Ајде Работнички!!!

27 јули 2005

Пишувам на саат време пред да отидам на стадион. Ајде ве повикувам сите на стадион да му дадеме поддршка на нашиот шампион!
Значи 20:00 часот - Работнички Кометал - Локомотив Москва
Градски Стадион, Скопје

Имам добро пречувство!

Челзи – Милан досада...

25 јули 2005

Се вратив. Бев во Берово изминативе 5 дена и покрај тоа што се изнадишав чист воздух успеав да гледам и малку pre-season фудбал. Имав можност да следам најпрво пријателски натпревари на Барселона и Реал Мадрид против некои клубови од Азија...

Кај Реал Мадрид ни најмалку не ме импресионираа новите засилувања Диого и Гарсија, додека одбраната им е КАТАСТРОФА. Успеаја да примат 2 гола на едниот натпревар....Салгадо киксира во секоја прилика која ќе му се укаже, Роберто Карлос делува изнервирано и уморно после секој напад на противникот додека за Павон и компанија не би сакал ни да коментирам. Средниот ред играше ОК со Гравесен и Бекам поповлечено, додека Зидан играше како полу-шпиц. Една работа која не ја разбирам е тоа што Реал го купува Робињо, а ги има Раул (недопирлив), Роналдо и Овен (најдобар фудбалер на Реал на пријателскиве). Како и да е...иронијата беше што Реал ќе изгубеше од некои си Бејџинг Хјундаи да не беа головите на Фиго и Гути – играчи кои треба да заминат од Мадрид.
Барселона изигра сосема солидно, иако поради многуте измени не можеше некој посебно да се истакне. Победија 3-0 во натпревар од кој најпозитивен впечаток ми оставија Макси Лопез, Чави и Едмилсон.
Е доаѓаме сега до
најјакиот натпревар. Ја следев пријателската меѓу Милан и Челзи во Бостон. Едвај чекав да почне натпреварот...за после првото полувреме едвај да чекам да заврши. Подосаден натпревар не сум гледал во последниве 2-3 години. Во текот на целиот натпревар, Милан скоро и да немаше сериозна шанса, додека Челзи имаше максимум 2-3 од кои Робен искористи една ситуација кога се најде осамен на работ од 16-кот и ја погоди мрежата на месечарот Елефтеропулос (или како и да му беше точно името на тој Гркот).
Еве за Челзи: не ме изненадија бидејќи ја играа својата игра
утепај го противникот на средината од теренот. Опасните акции ги направија стандардно по крилните позиции преку Робен и Даф (Рајт Филипс). Одбраната си беше на ниво двете полувремиња (и кога играше Тери и кога беше на клупа). Светли точки: Робен, Рајт Филипс и Карлтон Кол. Ме разочара Гудјонсен.
Милан: играа НИШТО! Сепак морам да го
пофалам Бобо Виери што ми го направи натпреварот колку-толку интересен бидејќи беше главен ЦИРКУЗАНТ на теренот. Човекот не се виде! Во малкуте прилики во кои доби топка или ја додаваше на противнички играч или ја промашуваше топката. Беше неверојатно спор, па доколку тој тргнеше во контра напад, јас да бев коментатор ќе речев: Виери трга во контра напад, ние одиме со блок реклами додека тој да стигне до шеснаесетникот на Чех кој пие кафе со соиграчите од одбраната. Гатузо ја носеше капитенската лента и успеа да добие црвен картон откако проба да го прати во пензија Џо Кол со еден лизгачки старт. Стам и Неста беа на висина на задачата, но Шимиќ успеа да го расипе впечатокот за одбраната на Милан. Дида не бранеше, а Елефтеропулос бранеше во стилот на Петар Милошевски.

Како и да е...ова се само подготвителни натпревари. Јас се спремам за Работнички – Локомотив. Имам некое добро пречувство за натпреварот. Ќе можеме ли да ги надиграме Лошков, Исмаилов и Сичев?! Зашто да не... :)

Работнички Кометал !!!

13 јули 2005

Бидна! Работнички го прегази Сконто со 6-0. Прво ќе ве упатам на МакСпортНет за тие што не беа на стадион (срам да ви е!) да си прочитаат извештај од натпреварот, изјави по натпреварот и неколку слики од натпреварот, навивачите и прес-конференцијата.

Веднаш да ви кажам дека доколку не бевте на стадион, тогаш го пропуштивте најдобриот натпревар што досега некоја македонска екипа го одиграла (вклучувајќи ја и репрезентацијата).

