Италија!

10 јули 2006

Италија е најсилната фудбалска нација на планетава! Тоа е исходот од 18-тото Светско првенство во фудбал. Оваа генерација на фудбалери беше зрела за еден ваков успех и го оствари својот потенцијал.

Светското првенство е нешто посебно. Без разлика какви кариери имале фудбалерите, низ историјата освојувачите на Светското првенство секогаш ќе бидат пред оние кои доживеале успех на клупско ниво. Реално, Светското првенство никогаш не нудело (и нема ни да понуди) фудбал кој ќе биде поквалитетен од оној во Лигата на шампионите или во дерби-натпреварите од најсилните првенства. Тоа е сосема нормално земајќи го во предвид фактот дека репрезентациите се составени од фудбалери кои играат во различни клубови, различни лиги и се собираат заедно само неколку пати во годината. Она што го прави Светското првенство толку посебно е натпреварувањето помеѓу нациите. Борбата за престиж и за докажување.

Светското првенство е моментот кога сите фудбалски фанови се здружуваат заедно да ја бодрат својата нација на патот до трофејот. На крајот само едни се радуваат. Овој пат, тоа беше Италија. Морам да кажам дека тие беа моите фаворити, не затоа што имам симпатии кон оваа земја туку едноставно имам симпатии кон фудбалерите. Мерак ми е што во историјата ќе биде запишано дека мојот омилен фудбалер (Дел Пиеро) го освоил СП. Мерак ми е што фудбалери како Канаваро, Неста, Буфон, Ѕамброта, Пирло, Гатузо, Тоти и Инзаги ќе бидат вечно запишани во историјата како Светски шампиони. Оваа генерација фудбалери обележи еден период во историјата на фудбалот и заслужи да се најде на врвот на фудбалскиот свет.

За Зинедин Зидан планирам посебен пост, вечерва или утре кога малку ќе спласне еуфоријата. Првичен впечаток е дека тоа што го направи беше криминал и беше непростливо. Според мене, заедно со Канаваро беше најдобриот фудбалер на ова СП и очекував гласањето за Златна топка да заврши со тесен резултат. Сепак, кога го доби црвениот картон во финалето, навистина мислев дека голем дел од новинарите ќе се решат да не го дадат својот глас за него. На крај, Зизу имаше 35 гласа повеќе од Канаваро. Штета.


Technorati: Фудбал, Светско првенство, Италија, шампион, Зидан, Канаваро.