Георге Хаџи

26 ноември 2006

Оние кои ја пропуштија оваа интересна сторија, еве линк до оригиналот: One of the World's Greatest a Macedonian! како и линк до преведената сторија во Мак. Спорт: Хаџи - еден од најголемите Македонци!



Јас (а верувам и голем дел од вас) знам за ова уште од поодамна. Ми дојдоа некои идеи за Хаџи како можен наследник на Среќко Катанец како наш селектор. Иако е рано да се размислува за тоа, сепак од денешна перспектива ми личи на лоша идеја поради фактот што Хаџи сега за сега има катастрофална кариера како тренер. Беше селектор на Романија и откако не успеа да се квалификува за СП доби отказ. Потоа замина во Бурсаспор (Турција) од каде беше избркан за само неколку месеци поради лошиот старт на сезоната. Една цела сезона беше тренер на Галатасарај и успеа да го освои Купот на Турција, но беше избркан и од таму бидејќи Галатасарај е тим со шампионски, а не куп-амбиции. Се врати во Романија да биде тренер на Политехника Тимисоара и од таму доби отказ по само 4 месеци. Хаџи беше голем фудбалер, но е катастрофа од тренер. Со оглед на сегашните достигнувања, да се надеваме дека Катанец ќе остане со нас што подолго.

Пораз

16 ноември 2006

Тоа ни се случи вчера на Градски. Нема разочарување! Можеби многумина сметаат дека тука е крајот на “медениот месец“ на Среќко Катанец и следува враќање во реалноста, но не смее да има разочарување по поразот од Русија.


Загубивме од тим кој објективно беше посилен од нашиот. Не смееме да се лажеме себеси и да бараме поголем дел од причините за поразот во нашите редови. Русите се индивидуално подобри фудбалери, подобро функционираа како целина и беа физички супериорни. Ако на тоа се додаде одличната тактичка поставеност и многуте индивидуални грешки кај нашите репрезентативци, јасно е дека поразот е реален исход. Вчера на Градски во ниту еден момент не игравме за да заслужиме барем бод. Пораз од 2:0 е реална слика за она што се случуваше на теренот.

Каде да ги бараме причините за поразот? Во нападот недостигаше Илчо Наумоски а со тоа и агресивноста. Зад напаѓачите недостигаше Горан Пандев а со тоа и креативност и фудбалер кој ќе знае да ја задржи топката во своите нозе. Агресивната и физичката игра на Русија дополнително придонесе за многу грешки на нашите репрезентативци. Тактиката која ја постави Среќко Катанец на вроди со плод . Тоа е тоа во кратки црти. Кога ќе ја прегледам снимката од натпреварот ќе се обидам да направам подлабока анализа.



Фудбалерите:
Николовски - Освен еден “кикс“ кога ја загуби топката во својот шеснаесетник, не беше виновник за ниту еден од головите. Со пресинг играта на Русија беше приморан да ја “рога“ топката далеку од својот шеснаесетник наместо акциите да ги започнеме со нашите одбранбени фудбалери.
Седлоски, Митрески, Новески - Само капитенот беше на висина на задачата. Игор Митрески извиси при 2-та гола на Русија: асистираше со глава на првиот и дозволи Аршавин да му избега за вториот гол. Новески беше крајно несигурен со топката и во додавањата и неколку пати ја загуби топката пред нашиот шеснаесетник.
Петров и Лазаревски - “Немаа бензин“ за 90 минути. Иако се можеби најдобро физички подготвени, не можеа да ја издржат борбата со крилните фудбалери и офанзивните странични бекови на Русија. Кога беа во можност да упатат центар-шут во шеснаесетникот на гостите, го правеа тоа многу лошо.
Шумоликоски и А. Митрески - Обидувајќи се да го неутрализираат средниот ред на Русија не можеа да помогнат во организацијата на играта. Контролата на средината на теренот ја загубија уште по 10-тата минута и оттогаш играа строго дефанзивно и само на моменти воспоставуваа контрола во средината. Јанчевски влезе во игра, но се повреди а Гроздановски во краткиот период додека беше на теренот покажа дека неговата физичка подготвеност е на многу повисоко ниво од последниот негов настап во репрезентацијата, но не играше на својата природна позиција и не можеше многу да придонесе.
Шаќири и Тасевски - Оние кои требаше да го заменат Пандев во нашата тактика не успеаја во тоа. Шаќири не се “состави“ со топката во 30-те минути додека беше во игра и Катанец со право го замени. По се изгледа Артим не може да игра на таа плејмејкерска позиција и неговото место е на лево крило каде може да упатува прецизни нафрлени топки. Тасевски има потенцијал но неискуството го чинеше - ја држеше топката во нозете и пробуваше да дрибла кога требаше да додаде и обратно. Му требаат уште многу натпревари во нозете за да го развие својот талент.
Мазнов и Стојков -Тотално отсечени во нападот. Стојков на моменти потсетуваше на својата брзина, но недоволната физичка подготвеност беше причината што го снема во второто полувреме. Мазнов направи шанса од неколкуте добри топки кои ги доби во шеснаесетникот но не успеа да реализира. Тој е напаѓач на кој му треба добра поддршка со точни додавања за да може да постигне гол а таква поддршка вчера немаше.