Најпрво за Работнички: Одлична физичка и тактичка подготвеност. Се играше испланирано, а не на памет. Играчите трчаа во исто темпо цели 90 минути. Голманот Маџовски одбрани 3-4 одлични удари на Сконто (од слободните удари), одбраната беше на ниво – кога не можеше да интервенира, тогаш на време правеше фаули надвор од шеснаесетник, страничните бекови во вистински моменти знаеја да повлечат напред. Средниот ред на чело со Игњатов функционираше беспрекорно и доминираше во тој дел од теренот. На почетокот Трајчов малку беше збунет, но подоцна и тој влезе во ритам. Крилните играчи во текот на сите 90 минути имаа сила и експлозивност да повлечат напред, да издриблаат и да нафрлат а напаѓачите ги искористија шансите. Како никогаш досега, македонска екипа одигра 90 минути силен физички фудбал со многу трчање. Немаше грешки во додавањата, акциите течеа беспрекорно и испланирано, секој си знаеше што му е задачата. Работнички функционираше како швајцарски саат, и со одлична тимска игра дојде до заслужена победа. Како што рече тренерот на гостите на пресот после натпреварот: Неможам да издвојам ниеден поединец, целата екипа функционираше како еден играч.

Сконто Рига: Го почнаа натпреварот дефанзивно и единствените шанси што ги имаа во 1-во полувреме беше кога ќе повлечеа контра, па беа фаулирани надвор од шеснаесетник. Слободните удари ги изведуваа добро, но Маџовски бранеше подобро. Првото полувреме играа во линија, т.е. никој од одбраната не повлекуваше напред и беа статични (кога ние ќе се повлечевме малку за да ги извлечеме надвор, одбраната сепак си беше со 4-ца играчи во линија). Со вака поставена одбрана, добро се држеа и правеа паметни ситни фаули на средината на теренот не дозволувајќи да ја превземеме иницијативата. Во второто полувреме кога веќе губеа со 2-0, бидејќи беа фаворити пред натпреварот, се решија да се отворат и да нападнат. Тука беше клучната грешка, бидејќи тие на сметка на средниот ред го засилија нападот, и Работнички ја искористи слабоста и ја превзема иницијативата на средината и го отсече нападот на гостите. Нивната бековска линија почна да се растура откако страничните бекови почнаа да повлекуваат напред за да му помогнат на средниот ред и ние тука ги фативме.

Сите голови (освен пеналот на Игњатов и првиот гол на Нухиу по мешаницата по корнер) беа постигнати од одлични акции, со по некое двојно додавање и создавање на играч вишок... и... 6-0!!!

Сега сите ќе си го постават прашањето: Дали Работнички Кометал е толку многу силен, или пак Сконто Рига е очајно слаба екипа.

Јас би одговорил: Работнички е силен и е подобар од Сконто со капацитет за некоја победа од 4-0, а тука ако ја додадеме лошата вечер на Сконто, плус 2 гола во нивната мрежа = 6-0.

Што мислите вие?!

Ме нема...

12 јули 2005

Ме нема, ме нема па ќе се изгубам. Не сум постирал подолго време зошто бев нешто зафатен. Чекам утре Работнички Кометал да игра против Сконто и да го искоментирам натпреварот. Иначе денеска бев на прес-конференцијата на Работнички Кометал. Очекуваат победа луѓето, и плус имаат нови дресови, многу убави!

Земав новинарска акредитација и утре првпат ќе седам во ложата на Градски...

Ајде сите утре на стадион! 150 денари ви е карта за јужна трибина, дајте да му дадеме поддршка на Работнички, според мене најсилниот мак-шампион досега!

Натпреварот почнува во 20:00 часот, после тоа одам на прес конференција по натпреварот, па ќе ви пишам што како...

СИТЕ НА СТАДИОН!!!!

П.С. Слики од денешниот прес имате тука.

Челзи – гигант?

