.
АУТ во 2006 -> Слабата посетеност на стадионите иако во домашното првенство минатава година имаше многу натпревари кои вредеа да се погледнат. Сите оние кои декларативно се залагаат за подобар мак-фудбал треба од себе да почнат да го направат теренот погоден за поквалитетно првенство и да жртвуваат 2 часа неделно од своето време на некој од стадионите. Со билетот кој ќе го платите ќе му помогнете на својот клуб.
Неправда во 2006 -> Она кое им се случуваше на фудбалерите на Вардар кои имаат статус како вработени во стечајно претпријатие, а не како фудбелери на најтрофејниот клуб во една земја.


Tags: football, Macedonia, фудбал, Македонија, euro2008, Katanec, Катанец, Rabotnicki, Vardar, Makedonija, FFM.

Свеж почеток

05 јануари 2007

На стартот на 2007, решив малку да го променам изгледот на блогот, се надевам ви се допаѓа новиот дизајн. На сите ви посакувам многу среќа, успех и љубов во 2007!

Освен мојот нов дизајн, новина во нашиот блог-простор е блог-тајмлајнот кој го направи Развигор за кој можете да ги дадете своите забелешки, дискутирате и да го пријавите и вашиот блог да биде регистриран во оваа наша „блог-историја“.
Моето прво изненадување за сите во новата 2007 е интервјуто кое го направив со селекторот Среќко Катанец, а кое е објавено во јануарскиот број на магазинот Club Football. Ова е прво и досега единствено интервју на селекторот во кое тој ја дава својата оценка за 2006, очекувањата во 2007, зборува за мотивите поради кои дојде во Македонија, за тактиката, фудбалерите, нашите шанси за пласман на ЕП, нашиот потенцијал, случајот „Горан Славковски“, а одговара и на критиките на некои наши „фудбалски експерти“ по натпреварот со Русија.

Освен тоа, ве упатувам на сајтот на Fantasy Football Premier League - проект со кој се занимавав доста во последно време. За првпат во Македонија се организира ваква игра (ако се земе во предвид дека Калчо Селектор во Македонски Спорт пред неколку години беше за Серија А) и топло ви препорачувам да играте. За играта пишаа и на Он.нет.

Викендов планирам да се вратам „во форма“ со неколку текстови, пред се review за се што се случуваше во 2006-та како и мал осврт на тоа што не чека во 2007-ма година.

Среќни празници!



Tags: football, Macedonia, Фудбал, Македонија, Катанец, ClubFootball, Katanec.