Среќко Катанец - Се реши да не ја менува тактиката која ни донесе резултати и погреши. Погреши во проценката дека Шаќири и Стојков можат да ги заменат Пандев и Наумоски. Останува впечатокот дека голем дел од вината сноси и самиот тој бидејќи мораше да направи тим со погуста средина за да може да им парира на Русите.



Ќе го завршам овој текст со изјавата на Катанец по натпреварот: “Имаме уште 7 натпревари и 21 бод за освојување. Ќе одиме на победа на секој натпревар“. Не е крај на светот. Можевме и моравме да и парираме подобро на Русија но тоа е тоа. Продолжуваме понатаму. Освен вчерашниот натпревар и оној против Бугарија, на сите останати под водство на Катанец покажавме дека знаеме да играме фудбал и против посилни и против послаби противници.

Сите на стадион!

15 ноември 2006

Македонија ја пречекува Русија во најважниот фудбалски натпревар во историјата на нашата репрезентација. Победа ќе значи прво место во нашата квалификациска група по 5 одиграни натпревари и по тоа се е можно: на дофат ќе ни биде квалификување на Европското првенство во Австрија и Швајцарија.



Упатувам јавен повик да “скрпите“ пари (600, 300 или 100 денари) и да купите билет на плоштад. Знам дека цената на билетите е огромна за нашиот стандард, но да бидеме реални - истите пари ќе ги потрошите викендов за забава во некое кафуле или дискотека. Жртвувајте неколку монотони излегувања во град и дајте и ја поддршката на нашата репрезентација кога најмногу и треба.

Баравте резултати? Резултати има! Баравте добра игра? Имаме добра игра! Сакате да бидете дел од историјата? Дојдете на Градски во 17:00 часот и помогнете и на репрезентацијата да ја пишува историјата!

Напред Македонија!

Сликите од Манчестер

09 ноември 2006

Конечно најдов време да качам на нет дел од сликите од моето патување во Манчестер за натпреварот Англија - Македонија. Подолу можете да ги гледате како слајд-шоу, но бидете трпеливи додека load-ираат сите слики.

Објавен тимот

08 ноември 2006

Селекторот Катанец го објави списокот на фудбалери кои ќе бидат во конкуренција за натпреварот против Русија. Она што е новост е враќањето на Влатко Гроздановски во репрезентацијата.


Список на фудбалери за натпреварот против Русија:
Голмани:
Николоски Јане 12.12.1973 Славен Белупо-Хрватска
Пачовски Томе 28.06.1982 Работнички К.-Македонија
Одбрана
Седлоски Гоце 10.04.1974 Матерсбург-Австрија
Митрески Игор 19.02.1979 Енерџи котбус-Германија
Новевски Николче 26.04.1978 Мајнц-Германија
Васоски Александар 21.11.1979 Ајнтрахт-Германија
Петров Роберт 02.06.1978 ЦСК Софија-Бугарија
Лазаревски Владе 09.06.1983 Гроцлин-Полска
Попов Роберт 16.04.1982 Литекс Бугарија
Среден Ред
Јанчевски Игор 16.09.1974 Енозис Неон-Кипар
Шумуликоски Величе 24.04.1981 Бурсаспор- Турција
Тасевски Дарко 20.05.1984 Металург.Запорожје- Украина
Шакири Артим 23.09.1973 Интер Турку- Финска
Митрески Александар 05.08.1980 Келн- Германија
Влатко Гроздановски 30.01. 1983 Омониа- Кипар
Напад
Стојков Ацо 29.04.1983 Партизан-Србија
Мазнов Горан 22.04.1981 Локерен-Белгиум
Ристиќ Стевица 23.05 1982 Силекс-Македонија

Она што е добра вест за нас е повредата на Игнашевич од ЦСКА Москва. Сакам да се надоврзам и на претходниот текст кој се однесуваше за нашите можни тактички варијанти против Русија. Со враќањето на Гроздановски во репрезентацијата се отвара можноста да се игра класична 4-4-2 со крилни фудбалери. Во една ваква варијанта, Гроздановски би одел лево, Шаќири десно, централни фудбалери во средниот ред би биле Величе и А. Митрески. Но, ќе мораат да се прават промени и во одбраната. Ако се игра со класични крилни фудбалери на клупа би требало да се преселат Петров и Лазаревски а на нивно место покрај Новевски, Седлоски и Митрески ќе влета Васоски со што би играле со 4-ца во линија.