05 јули 2005

Мурињо изјави дека за 4 години, Челзи нема да мора да купува играчи туку ќе создаде генерација која ќе игра заедно долго време и ќе доминира во светот на фудбалот. Но, како што стојат работите во моментов, играчите си поставуваат себеси едно прашање: Зашто да дојдат во Челзи?
Мурињо и Челзи теоретски имаат финансиска моќ да го доведат било кој играч во Лондон. Но откако летово не успеаја да донесат ни еден врвен напаѓач, се покажа дека не е се во парите. Самуел Ето и Барселона јавно го одбија Челзи велејќи дека во животот не е се во парите. Адриано и Шевченко се среќни во Милано, додека Џилардињо кажа дека кај него не постои желба да заигра за Челзи, туку сака да остане во Италија. Микаел Есиен од Лион е најдобар пример: иако главни фаворити за неговиот потпис се Челзи, сепак тој на неколку пати јавно искажа дека повеќе би сакал да игра за Манчестер Јунајтед (кој не освои ниеден трофеј изминатава сезона) отколку за шампионите во Премиер лигата. Зашто? Бидејќи Челзи не е голем клуб!
Иако имаат модерен стадион, еден од најдобрите тренери на светот, скоро неограничени финансиски средства, во фудбалскиот свет, на Челзи не се гледа онака како што се гледа на фудбалските супер-сили: Милан, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед и т.н. Овие екипи имаат некоја своја моќ на привлечност, нешто што недостига кај Челзи. Зашто младите играчи од целиот свет не сонуваат еден ден да го облечат синиот дрес на Челзи? Вистинските големи клубови имаат богата историја, долги години на успеси, фудбалски легенди и шампиони од секоја генерација. Тие имаат моменти во историјата кои едноставно ги попалуваат нивните навивачи низ целиот свет и ги тераат играчите да чувствуваат голема одговорност кога ќе го облечат нивниот дрес. Фактот што секој од овие клубови е поголем од било кој играч што играл за нив некогаш ги прави посебни. Играчите во овие клубови не се само вработени во клубот, тие играат со страст и почит спрема боите, навивачите и историјата на клубот.
Покрај ова, не само што историјата на Челзи е далеку посиромашна од историјата на еден Јувентус, но овој клуб во изминативе две сезони доби етикета попатна станица за најголемиот број од играчите. На еден Матеја Кежман кој ги собори сите голгетерски рекорди во Холандија не му беше укажана шанса и доверба, па тој после една година си заминува. Скот Паркер дојде на Стемфорд Бриџ како еден од најголемите фудбалски таленти во Англија, не доби шанса и си замина. Хернан Креспо и Хуан Себастијан Верон се едни од најдобрите играчи на своите позиции во светот на фудбалот изминативе 5-6 години. Тие дојдоа, не добија шанса и си заминаа. Муту дојде во Челзи, исто така не доби шанса да игра, а ниту пак ја доби поддршката на клубот кога му беше најтешко и беше отпуштен. Низ Челзи изминативе сезони поминаа и заминаа многу играчи и никој нема да понесе убави спомени од Лондон. Тоа е уште еден факт кој ги плаши потенцијалните засилувања на Мурињо за следната сезона.
На крај доаѓа ароганцијата на Челзи. На два пати оваа година сакаа да ги заобиколат правилата, најпрво да дојдат нелегално до услугите на Ешли Кол, и откако беа разоткриени и ригорозно казнети, повторно се обидоа на ист начин да дојдат до Френк Арнесен, спортскиот директор на Тотенхем. Овој факт ја намалува волјата на останатите клубови да влегуваат во преговори со Челзи. Челзи мора да покаже почит кон останатите клубови. Дали се сеќавате какви изјави имаше Мурињо во медиумите напаѓајќи ја екипата на Барселона пред пресметката во ЛШ на секој можен начин? За разлика од овој дуел, треба да го земат за пример дуелот помеѓу Милан и Манчестер Јунајтед на кој се виде колку многу почит имаат големите клубови едни за други.
На крај, Абрамович. Тој планира од Челзи да направи профитабилен клуб во рок од 5 години. Дури и ако ова се оствари, што ќе се случи ако потоа финансиската моќ на Абрамович се намали? Челзи немаат навивачи низ целиот свет како Манчестер Јунајтед или Реал Мадрид. Можат ли Челзи да го направат оној чекор од просечена силна екипа до гигант и светска фудбалска сила? Ќе сакаат ли големите фудбалери да настапуваат за Челзи? Ќе можат ли во иднина да си дозволат да плаќаат огромни суми пари за трансфери како сега?
Времето ќе покаже.


П.С. Нова
колумна на МакСпортНет

Фудбал...

02 јули 2005

Со задоволство ќе ве упатам на мојата прва колумна на МакСпортНет, првиот и единствен македонски спортски веб портал со вести од Македонија и светот (покрај НБА Македонија, блогот на почитуваните колеги offchar и Karakash). Па ајде трк таму, прочитајте и имате мејл за коментари.

Поздрав!

