Работнички Кометал !!!

13 јули 2005

Бидна! Работнички го прегази Сконто со 6-0. Прво ќе ве упатам на МакСпортНет за тие што не беа на стадион (срам да ви е!) да си прочитаат извештај од натпреварот, изјави по натпреварот и неколку слики од натпреварот, навивачите и прес-конференцијата.

Веднаш да ви кажам дека доколку не бевте на стадион, тогаш го пропуштивте најдобриот натпревар што досега некоја македонска екипа го одиграла (вклучувајќи ја и репрезентацијата).

Најпрво за Работнички: Одлична физичка и тактичка подготвеност. Се играше испланирано, а не на памет. Играчите трчаа во исто темпо цели 90 минути. Голманот Маџовски одбрани 3-4 одлични удари на Сконто (од слободните удари), одбраната беше на ниво – кога не можеше да интервенира, тогаш на време правеше фаули надвор од шеснаесетник, страничните бекови во вистински моменти знаеја да повлечат напред. Средниот ред на чело со Игњатов функционираше беспрекорно и доминираше во тој дел од теренот. На почетокот Трајчов малку беше збунет, но подоцна и тој влезе во ритам. Крилните играчи во текот на сите 90 минути имаа сила и експлозивност да повлечат напред, да издриблаат и да нафрлат а напаѓачите ги искористија шансите. Како никогаш досега, македонска екипа одигра 90 минути силен физички фудбал со многу трчање. Немаше грешки во додавањата, акциите течеа беспрекорно и испланирано, секој си знаеше што му е задачата. Работнички функционираше како швајцарски саат, и со одлична тимска игра дојде до заслужена победа. Како што рече тренерот на гостите на пресот после натпреварот: Неможам да издвојам ниеден поединец, целата екипа функционираше како еден играч.

Сконто Рига: Го почнаа натпреварот дефанзивно и единствените шанси што ги имаа во 1-во полувреме беше кога ќе повлечеа контра, па беа фаулирани надвор од шеснаесетник. Слободните удари ги изведуваа добро, но Маџовски бранеше подобро. Првото полувреме играа во линија, т.е. никој од одбраната не повлекуваше напред и беа статични (кога ние ќе се повлечевме малку за да ги извлечеме надвор, одбраната сепак си беше со 4-ца играчи во линија). Со вака поставена одбрана, добро се држеа и правеа паметни ситни фаули на средината на теренот не дозволувајќи да ја превземеме иницијативата. Во второто полувреме кога веќе губеа со 2-0, бидејќи беа фаворити пред натпреварот, се решија да се отворат и да нападнат. Тука беше клучната грешка, бидејќи тие на сметка на средниот ред го засилија нападот, и Работнички ја искористи слабоста и ја превзема иницијативата на средината и го отсече нападот на гостите. Нивната бековска линија почна да се растура откако страничните бекови почнаа да повлекуваат напред за да му помогнат на средниот ред и ние тука ги фативме.

Сите голови (освен пеналот на Игњатов и првиот гол на Нухиу по мешаницата по корнер) беа постигнати од одлични акции, со по некое двојно додавање и создавање на играч вишок... и... 6-0!!!

Сега сите ќе си го постават прашањето: Дали Работнички Кометал е толку многу силен, или пак Сконто Рига е очајно слаба екипа.

Јас би одговорил: Работнички е силен и е подобар од Сконто со капацитет за некоја победа од 4-0, а тука ако ја додадеме лошата вечер на Сконто, плус 2 гола во нивната мрежа = 6-0.

Што мислите вие?!

3 коментари:

Blogger Shepard рече...

Абе ова ради допингов а :)

Шала на страна.. ај ќе ги вииме со Русите.

17:53  
Anonymous Анонимен рече...

MNOGU SMO JAKI BAAAAAAA

14:04  
Anonymous Анонимен рече...

селекторе, што се изгуби бе?

17:58  

Објави коментар

<< Дома