Зидан: најдобриот на сите времиња!

11 јули 2006

Зинедин Зидан е најдобриот фудбалер на сите времиња. До овој заклучок дојдов по малку подлабоко размислување за кариерата на Зизу. Ќе почнам од она што е актуелно деновиве: неговиот испад во финалето на Светското првенство.

Она што Зидан го направи за мене (а и за сите малку повеќе упатени во фудбалот) не претставуваше апсолутно никакво изненадување. Во текот на неговата блескава кариера, Зизу редовно прави вакви инциденти и иако на теренот секогаш е фокусиран и смирен, тој многу пати докажал дека има многу незгоден темперамент. Хронолошки ќе ги наведам 10-те најконтраверзни ситуации во кои Зизу се најде во текот на својата кариера пред финалето на СП.

1993 год - на натпревар помеѓу Бордо и Марсеј, Зидан доби удар со лакт од Десаи во еден воздушен дуел. Откако двајцата фудбалери станаа на нозе, Зидан со бокс го нокаутираше Десаи по што заработи суспензија.
1995 год - откако Торстен Финк стартуваше грубо над него на натпреварот Бордо - Карлсруе, Зидан едноставно му влепи шлаканица по што заработи црвен картон и суспензија.
1995 год - при водство на Бордо од 2:1 на еден натпревар, Зидан со лизгачки старт му ја искрши ногата на еден противнички фудбалер по што доби црвен картон а противничкиот фудбалер (мислам дека се викаше Менди) ја заврши фудбалската кариера. На истиот натпревар, со играч помалку, Бордо загуби со 3:2.
1996 год - црвен картон на натпреварот против Перуџа поради два премногу груби лизгачки стартови со кои повреди двајца противнички фудбалери кои мораа да ја напуштат играта.
1997 год - беше исклучен на натпреварот Парма - Јувентус откако се степа со Енрико Киеза. И двајцата заработија црвен картон но Киеза го извлече подебелиот крај во тепачката.
1998 год - на Светското првенство доби црвен картон на натпреварот против Саудиска Арабија. При еден лизгачки старт на противнички фудбалер, Зидан скокна за да го избегне и потоа крвнички доскокна на нозете на противникот.
1999 год - уште еден директен црвен картон поради груб фаул одзади во 92-та минута кога неговиот тим веќе ја имаше обезбедено победата.
2000 год - на натпреварот против Депортиво, Зидан со “ѓон“ влета кон главата на Емерсон но за среќа го промаши. Доби директен црвен картон и потоа даде една од неговите попознати изјави “Признавам дека бев испровоциран и сакав да го удрам Емерсон во главата, но, бидејќи не го погодив, не заслужив црвен картон“.
2000 год - направи потег кој е најсличен со оној што го направи во финалето врз Матераци. Откако беше грубо фаулиран на натпреварот Јувентус - Хамбургер, Зидан со глава ја скрши вилицата на противничкиот фудбалер Кинц. Тоа беше 10-тиот црвен картон во неговата кариера.
Зидан отсекогаш бил груб и пред се цврст фудбалер. Токму во неговата цврстина мислам дека лежи тајната на неговиот успех. За разлика од сите останати фудбалери слични на него, тој е многу покорпулентен и цврст што не е карактеристично за плејмејкерите.

Зашто мислам дека Зидан е најдобриот фудбалер на сите времиња? Никогаш не сум ги гледал Пеле и Марадона и верувам дека според самата игра на теренот, не може да се прави споредба на фудбалери кои играле во 3 сосема различни периоди од времето. Затоа, споредувајќи ги успесите во текот на кариерите, Зизу е далеку пред нив. Од трите клуба во кои играше, со два успеа да освои се што може да се освои. Скудето, Куп, Лига на шампиони, Интерконтинентален Куп и Суперкуп со Јувентус а потоа титула во Шпанија, Куп, Лига на шампиони и уште еден Интерконтинентален Куп со Реал Мадрид. Со репрезентацијата, Зизу исто така се што можеше да се освои: Светско и Европско првенство. Од индивидуални награди, колекцијата на Зизу е комплетна: Златна топка од СП, Златна топка од Франс Фудбал, Најдобар фудбалер според ФИФА...

Ако се земе во предвид и конкуренцијата во денешниот клупски и репрезентативен фудбал, јасно е колкава вредност имаат овие трофеи. За разлика од него, Пеле и Марадона никогаш не постигнале нешто спектакуларно со своите клубови а исто така имале среќа да играат во период кога нивните репрезентации доминирале во светот на фудбалот.

Токму затоа, Зинедин Зидан според мене е најдобриот фудбалер на сите времиња. Не е мој омилен фудбалер и никогаш не бил, но, за мене е најдобар. Она што го направи во финалето на Светското првенство никогаш нема да фрли сенка на се што постигна во кариерата.

Merci Zizou


Technorati:Зидан, СП2006, Фудбал, Пеле, Марадона.

2 коментари:

Anonymous Анонимен рече...

Друже фала ти за постов.Јас намерно срамежливо во моите постови пишував за квалитетите на Зидан и зошто другите се далеку зад него, но секогаш по малку бидејќи беше играч на Реал и секој ќе рече дека е претенциозно и навивачки.Затоа и го споредив за момент со Роналдињо како репер за тоа кој фудбалери остануваат запаметени.Пишав нели исто како и ти зошто толку се зборувани Пеле и марадона,бидејќи главното што го постигнале било со триумф на својата репрезентација на големите натпреварувања.Еве конечно и јас ќе речам, Зидан е најголемиот на сите времиња.
п.с(ако си приметил и Роналдињо е исклучително цврст и жилав и ретко кога го соборуваат и кога има по неколку фудбалери,се сеќаваш на голот во Милано кога Гатусо како од ѕид се одби од него а овој асистираше до Жули.

15:08  
Blogger Ико рече...

Јас го пишав тоа што јас го мислам. Некој можеби имал можност да ги гледа и Пеле и Марадона и Зидан и може да каже друга работа. За мене, Зизу е најдобриот на сите времиња...времето ќе покаже колку и дали сум во право...

Роналдињо повеќе е жилав одошто цврст. Сепак ја нема градбата на Зидан кој може на сила да влезе во дуели со далеку поголеми од него...но и тој е доста цврст. Некои како Рикелме или Аимар (сега тие ми текнаа) губат многу дуели само поради тоа што не се корпулентни...

12:06  

Објави коментар

<< Дома