Пропуштена шанса

18 јули 2006

Го дочекавме крајот на најголемиот скандал во историјата на фудбалот. Јувентус, Милан, Фиорентина и Лацио во својата богата историја, покрај фудбалските легенди и титулите, запишаа и едно неславно поглавје. Еден затворен круг на луѓе си дозволи да остави црна дамка на прекрасните истории на овие клубови.

Останува впечатокот дека ова го дозволија сите кои се вмешани во фудбалот во Италија. Сега стана јасно дека многумина замижувале пред нечистите игри и оставале да се одвиваат. Оние кои дозволија ова да се случи, засекогаш ќе живеат со мислата дека можеле да го спасат фудбалот во Италија на време, пред да биде предоцна.

Италија ја имаше таа среќа што оваа година се укажа можност за конечно расчистување на нечистотиите во фудбалот. Оваа шанса беше една и единствена и можеби никогаш повеќе нема да се повтори. Имаше докази, имаше сведоци, имаше обвиненија... но немаше акција. Да, казнети беа Јувентус, Милан, Фиорентина и Лацио како и 20-тина луѓе кои биле вмешани во нечистите игри но фудбалот во Италија не доби ништо а пропушти многу.

Не доби ништо бидејќи само привремено тргна од сцената 20-тина фаци кои го преселија фудбалот на телефонски линии. Пропушти многу бидејќи ја пропушти шансата од корен да ги уништи структурите кои го уништија фудбалот.

Дали навистина верувате дека само 20-тина луѓе (по 2-3 од секој клуб и по некое официјално лице и судија) му го сторија ова зло на фудбалот? Дали е можно од илјадници официјални претставници на клубовите, судии и членови на фудбалската и судиската асоцијација само 20-тина да го направиле сето ова. Јас не верувам.

Сега за сега, најголеми губитници се фудбалските фанови и фудбалерите. Времето ќе покаже дали Италија конечно се справи со злото во фудбалот, или само привидно го среди нередот кој беше создаден и остави простор за нешто слично во иднина.

Дали на крајот има победници или сите се лузери? Клубовите кои беа нечисти ги добија своите казни. Тие во секој случај се лузерите. Можеби некои клубови како Интер и Рома се привидни “победници“ во целата ситуација, но факт е дека и тие не добија ништо. Какво ќе биде тоа скудето на Интер без Милан и Јуве како конкуренти? Сите останати клубови во Серија А кои имаат огромни финансиски проблеми индиректно ќе бидат оштетени бидејќи главниот приход кој го имаат од ТВ-правата ќе им биде драстично намален со отсуството на Јуве, Лацио и Фиорентина. Гледаноста и популарноста на Серија А драстично ќе опадне во годината кога требаше драстично да порасне (по победата на Италија на СП). Помалку дерби-натпревари, помалку возбуда, помалку пари за оние кои останаа во Серија А.

Дали некој воопшто доби нешто во целата ситуација? Мојот одговор сега за сега е НЕ.

Technorati: Фудбал, СеријаА, Скандал.

Зидан: најдобриот на сите времиња!

11 јули 2006

Зинедин Зидан е најдобриот фудбалер на сите времиња. До овој заклучок дојдов по малку подлабоко размислување за кариерата на Зизу. Ќе почнам од она што е актуелно деновиве: неговиот испад во финалето на Светското првенство.

Она што Зидан го направи за мене (а и за сите малку повеќе упатени во фудбалот) не претставуваше апсолутно никакво изненадување. Во текот на неговата блескава кариера, Зизу редовно прави вакви инциденти и иако на теренот секогаш е фокусиран и смирен, тој многу пати докажал дека има многу незгоден темперамент. Хронолошки ќе ги наведам 10-те најконтраверзни ситуации во кои Зизу се најде во текот на својата кариера пред финалето на СП.

