Пораз

16 ноември 2006

Тоа ни се случи вчера на Градски. Нема разочарување! Можеби многумина сметаат дека тука е крајот на “медениот месец“ на Среќко Катанец и следува враќање во реалноста, но не смее да има разочарување по поразот од Русија.


Загубивме од тим кој објективно беше посилен од нашиот. Не смееме да се лажеме себеси и да бараме поголем дел од причините за поразот во нашите редови. Русите се индивидуално подобри фудбалери, подобро функционираа како целина и беа физички супериорни. Ако на тоа се додаде одличната тактичка поставеност и многуте индивидуални грешки кај нашите репрезентативци, јасно е дека поразот е реален исход. Вчера на Градски во ниту еден момент не игравме за да заслужиме барем бод. Пораз од 2:0 е реална слика за она што се случуваше на теренот.

Каде да ги бараме причините за поразот? Во нападот недостигаше Илчо Наумоски а со тоа и агресивноста. Зад напаѓачите недостигаше Горан Пандев а со тоа и креативност и фудбалер кој ќе знае да ја задржи топката во своите нозе. Агресивната и физичката игра на Русија дополнително придонесе за многу грешки на нашите репрезентативци. Тактиката која ја постави Среќко Катанец на вроди со плод . Тоа е тоа во кратки црти. Кога ќе ја прегледам снимката од натпреварот ќе се обидам да направам подлабока анализа.



Фудбалерите:
Николовски - Освен еден “кикс“ кога ја загуби топката во својот шеснаесетник, не беше виновник за ниту еден од головите. Со пресинг играта на Русија беше приморан да ја “рога“ топката далеку од својот шеснаесетник наместо акциите да ги започнеме со нашите одбранбени фудбалери.
Седлоски, Митрески, Новески - Само капитенот беше на висина на задачата. Игор Митрески извиси при 2-та гола на Русија: асистираше со глава на првиот и дозволи Аршавин да му избега за вториот гол. Новески беше крајно несигурен со топката и во додавањата и неколку пати ја загуби топката пред нашиот шеснаесетник.
Петров и Лазаревски - “Немаа бензин“ за 90 минути. Иако се можеби најдобро физички подготвени, не можеа да ја издржат борбата со крилните фудбалери и офанзивните странични бекови на Русија. Кога беа во можност да упатат центар-шут во шеснаесетникот на гостите, го правеа тоа многу лошо.
Шумоликоски и А. Митрески - Обидувајќи се да го неутрализираат средниот ред на Русија не можеа да помогнат во организацијата на играта. Контролата на средината на теренот ја загубија уште по 10-тата минута и оттогаш играа строго дефанзивно и само на моменти воспоставуваа контрола во средината. Јанчевски влезе во игра, но се повреди а Гроздановски во краткиот период додека беше на теренот покажа дека неговата физичка подготвеност е на многу повисоко ниво од последниот негов настап во репрезентацијата, но не играше на својата природна позиција и не можеше многу да придонесе.
Шаќири и Тасевски - Оние кои требаше да го заменат Пандев во нашата тактика не успеаја во тоа. Шаќири не се “состави“ со топката во 30-те минути додека беше во игра и Катанец со право го замени. По се изгледа Артим не може да игра на таа плејмејкерска позиција и неговото место е на лево крило каде може да упатува прецизни нафрлени топки. Тасевски има потенцијал но неискуството го чинеше - ја држеше топката во нозете и пробуваше да дрибла кога требаше да додаде и обратно. Му требаат уште многу натпревари во нозете за да го развие својот талент.
Мазнов и Стојков -Тотално отсечени во нападот. Стојков на моменти потсетуваше на својата брзина, но недоволната физичка подготвеност беше причината што го снема во второто полувреме. Мазнов направи шанса од неколкуте добри топки кои ги доби во шеснаесетникот но не успеа да реализира. Тој е напаѓач на кој му треба добра поддршка со точни додавања за да може да постигне гол а таква поддршка вчера немаше.

Среќко Катанец - Се реши да не ја менува тактиката која ни донесе резултати и погреши. Погреши во проценката дека Шаќири и Стојков можат да ги заменат Пандев и Наумоски. Останува впечатокот дека голем дел од вината сноси и самиот тој бидејќи мораше да направи тим со погуста средина за да може да им парира на Русите.



Ќе го завршам овој текст со изјавата на Катанец по натпреварот: “Имаме уште 7 натпревари и 21 бод за освојување. Ќе одиме на победа на секој натпревар“. Не е крај на светот. Можевме и моравме да и парираме подобро на Русија но тоа е тоа. Продолжуваме понатаму. Освен вчерашниот натпревар и оној против Бугарија, на сите останати под водство на Катанец покажавме дека знаеме да играме фудбал и против посилни и против послаби противници.

3 коментари:

Blogger Ико рече...

А кој си ти? :)

11:01  
Anonymous Анонимен рече...

Фудбалот е тоа - спорт! Некогаш добиваме, некогаш губиме. Не сме научени да мислиме на долги патеки. Пласманот на ЕП не е трка на 100 метри! Ме изненади несигурноста на нашите играчи. Но во едно сум сигурен - Имаме План!!! А тоа е најбитно... Пласманот на ЕП нема да биде осигурен, но јас сум уверен дека ќе се пласираме.

11:39  
Anonymous Анонимен рече...

ajdee site e ispoplasija od porazot .odime napred.tepame na gosti u hrvatska

18:36  

Објави коментар

<< Дома