Челзи

01 јули 2005

Ех, Челзи! Ја имаа најдобрата сезона во својата историја но ситуацијата е далеку од совршена на Стемфорд Бриџ. Челзи се единствениот светски клуб со можеби неограничени финансии и моќ го купат секој играч кого ќе го посакаат. Сепак, Мурињо иако не сака да признае се соочува со големи главоболки во пресрет на следната сезона. Челзи нема напаѓачи!!! Да, го имаат Дидие Дрогба, кој дојде за 24 милиони фунти(!!!), но не успеа да ги оправда парите вложени во него. Адриан Муту направи глупост и мораше да плати за тоа, но сепак глупост направија и Челзи, кои наместо да му помогнат на еден од најталентираните фудбалери, го отпуштија (!) а потоа за глупоста да биде поголема, откако премина во Јувентус, бараа пари (нормално не ги добија) !? Матеја Кежман си замина, со што Челзи остана само со Дрогба и Гудјонсен кои сеуште се светлосни години далеку од рангот на напаѓачи како Шевченко, Торес, Ето, Анри, Нистелрој и т.н.
Челзи иако заслужува почит од фудбалскиот свет, сепак сеуште е далеку од достигнувањето на нивото на гигант како што се Милан, Јувентус, Манчестер, Реал, Барселона, Баерн... Во текот на сезоната, раководството и Мурињо се покажаа арогантни во многу ситуации и сега летово ќе проследат како сето тоа ќе им се врати.
Изминатиов месец, Челзи беше во преговори со повеќе тимови за купување на напаѓач. Го сакаа Шевченко, а ниту тој сакаше да замине од Милан, ниту пак росоњерите сакаа да го продадат без разлика на парите кои биле понудени. Го посакаа Ето, но Барселона а и Ето едноставно го иссмеаја овој обид на Челзи. Го посакаа Фернандо Торес, кој нормално не се согласи од култна фигура во Атлетико Мадрид да премине во клуб кој не е гигант во вистинска смисла на зборот. Го посакаа Давид Трезеге, но и Јувентус одбија мега-понуда бидејќи тој е клучен играч. Го посакаа Џилардињо, но тој јавно изјави дека не е заинтересиран за Челзи. Нормално дека не доаѓа во предвид и трансфер на Нистелрој или Анри.
Кој ќе биде партнер на 24 милиони фунти (повторно ќе ставам извичници !!!!) вредниот Дрогба во нападот??? Елитните напаѓачи се во елитните тимови кои не сакаат да продаваат. Талентираните (Торес, Џилардињо) не сакаат трансфер во Челзи...
Испадна дека
“Money Can’t Buy You Love” !!! Кој ќе дојде во Челзи, откако сите кои поминаа како напаѓачи кажаа само лоши зборови (Муту немаше поддршка од клубот, на Кежман кој постигна 103 гола во 123 натпревари за ПСВ не му дадоа шанса, Креспо изјави дека не сака да игра за Челзи, дури и Форсел си замина), а покрај тоа, Мурињо цела сезона е во центарот на вниманието со своите арогантни изјави?!
Мурињо кој изјави дека не му е потребен Креспо кога го има Дрогба, сега се обидува да го убеди да игра за Челзи следната сезона! Втора опција е Мајкл Овен.
Мило ми е што следната сезона (според моите прогнози) ќе се покаже дека клуб не може да стане гигант преку ноќ само со пари! Покрај се, пресметајте колку пари потроши Челзи изминативе две години, а со какви играчи располага. На пример, Јувентус ги купи Буфон, Турам и Недвед за 65 милиони евра. Челзи само за Дрогба плати половина од оваа сума!!! Кежман дојде за 9 милиони, а си заминува за околу 5, Верон дојде за преку 15 милиони а си замина скоро за без пари, Креспо дојде за преку 12-13 милиони а ќе си замине за помалку од 6-7 (или на позајмица повторно), Муту дојде без пари и си замина без пари и така натака. Овие бројки се отприлика колку што ме служи сеќавањето, додека точен податок е дека во изминативе 2 сезони, Челзи има -80 милиони евра во трансфери (купени играчи – продадени играчи) што е рекордна сума, за разлика од трансферите кои ги прават сите европски клубови кои не одат во зијан повеќе од 10-тина милиони евра, додека некои одат и во плус.
Абрамович!!! Имаш пари а??? Ај да те видам да освоиш све со пари!!! Неможе со пари да се натпреваруваш против екипи кои се градени со години....

Доста е...што мислите вие за Chel$ea ???