Браво Севиља!

17 мај 2007


В
о увертирата пред финалето на Лигата на шампионите следната недела, Севиља по втор пат го освои Купот на УЕФА. Искрено, во текот на натпреварот моите симпатии беа повеќе накај Еспањол.


Единствен тим со Реал Мадрид
што го одбранил пехарот во Купот на УЕФА


Од финалето можат да се извлечат две важни поуки. Првата е дека никогаш не треба да си поигруваш и да го потценуваш противникот, колку и да е послаб од тебе во моментот. Еспањол останаа со 10 играчи по црвениот картон и капитулираа во првото продолжение. Фудбалерите не можеа да одат од замор, едноставно беа очајни. Во тие моменти, Севиља имаше шанси барем за 4:1 или 5:1, но глумеа фраери во нападите во кои излегуваа сами пред противничкиот гол и се смешкаа на промашувањата. Тоа им се врати со голот на Еспањол и одењето на пенали каде лесно можеа да загубат.

Втората поента ми е за Севиља како клуб. Два пати по ред триумфираат во Купот на УЕФА, а во конкуренција се за титула во Шпанија и во финалето на Купот на Шпанија. Прашањето е: дали Севиља станува дел од елитните клубови во Европа? Одговорот ќе го дознаеме на стартот на следната сезона кога ќе играат и во Лигата на шампионите. Реално, иако имаат теоретски шанси за титулата во Шпанија, тешко е за верување дека и Реал и Барса ќе направат такви киксови. Купот можеби ќе го освојат (во финале против Гетафе).

Врзаа две добри сезони по ред, а вистинскиот тест за влезот во елитата ќе биде следната година. Можни се две сценарија. Страв ми е дека ќе им се случи истото што им се случи и на други шпански клубови што имаа свои моменти на блесок. Најсвеж пример е Виљареал, кој од полуфиналист во Лигата на шампионите, сега има само мали шанси за пласман во Купот на УЕФА. Од порано, знаеме што се случи кога Бетис играше во Лигата на шампионите (сега се на работ на опстанок), а ситуацијата на Севиља е најслична со таа на Реал Сосиедад. Од кандидати за шампионската титула и учесници во Лигата на шампионите, Реал Сосиедад следната сезона едвај се спаси од испаѓање од Примера.

Ова лето ќе биде клучно доколку раководството на Севиља сака да го промовира клубот меѓу шпанската и европската елита. Мора да се инвестира во подлабок состав на фудбалери кој ќе издржи да се бори на два фронта, дома и во Европа. Ако, пак, помислат дека со сегашниот состав ќе успеат исто како изминативе две години, ќе се излажат. Купот на УЕФА е далеку под нивото на Лигата на шампионите (иако квалитетот се зголемува од година во година), а не смеат да заборават дека на патот до финалето имаа и многу среќа (ако се сеќавате на голот на голманот Плаоп во 90-тата минута од натпреварот против Шахтијор).

Двете титули во Купот на УЕФА не значат влегување во таа елита. Тоа е само почеток на патот за влез меѓу најсилните.


Tags: football, Macedonia, UEFA, Cup, Sevilla, Primera, Champions League.

4 коментари:

Anonymous Анонимен рече...

Хаха...интересен човек е Дел Нидо колку и да му се смееш, неговиот сарказам(условно) секогаш излегува како реален. Нели и во КФудбал ја пишав неговата изјава дека клубот по продажбата на Реајес, Баприста и Рамос ќе биде уште посилен и тоа се оствари.

Севиља за разлика од другите клубови ки блеснуваа ОСВОЈУВА трофеи значи не е само моментален блесок, зошто да триумфираш мислам во купот на Уефа е потешко од било што и по стариот и по новиот формат.

И не верувам дека ќе ја сменат политиката, летово можеби некои ќе истресе 30 милиони за Алвес и пак Дел Нидо ќе се курчи а може и пак Севиља ќе биде посилна и посилна.

20:04  
Blogger Ико рече...

Ако гледаме реално, на Севиља и се поклопија многу од коцките. Само влакно фалеше да не се каде што се денеска (пишав, голот на Палоп во 90та со Шахтијор!).

Друга работа е големиот пад на формата на Барса оваа година и непостојаноста на Реал и Валенсија, па така и Севиља со овој состав на фудбалери успеа да остане при врвот.

Верувам дека Реал и Барса ќе бидат далеку посилни следната година, а Лигата на шампионите е комплетно различно натпреварување од Купот на УЕФА, па тешко дека со истиов состав на фудбалери ќе продолжат во ист ритам.

20:09  
Anonymous Анонимен рече...

Али сепак е Хипотетика која сите и изминатите сеозони ја кажуваа а кога е во прашање Севиља некако не испаѓа така

20:22  
Blogger Ико рече...

Па добро, помината е само една сезона од нивниот прв успех пред 2 години. Реков, сега следува вистинскиот тест.

10:31  

Објави коментар

<< Дома