БРАВО!!!

13 октомври 2005

Браво Македонија! Запамтете го денешниот датум бидејќи денеска го остваривме најдобриот резултат во нашата фудбалска историја. Останавме непоразени на гости против 2-та по сила репрезентација во светот, единствена во светот која квалификацискиот циклус за пласман на СП 2006 го заврши без пораз. Во моментов уживам во овој успех и не ме интересира ништо друго. Јас славам, незнам дали и вие славите?! Поопширен коментар за натпреварот и осврт на изминатите квалификации ќе дадам деновиве, сакам да поуживам и да се порадувам. Пишете ваш коментар, под услов да не биде од типот “ни попуштија, не им требаше победа“ или “џабе со Холандија кога загубивме од Андора“.... тоа ни е на сите јасно, нема потреба од такви зборови во овие (ретко) убави моменти за мак-фудбалот.

Холандија – Македонија

11 октомври 2005

Еве дојде и последниот натпревар од уште еден квалификациски циклус (неуспешен). Работите стојат вака: гостуваме во Амстердам на еден од најубавите стадиони во Европа (според мене) и на втората репрезентација на ранг-листата на ФИФА – Холандија.
  1. Изборот на в.д. селекторот не го поддржувам. Со повикувањето на “старците“ Бабунски според мене само докажа дека наместо на младите репрезентативци кои се иднината да им овозможи да одиграат натпревар со втората по квалитет репрезентација на светот и да стекнат огромно искуство, се реши со играчи од минатото (Шаќири, Христов и компанија на стартот на идниот циклус ќе имаат по 32-33 години а во финишот на циклусот и повеќе) да се обиде да направи каков-таков добар резултат (ако се случи некое чудо) и да собере некој поен за евентуално да се наметне за целосно превземање на функцијата селектор која реално не ја заслужува (Никакво тренерско искуство во ниедна екипа).
  2. Холандија во моментов игра најдобар фудбал во Европа (нека смее некој да каже дека не е така!). Ги изгазија Чешка со 0-2 на гости и немаат ниту еден пораз во квалификациите (единствена селекција без пораз). Реално, ние немаме што да бараме во Амстердам, но мора да се излезе на теренот храбро и без преценување и респект за противникот и да се бранат со гордост боите на нашата земја. Ова е шанса за едно одлично искуство за сите и мора да се игра растеретено бидејќи и да бидеме поразени со 1-0 или со 10-0 ние немаме што да изгубиме.
  3. Мојот предлог за првиот тим кој треба да истрча во Амстердам:

Голман: Милошевски (па и Кметовски – сеедно)

Одбрана: Васовски, Новевски, Седловски, Вајс (четворица во линија строго посветени на одбраната, без никакви офанзивни излети)

Среден ред: Шумоликовски и А. Митревски како дефанзивни играчи во средниот ред, Трајчов и Дарко Тасевски да играат поофанзивно со поголема слобода во играта.

Напад: Илчо Наумовски и Горан Пандев (со тоа што Пандев би се враќал и малку назад да потпомогне во градењето на акциите).

Ајде да видиме што ќе биде. НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!!!

Тренери, педери...

04 октомври 2005

Почнува делот од сезоната во кој многу работи стануваат појасни. Најпрво, овој месец е конечно месецот по чие завршување ќе ги знаеме директните патници на Светското Првенство во Германија 2006 година. Друга работа е одигрувањето на 3-тото коло (некаде на средина на октомври) и 4-тото коло (крај октомври-почеток ноември) од фазата по групи во Лигата на Шампионите, па оттаму, веќе ќе се искристализира сликата барем за првите сигурно испаднати екипи, а нема да биде тешко и да се процени кои тимови имаат најголеми шанси за осмина-финале. Овој месец во сите првенства ширум Европа ќе се комплетираат по околу 10-тина кола и веќе се знае кој е кој во борбата за новите титули. Во Англија и Италија, Челзи и Јувентус изгледаат (барем засега) незадржливо, слично е и во Германија со Баерн Минхен, во Шпанија е општ хаос на табелата – ќе треба барем уште 5-6 недели за да се види кој ќе се “брка“ на врвот, во Франција ПСЖ изненадија со стартот и по подолго време ќе бидат конкуренти за титула (не заборавајте дека и Лион е тука).

Како и да е, токму поради овие работи, октомври е месец на отпуштање тренери! Мој фаворит за отпуштање е Дејвид Мојес од Евертон – дефинитивно. Целта на постов ми беше токму тоа – да се запрашам колку кредит еден тренер може да искористи пред да добие клоца и зашто?

Евертон успеа да се пласира во ЛШ минатата сезона и тоа е успех кој никој не му го заборава на Мојес. НО, оваа сезона имаат само една победа и се на дното на табелата плус играта на Евертон е катастрофа, ефикасност – нула.... Муабетот ми беше: Ако Евертон минатата година имаше просечна сезона (средина на табела 9то до 14 место) дали Мојес во моментов (после толку слаб старт) сеуште ќе седеше на клупата? Мој одговор: НИКАКО, ќе добиеше отказ уште после 4-тиот пораз. Многу се нервирам исто така и за Барселона. Таму треба да го “вклучат алармот“. Нешто не ми штима во составот на Рајкард и се плашам дека и тој доколку почне да прави глупости ќе добие премногу време за да ги поправи па битката за титулата да биде загубена уште пред полу-сезоната. Од друга страна, ме радува што Интер конечно успеаја да издржат со еден тренер на клупата цела сезона + 6 натпревари. Иако моето мислење за Манчини е дека тој сеуште е незрел, неподготвен, недоволно тактички поткован и неискусен да седи на клупата на еден гигант како Интер, сепак за поздравување е континуитетот на работа (нешто што го немаше во Интер последниве 5-6 години) под водство на еден тренер и со ист костур на играчи. Сепак, мислам дека ќе се сложите дека Манчини не би можел да надмудри еден Капело, Бенитез, Фергусон...

Утре одам на Македонија ЃП – Вардар, дуел за првата позиција во Македонската фудбалска лига. Ако до сега не сте гледале некој натпревар на Вардар, Македонија ЃП или Работнички Кометал, ОБАВЕЗНО да се нацртате на Градски или во Ѓорче на малку македонски фудбал. Можеби нема да ми верувате и ќе се смеете ама се играат одлични натпревари и ова ќе биде најинтересно првенство во последниве 4-5 години (ако не и повеќе).
Значи утре имате избор каде да одите од 15:00 часот: На Градски игра Работнички – Победа, а во Ѓорче Петров играат Македонија – Вардар. Инаку да ви посочам само дека Работнички, Вардар и Македонија ЃП се израмнети по бодови на врвот на табелата.