Мене лично не ми се допаѓа оваа варијанта, но се е можно. Се ќе зависи од Среќко Катанец.

За химната

ФФМ објави дека и на овој квалификациски натпревар химната на Македонија ќе биде отпеана во живо. Покрај високата цена на билетите (600 ден.) тоа е втората работа која ме иритира. Каролина Гочева не знае да ја пее химната онака како што треба. Не е исто кога солист пее без музика и кога се пушта само инструменталната верзија па целиот стадион пее како еден хор. Вратете ни ја химната да ја пееме ние фановите!

Кој да го замени Пандев?

03 ноември 2006

За неколку дена следува можеби најважниот натпревар во историјата на нашата фудбалска репрезентација. Ова е мое мислење и мислам дека ќе се сложите дека натпреварот против Русија го заслужува епитетот “најважен“ од проста причина што за прв пат во нашата фудбалска историја се бориме за резултат кој на скоро половина од квалификациите ќе не однесе на врвот на квалификациката група.

Она што нам не засега е каков тим Катанец ќе изнесе на теренот? За прв пат по подолго време ќе го немаме Горан Пандев (и Илчо Наумоски), но ако се сеќавате, првите победи на Катанец против Турција и Еквадор ги остваривме без Пандев во составот. Што сега? Прашањето е дали да се бара замена за неговата конкретна позиција во нашата репрезентација или да се крои нова тактика?



Тасевски?
Дарко Тасевски е решението кое се наметнува само по себе бидејќи секогаш кога Пандев излегуваше од игра на последните неколку натпревари, Тасевски беше неговата замена. Жал ми е што немам конкретни информации на каква позиција точно игра Тасевски во неговиот клуб во Украина. Ако ме прашувате мене, мислам дека е крајно ризичен потег Катанец да се реши да му ја додели улогата на Пандев на младиот и неискусен Тасевски. Не ги оспорувам квалитетите на Дарко, во многу погледи е и подобар од Пандев (пред се техниката и балансот кога е со топка) но со само 10 натпревари во националниот дрес, тој го нема искуството и пред се лидерските квалитети на Пандев. Ако ја превземе неговата улога, секоја акција ќе мора да оди преку него, ќе мора да се носи со повеќе дефанзивци пред шеснаесетникот на противниците, ќе мора дополнително да се уфрла во нападот - не сум сигурен дека Тасевски ќе може да одговори на сите овие обврски.

Кој друг?
Никој! Едноставно немаме фудбалер кој би можел да го игра она што Пандев го игра во нашата репрезентација. Ако Катанец не се реши за задржување на формацијата со Тасевски како замена за Пандев, тогаш ќе мора да се крои сосем нова тактика за Русите. Која ќе биде таа? Какви се вашите мислења? Цела држава сме селектори кога станува збор за националниот тим, па ме интересираше какво е расположението.


Уште се мисли како против Русите или веќе знае?

Дарко Тасевски наместо Горан Пандев или комплетна промена на тактиката?

Против TribalFootball

01 ноември 2006

Oвој портал го открив пред неколку години и бидејќи гледам дека многу луѓе и во последно време медиуми се повикуваат на информациите објавени тука, се решив да ви ги разјаснам работите.


TribalFootball.com е најшпекулантскиот фудбалски веб-портал што некогаш постоел. Едноставно, 99% од се што се објавува е чиста шпекулација и невистина. Многу пати од љубопитност сум споредувал пренесени изјави на фудбалери и тренери и авторите на порталот паѓаат дури на тоа ниво што ги извртуваат зборовите и самите изјави само за да направат атрактивна сторија.

“Најинтересно“ е во преодните трансфер-рокови. Е тогаш може да се прочита се и сешто. Мислев дека е невозможно да се оди до едно такво ниво но пред повеќе од една година авторите на порталот ме деманираа и обзнанија: “Диего Армандо Марадона се враќа на фудбалот“ - замислете каква несериозна сторија. Една извртена изјава на Марадона и луѓето објавија дека човекот во години ќе почнел да тренира со Бока Јуниорс и да се бори за место во првиот тим!!!

Неверојатно! Трагично е што многу наши медиуми го користат овој портал (свесно или несвесно) како “релевантен“ извор на информации. Последната беше наводниот трансфер на Игор Митрески во Манчестер Јунајтед! Уште кога го здогледав насловот во нашиот весник веднаш почувствував дека се работи за инфо од TribalFootball и не погрешив:


“Ексклузивната“ информација (шпекулација) објавена на TribalFootball

Јас (а верувам и вие) и тоа како би сакал нашиот репрезентативец да се пресели во Манчестер, но откако видов каде е објавена информацијата не можам да поверувам дека такво нешто ќе се оствари.