1993 год - на натпревар помеѓу Бордо и Марсеј, Зидан доби удар со лакт од Десаи во еден воздушен дуел. Откако двајцата фудбалери станаа на нозе, Зидан со бокс го нокаутираше Десаи по што заработи суспензија.
1995 год - откако Торстен Финк стартуваше грубо над него на натпреварот Бордо - Карлсруе, Зидан едноставно му влепи шлаканица по што заработи црвен картон и суспензија.
1995 год - при водство на Бордо од 2:1 на еден натпревар, Зидан со лизгачки старт му ја искрши ногата на еден противнички фудбалер по што доби црвен картон а противничкиот фудбалер (мислам дека се викаше Менди) ја заврши фудбалската кариера. На истиот натпревар, со играч помалку, Бордо загуби со 3:2.
1996 год - црвен картон на натпреварот против Перуџа поради два премногу груби лизгачки стартови со кои повреди двајца противнички фудбалери кои мораа да ја напуштат играта.
1997 год - беше исклучен на натпреварот Парма - Јувентус откако се степа со Енрико Киеза. И двајцата заработија црвен картон но Киеза го извлече подебелиот крај во тепачката.
1998 год - на Светското првенство доби црвен картон на натпреварот против Саудиска Арабија. При еден лизгачки старт на противнички фудбалер, Зидан скокна за да го избегне и потоа крвнички доскокна на нозете на противникот.
1999 год - уште еден директен црвен картон поради груб фаул одзади во 92-та минута кога неговиот тим веќе ја имаше обезбедено победата.
2000 год - на натпреварот против Депортиво, Зидан со “ѓон“ влета кон главата на Емерсон но за среќа го промаши. Доби директен црвен картон и потоа даде една од неговите попознати изјави “Признавам дека бев испровоциран и сакав да го удрам Емерсон во главата, но, бидејќи не го погодив, не заслужив црвен картон“.
2000 год - направи потег кој е најсличен со оној што го направи во финалето врз Матераци. Откако беше грубо фаулиран на натпреварот Јувентус - Хамбургер, Зидан со глава ја скрши вилицата на противничкиот фудбалер Кинц. Тоа беше 10-тиот црвен картон во неговата кариера.
Зидан отсекогаш бил груб и пред се цврст фудбалер. Токму во неговата цврстина мислам дека лежи тајната на неговиот успех. За разлика од сите останати фудбалери слични на него, тој е многу покорпулентен и цврст што не е карактеристично за плејмејкерите.

Зашто мислам дека Зидан е најдобриот фудбалер на сите времиња? Никогаш не сум ги гледал Пеле и Марадона и верувам дека според самата игра на теренот, не може да се прави споредба на фудбалери кои играле во 3 сосема различни периоди од времето. Затоа, споредувајќи ги успесите во текот на кариерите, Зизу е далеку пред нив. Од трите клуба во кои играше, со два успеа да освои се што може да се освои. Скудето, Куп, Лига на шампиони, Интерконтинентален Куп и Суперкуп со Јувентус а потоа титула во Шпанија, Куп, Лига на шампиони и уште еден Интерконтинентален Куп со Реал Мадрид. Со репрезентацијата, Зизу исто така се што можеше да се освои: Светско и Европско првенство. Од индивидуални награди, колекцијата на Зизу е комплетна: Златна топка од СП, Златна топка од Франс Фудбал, Најдобар фудбалер според ФИФА...

Ако се земе во предвид и конкуренцијата во денешниот клупски и репрезентативен фудбал, јасно е колкава вредност имаат овие трофеи. За разлика од него, Пеле и Марадона никогаш не постигнале нешто спектакуларно со своите клубови а исто така имале среќа да играат во период кога нивните репрезентации доминирале во светот на фудбалот.

Токму затоа, Зинедин Зидан според мене е најдобриот фудбалер на сите времиња. Не е мој омилен фудбалер и никогаш не бил, но, за мене е најдобар. Она што го направи во финалето на Светското првенство никогаш нема да фрли сенка на се што постигна во кариерата.

Merci Zizou


Technorati:Зидан, СП2006, Фудбал, Пеле, Марадона.

Италија!

10 јули 2006

Италија е најсилната фудбалска нација на планетава! Тоа е исходот од 18-тото Светско првенство во фудбал. Оваа генерација на фудбалери беше зрела за еден ваков успех и го оствари својот потенцијал.

Светското првенство е нешто посебно. Без разлика какви кариери имале фудбалерите, низ историјата освојувачите на Светското првенство секогаш ќе бидат пред оние кои доживеале успех на клупско ниво. Реално, Светското првенство никогаш не нудело (и нема ни да понуди) фудбал кој ќе биде поквалитетен од оној во Лигата на шампионите или во дерби-натпреварите од најсилните првенства. Тоа е сосема нормално земајќи го во предвид фактот дека репрезентациите се составени од фудбалери кои играат во различни клубови, различни лиги и се собираат заедно само неколку пати во годината. Она што го прави Светското првенство толку посебно е натпреварувањето помеѓу нациите. Борбата за престиж и за докажување.

