Тренери, педери...

04 октомври 2005

Почнува делот од сезоната во кој многу работи стануваат појасни. Најпрво, овој месец е конечно месецот по чие завршување ќе ги знаеме директните патници на Светското Првенство во Германија 2006 година. Друга работа е одигрувањето на 3-тото коло (некаде на средина на октомври) и 4-тото коло (крај октомври-почеток ноември) од фазата по групи во Лигата на Шампионите, па оттаму, веќе ќе се искристализира сликата барем за првите сигурно испаднати екипи, а нема да биде тешко и да се процени кои тимови имаат најголеми шанси за осмина-финале. Овој месец во сите првенства ширум Европа ќе се комплетираат по околу 10-тина кола и веќе се знае кој е кој во борбата за новите титули. Во Англија и Италија, Челзи и Јувентус изгледаат (барем засега) незадржливо, слично е и во Германија со Баерн Минхен, во Шпанија е општ хаос на табелата – ќе треба барем уште 5-6 недели за да се види кој ќе се “брка“ на врвот, во Франција ПСЖ изненадија со стартот и по подолго време ќе бидат конкуренти за титула (не заборавајте дека и Лион е тука).

Како и да е, токму поради овие работи, октомври е месец на отпуштање тренери! Мој фаворит за отпуштање е Дејвид Мојес од Евертон – дефинитивно. Целта на постов ми беше токму тоа – да се запрашам колку кредит еден тренер може да искористи пред да добие клоца и зашто?

Евертон успеа да се пласира во ЛШ минатата сезона и тоа е успех кој никој не му го заборава на Мојес. НО, оваа сезона имаат само една победа и се на дното на табелата плус играта на Евертон е катастрофа, ефикасност – нула.... Муабетот ми беше: Ако Евертон минатата година имаше просечна сезона (средина на табела 9то до 14 место) дали Мојес во моментов (после толку слаб старт) сеуште ќе седеше на клупата? Мој одговор: НИКАКО, ќе добиеше отказ уште после 4-тиот пораз. Многу се нервирам исто така и за Барселона. Таму треба да го “вклучат алармот“. Нешто не ми штима во составот на Рајкард и се плашам дека и тој доколку почне да прави глупости ќе добие премногу време за да ги поправи па битката за титулата да биде загубена уште пред полу-сезоната. Од друга страна, ме радува што Интер конечно успеаја да издржат со еден тренер на клупата цела сезона + 6 натпревари. Иако моето мислење за Манчини е дека тој сеуште е незрел, неподготвен, недоволно тактички поткован и неискусен да седи на клупата на еден гигант како Интер, сепак за поздравување е континуитетот на работа (нешто што го немаше во Интер последниве 5-6 години) под водство на еден тренер и со ист костур на играчи. Сепак, мислам дека ќе се сложите дека Манчини не би можел да надмудри еден Капело, Бенитез, Фергусон...

Утре одам на Македонија ЃП – Вардар, дуел за првата позиција во Македонската фудбалска лига. Ако до сега не сте гледале некој натпревар на Вардар, Македонија ЃП или Работнички Кометал, ОБАВЕЗНО да се нацртате на Градски или во Ѓорче на малку македонски фудбал. Можеби нема да ми верувате и ќе се смеете ама се играат одлични натпревари и ова ќе биде најинтересно првенство во последниве 4-5 години (ако не и повеќе).
Значи утре имате избор каде да одите од 15:00 часот: На Градски игра Работнички – Победа, а во Ѓорче Петров играат Македонија – Вардар. Инаку да ви посочам само дека Работнички, Вардар и Македонија ЃП се израмнети по бодови на врвот на табелата.