Кладилници и квази-фанови

07 јули 2006

Инспириран од постот на колегата Ултрас решив и јас да ви пренесам два настана што даваат вистинска слика за тоа што му сторија кладилниците на фудбалот и колку вистински фанови на фудбалот има во нашата земја.

Со нетрпение ја очекував ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2008 во кои ќе се најде и нашата фудбалска репрезентација. Уште кога беа објавени “шеширите“, направив некои свои пресметки каква група за нас би била идеална т.е. против какви противници би оствариле најдобар резултат. Дојде денот на ждрепката, стиснав палци и отидов во кладилница бидејќи дома ми беше во дефект кабловската и неможев да гледам во живо.

Во нашата група влегуваат Андора, Естонија и Израел- си велам ОК, супер. Потоа следеше Русија што малку ме разочара за конечно мојата надеж за полесни противници да се сруши со влегувањето на Хрватска во групата. Последната шанса за нашата група да биде колку-толку полесна беше Грција од првиот шешир (најслаба репрезентација од најсилниот шешир, таму се бидејќи го освоија ЕП). Но, немавме среќа - ја добивме Англија. Во моментот кога го прочитаа името Англија, во кладилницата се случи таква еуфорија како веќе да сме го освоиле Европското првенство. Срамота. Трагедија. Ми стана јасно колку во нашава земја постојат “вистински“ фанови на фудбалската репрезентација. На сите им беше поважно да ги видат англиските ѕвезди на Градски одошто да оствариме добар резултат.

Втората ситуација е малку поодамна на стартот на изминативе квалификации за СП 2006. По почетната победа против Ерменија дома со 3-0 и по првото искачување на првото место во групата во нашата историја, следеше натпреварот Романија - Македонија. Го следев во маалскиот “кафиќ“ каде што секогаш гледам фудбал. Романија водеше со 1-0 но со голот на Васовски ние израмнивме на 1-1. Радост. Еуфорија. Со неколкуте другари со кои гледав не можевме да се совземеме и стискавме палци да го задржиме нерешениот резултат до крајот. Каков прекрасен старт на квалификациите ќе беше тоа. 90та минута. Слободен удар за Романија на работ од нашиот шеснаесетник. Последна шанса за домаќините, доколку се одбраниме ќе се вратиме со бод во Скопје. Сепак, Муту постигна мајсторски гол за победа...и тогаш...еден тип скока од радост!!! (???) Сите се вртиме кон него со чудење и првата мисла ми беше дека се работи за некој од Романија па во ред е да се радува на победата на својата репрезентација. Но, испадна дека човекот ја одиграл 1 (кец) во кладилница и со победата на Романија заработил околу 1.000 денари. Коефициентот за победа на Романија беше 1.35 - значи за дополнителна добивка од 150-тина денари, типов изиграл против Македонија и згора на тоа се радува на нашиот пораз.

Дали треба нешто повеќе да објаснам... Истите овие луѓе доаѓаат на стадион и чекаат да примиме гол за да можат да почнат да јадат бурек за репрезентацијата, да бараат оставки и сл. Дали погодувате што би му се случило на еден Англичанец, Италијанец, Турчин, Хрват, Шпанец или било кој друг во ваква ситуација? Ова покажува колку малку се луѓето кои вистински и искрено посакуваат успеси на нашата репрезентација. Колку повеќе вакви луѓе, толку помалку овој народ заслужува силна репрезентација и успеси во фудбалот.


Technorati: Кладилница, Репрезентација, Македонија, Фудбал, Фанови, Квалификации.