Челзи – Милан досада...

25 јули 2005

Се вратив. Бев во Берово изминативе 5 дена и покрај тоа што се изнадишав чист воздух успеав да гледам и малку pre-season фудбал. Имав можност да следам најпрво пријателски натпревари на Барселона и Реал Мадрид против некои клубови од Азија...

Кај Реал Мадрид ни најмалку не ме импресионираа новите засилувања Диого и Гарсија, додека одбраната им е КАТАСТРОФА. Успеаја да примат 2 гола на едниот натпревар....Салгадо киксира во секоја прилика која ќе му се укаже, Роберто Карлос делува изнервирано и уморно после секој напад на противникот додека за Павон и компанија не би сакал ни да коментирам. Средниот ред играше ОК со Гравесен и Бекам поповлечено, додека Зидан играше како полу-шпиц. Една работа која не ја разбирам е тоа што Реал го купува Робињо, а ги има Раул (недопирлив), Роналдо и Овен (најдобар фудбалер на Реал на пријателскиве). Како и да е...иронијата беше што Реал ќе изгубеше од некои си Бејџинг Хјундаи да не беа головите на Фиго и Гути – играчи кои треба да заминат од Мадрид.
Барселона изигра сосема солидно, иако поради многуте измени не можеше некој посебно да се истакне. Победија 3-0 во натпревар од кој најпозитивен впечаток ми оставија Макси Лопез, Чави и Едмилсон.
Е доаѓаме сега до
најјакиот натпревар. Ја следев пријателската меѓу Милан и Челзи во Бостон. Едвај чекав да почне натпреварот...за после првото полувреме едвај да чекам да заврши. Подосаден натпревар не сум гледал во последниве 2-3 години. Во текот на целиот натпревар, Милан скоро и да немаше сериозна шанса, додека Челзи имаше максимум 2-3 од кои Робен искористи една ситуација кога се најде осамен на работ од 16-кот и ја погоди мрежата на месечарот Елефтеропулос (или како и да му беше точно името на тој Гркот).
Еве за Челзи: не ме изненадија бидејќи ја играа својата игра
утепај го противникот на средината од теренот. Опасните акции ги направија стандардно по крилните позиции преку Робен и Даф (Рајт Филипс). Одбраната си беше на ниво двете полувремиња (и кога играше Тери и кога беше на клупа). Светли точки: Робен, Рајт Филипс и Карлтон Кол. Ме разочара Гудјонсен.
Милан: играа НИШТО! Сепак морам да го
пофалам Бобо Виери што ми го направи натпреварот колку-толку интересен бидејќи беше главен ЦИРКУЗАНТ на теренот. Човекот не се виде! Во малкуте прилики во кои доби топка или ја додаваше на противнички играч или ја промашуваше топката. Беше неверојатно спор, па доколку тој тргнеше во контра напад, јас да бев коментатор ќе речев: Виери трга во контра напад, ние одиме со блок реклами додека тој да стигне до шеснаесетникот на Чех кој пие кафе со соиграчите од одбраната. Гатузо ја носеше капитенската лента и успеа да добие црвен картон откако проба да го прати во пензија Џо Кол со еден лизгачки старт. Стам и Неста беа на висина на задачата, но Шимиќ успеа да го расипе впечатокот за одбраната на Милан. Дида не бранеше, а Елефтеропулос бранеше во стилот на Петар Милошевски.

Како и да е...ова се само подготвителни натпревари. Јас се спремам за Работнички – Локомотив. Имам некое добро пречувство за натпреварот. Ќе можеме ли да ги надиграме Лошков, Исмаилов и Сичев?! Зашто да не... :)