Челзи – гигант?

05 јули 2005

Мурињо изјави дека за 4 години, Челзи нема да мора да купува играчи туку ќе создаде генерација која ќе игра заедно долго време и ќе доминира во светот на фудбалот. Но, како што стојат работите во моментов, играчите си поставуваат себеси едно прашање: Зашто да дојдат во Челзи?
Мурињо и Челзи теоретски имаат финансиска моќ да го доведат било кој играч во Лондон. Но откако летово не успеаја да донесат ни еден врвен напаѓач, се покажа дека не е се во парите. Самуел Ето и Барселона јавно го одбија Челзи велејќи дека во животот не е се во парите. Адриано и Шевченко се среќни во Милано, додека Џилардињо кажа дека кај него не постои желба да заигра за Челзи, туку сака да остане во Италија. Микаел Есиен од Лион е најдобар пример: иако главни фаворити за неговиот потпис се Челзи, сепак тој на неколку пати јавно искажа дека повеќе би сакал да игра за Манчестер Јунајтед (кој не освои ниеден трофеј изминатава сезона) отколку за шампионите во Премиер лигата. Зашто? Бидејќи Челзи не е голем клуб!
Иако имаат модерен стадион, еден од најдобрите тренери на светот, скоро неограничени финансиски средства, во фудбалскиот свет, на Челзи не се гледа онака како што се гледа на фудбалските супер-сили: Милан, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед и т.н. Овие екипи имаат некоја своја моќ на привлечност, нешто што недостига кај Челзи. Зашто младите играчи од целиот свет не сонуваат еден ден да го облечат синиот дрес на Челзи? Вистинските големи клубови имаат богата историја, долги години на успеси, фудбалски легенди и шампиони од секоја генерација. Тие имаат моменти во историјата кои едноставно ги попалуваат нивните навивачи низ целиот свет и ги тераат играчите да чувствуваат голема одговорност кога ќе го облечат нивниот дрес. Фактот што секој од овие клубови е поголем од било кој играч што играл за нив некогаш ги прави посебни. Играчите во овие клубови не се само вработени во клубот, тие играат со страст и почит спрема боите, навивачите и историјата на клубот.
Покрај ова, не само што историјата на Челзи е далеку посиромашна од историјата на еден Јувентус, но овој клуб во изминативе две сезони доби етикета попатна станица за најголемиот број од играчите. На еден Матеја Кежман кој ги собори сите голгетерски рекорди во Холандија не му беше укажана шанса и доверба, па тој после една година си заминува. Скот Паркер дојде на Стемфорд Бриџ како еден од најголемите фудбалски таленти во Англија, не доби шанса и си замина. Хернан Креспо и Хуан Себастијан Верон се едни од најдобрите играчи на своите позиции во светот на фудбалот изминативе 5-6 години. Тие дојдоа, не добија шанса и си заминаа. Муту дојде во Челзи, исто така не доби шанса да игра, а ниту пак ја доби поддршката на клубот кога му беше најтешко и беше отпуштен. Низ Челзи изминативе сезони поминаа и заминаа многу играчи и никој нема да понесе убави спомени од Лондон. Тоа е уште еден факт кој ги плаши потенцијалните засилувања на Мурињо за следната сезона.
На крај доаѓа ароганцијата на Челзи. На два пати оваа година сакаа да ги заобиколат правилата, најпрво да дојдат нелегално до услугите на Ешли Кол, и откако беа разоткриени и ригорозно казнети, повторно се обидоа на ист начин да дојдат до Френк Арнесен, спортскиот директор на Тотенхем. Овој факт ја намалува волјата на останатите клубови да влегуваат во преговори со Челзи. Челзи мора да покаже почит кон останатите клубови. Дали се сеќавате какви изјави имаше Мурињо во медиумите напаѓајќи ја екипата на Барселона пред пресметката во ЛШ на секој можен начин? За разлика од овој дуел, треба да го земат за пример дуелот помеѓу Милан и Манчестер Јунајтед на кој се виде колку многу почит имаат големите клубови едни за други.
На крај, Абрамович. Тој планира од Челзи да направи профитабилен клуб во рок од 5 години. Дури и ако ова се оствари, што ќе се случи ако потоа финансиската моќ на Абрамович се намали? Челзи немаат навивачи низ целиот свет како Манчестер Јунајтед или Реал Мадрид. Можат ли Челзи да го направат оној чекор од просечена силна екипа до гигант и светска фудбалска сила? Ќе сакаат ли големите фудбалери да настапуваат за Челзи? Ќе можат ли во иднина да си дозволат да плаќаат огромни суми пари за трансфери како сега?
Времето ќе покаже.


П.С. Нова
колумна на МакСпортНет

1 коментари:

Blogger Ико рече...

Заборавив да напишам дека последниов текст не е мој, туку е превземен и преведен од странски фудбалски сајт.

02:36  

Објави коментар

<< Дома