Светското првенство е моментот кога сите фудбалски фанови се здружуваат заедно да ја бодрат својата нација на патот до трофејот. На крајот само едни се радуваат. Овој пат, тоа беше Италија. Морам да кажам дека тие беа моите фаворити, не затоа што имам симпатии кон оваа земја туку едноставно имам симпатии кон фудбалерите. Мерак ми е што во историјата ќе биде запишано дека мојот омилен фудбалер (Дел Пиеро) го освоил СП. Мерак ми е што фудбалери како Канаваро, Неста, Буфон, Ѕамброта, Пирло, Гатузо, Тоти и Инзаги ќе бидат вечно запишани во историјата како Светски шампиони. Оваа генерација фудбалери обележи еден период во историјата на фудбалот и заслужи да се најде на врвот на фудбалскиот свет.

За Зинедин Зидан планирам посебен пост, вечерва или утре кога малку ќе спласне еуфоријата. Првичен впечаток е дека тоа што го направи беше криминал и беше непростливо. Според мене, заедно со Канаваро беше најдобриот фудбалер на ова СП и очекував гласањето за Златна топка да заврши со тесен резултат. Сепак, кога го доби црвениот картон во финалето, навистина мислев дека голем дел од новинарите ќе се решат да не го дадат својот глас за него. На крај, Зизу имаше 35 гласа повеќе од Канаваро. Штета.


Technorati: Фудбал, Светско првенство, Италија, шампион, Зидан, Канаваро.

Кладилници и квази-фанови

07 јули 2006

Инспириран од постот на колегата Ултрас решив и јас да ви пренесам два настана што даваат вистинска слика за тоа што му сторија кладилниците на фудбалот и колку вистински фанови на фудбалот има во нашата земја.

Со нетрпение ја очекував ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2008 во кои ќе се најде и нашата фудбалска репрезентација. Уште кога беа објавени “шеширите“, направив некои свои пресметки каква група за нас би била идеална т.е. против какви противници би оствариле најдобар резултат. Дојде денот на ждрепката, стиснав палци и отидов во кладилница бидејќи дома ми беше во дефект кабловската и неможев да гледам во живо.

Во нашата група влегуваат Андора, Естонија и Израел- си велам ОК, супер. Потоа следеше Русија што малку ме разочара за конечно мојата надеж за полесни противници да се сруши со влегувањето на Хрватска во групата. Последната шанса за нашата група да биде колку-толку полесна беше Грција од првиот шешир (најслаба репрезентација од најсилниот шешир, таму се бидејќи го освоија ЕП). Но, немавме среќа - ја добивме Англија. Во моментот кога го прочитаа името Англија, во кладилницата се случи таква еуфорија како веќе да сме го освоиле Европското првенство. Срамота. Трагедија. Ми стана јасно колку во нашава земја постојат “вистински“ фанови на фудбалската репрезентација. На сите им беше поважно да ги видат англиските ѕвезди на Градски одошто да оствариме добар резултат.

Втората ситуација е малку поодамна на стартот на изминативе квалификации за СП 2006. По почетната победа против Ерменија дома со 3-0 и по првото искачување на првото место во групата во нашата историја, следеше натпреварот Романија - Македонија. Го следев во маалскиот “кафиќ“ каде што секогаш гледам фудбал. Романија водеше со 1-0 но со голот на Васовски ние израмнивме на 1-1. Радост. Еуфорија. Со неколкуте другари со кои гледав не можевме да се совземеме и стискавме палци да го задржиме нерешениот резултат до крајот. Каков прекрасен старт на квалификациите ќе беше тоа. 90та минута. Слободен удар за Романија на работ од нашиот шеснаесетник. Последна шанса за домаќините, доколку се одбраниме ќе се вратиме со бод во Скопје. Сепак, Муту постигна мајсторски гол за победа...и тогаш...еден тип скока од радост!!! (???) Сите се вртиме кон него со чудење и првата мисла ми беше дека се работи за некој од Романија па во ред е да се радува на победата на својата репрезентација. Но, испадна дека човекот ја одиграл 1 (кец) во кладилница и со победата на Романија заработил околу 1.000 денари. Коефициентот за победа на Романија беше 1.35 - значи за дополнителна добивка од 150-тина денари, типов изиграл против Македонија и згора на тоа се радува на нашиот пораз.

Дали треба нешто повеќе да објаснам... Истите овие луѓе доаѓаат на стадион и чекаат да примиме гол за да можат да почнат да јадат бурек за репрезентацијата, да бараат оставки и сл. Дали погодувате што би му се случило на еден Англичанец, Италијанец, Турчин, Хрват, Шпанец или било кој друг во ваква ситуација? Ова покажува колку малку се луѓето кои вистински и искрено посакуваат успеси на нашата репрезентација. Колку повеќе вакви луѓе, толку помалку овој народ заслужува силна репрезентација и успеси во фудбалот.


Technorati: Кладилница, Репрезентација, Македонија, Фудбал, Фанови, Квалификации.