Од Катанец до Панчев...

18 септември 2007

Мислам дека се собраа доволно интервјуа во изминативе две години, за конечно да ги објавам и на блог. Да не должам многу, подолу следуваат линкови до постовите (ги ставив со постара дата, за да не узурпираат многу простор на насловна), ви го препорачувам секое, бидејќи мислам дека се интересни. Што мислите вие, ќе си пишете во коментарите :-)


П.С.
Во постојан контакт сум со прес-офицерот на Болтон, па веќе утре ќе знам дали ќе правам интервју со Николас Ањелка, Ел-Хаџи Диуф или некој друг првотимец на Болтон кој тие ќе ми го понудат (овие првиве двајца се моја желба).


Tags: football, Macedonia, Katanec, Pancev, Kostovski, Nikolovski, interview.

Еспорт бр.32

17 септември 2007

Тоа е тоа - во продажба е! Слушнете ја радио-рекламата како preview, а прочитајте го и интервјуто со Дарко Панчев како најава за содржините од новиот број. Интервјуто е објавено на Он.нет, а коментари очекувам тука :-)



Репрезентација

13 септември 2007

Оние што не се подготвени да одвојат подолго време да го прочитаат постот, нека си заминат веднаш :-)

Се случија многу работи околу нашата репрезентација, па во следниве редови ќе се обидам да направам осврт и се надевам дека мојот текст ќе предизвика плодна дискусија меѓу останатите на кои репрезентацијата им значи нешто.

За резултатот во квалификациите

Квалификациите за Еуро 2008 за нас и теоретски се завршени. Немаме ниту теоретски шанси за повеќе или помалку од пласман на 5-то место. Остануваат натпреварите против Хрватска и Андора (во Скопје) и против Израел, на кои единствен ќар може да ни биде качувањето на рејтингот на националниот тим.
Во однос на Израел, Англија, Хрватска и Русија, Македонија има послаба репрезентација, па така морам да констатирам дека овој резултат во квалификациите не смее да се смета за неуспех, но ниту за успех. Едноставно, тоа е нашата реалност, толкави се нашите реални можности во моментов.


Пресуда: Влеговме во уште едни квалификации во кои немавме јасна цел. И претходно сум пишувал за ова: наместо да ја создаваме атмосферата и еуфоријата пред натпреварите на кои сме имале реални шанси за победа и остварување резултат, ние тоа го правиме тогаш кога немаме. Требаше да се постави целта: 4-то место, а бодовите да се бараат против Естонија и Андора, како и на натпреварите дома против Израел, Хрватска и Русија. Со 4-то место, би биле еден барабан погоре во следните квалификации, со што ќе избегнеме противник како Израел, а ќе добиеме противник од наш ранг, па така, чекор по чекор ќе го градиме патот кон првите 3 места во групата.

За селекторот Катанец

Непобитен факт е дека по неговото доаѓање на селекторската функција, се случија интересни фудбалски промени во Македонија. Она што го доби Катанец од страна на ФФМ (за првпат, за разлика од она што го имаа останатите селектори) се максимални услови за работа со националниот тим. За првпат поминавме еден квалификациски циклус во кој немаше потреси во репрезентацијата, атмосферата беше на високо ниво, постоеше ред, дисциплина и единство во тимот, а воедно и поддршка и почит од сите фудбалери за селекторот. Катанец е првиот селектор чие име повеќекратно било скандирано на Градски.
Со доаѓањето на Катанец, фудбалската репрезентација како да стана поширок интерес на целокупната јавност, а не само на оние 2-3 илјади луѓе кои би дошле да гледаат фудбал на Градски дури и против Андора во јануари на -5 степени. Тоа се оние позитивни страни.


Според мене, доколку во нашата земја се доведуваат фудбалери или тренери, селектори од странство, тогаш тие мора да бидат подобри од домашниот кадар. Факт е дека Катанец е подобар од нашите тренери во сето она што беше напишано погоре, но на крајот, фудбалот се сведува на резултатите - а тие не се подобри. Среќко Катанец зема 10 пати поголема плата од кој било селектор досега, а не успеа да направи ниту 10% подобри резултати.
Сепак, факт е и дека не може да очекуваме премногу доколку знаеме дека имаме селектор што е надвор од Македонија преку цела година, а доаѓа тука само неколку денови пред натпревар. Но, за ова вината не треба да ја бараме кај Катанец (како што тоа го прават некои медиуми/новинари), туку во ФФМ, институцијата која му понуди таков договор што не го обврзува да биде во Македонија цело работно време. Во интервјуто кое го правев со Катанец пред неколку месеци, тој истакна дека токму тој дел од договорот е она кое било клучно да прифати работа во овој период од животот, бидејќи има потреба да биде блиску до фамилијата во Словенија.

Пресуда: Договорот на Катанец ќе заврши со крајот на овие квалификации во ноември, а потоа треба да се одлучува: да остане или да си оди? Под претпоставка дека тој сака да остане, а ние треба да решиме дали да му понудиме продолжување на договорот, доколку јас одлучувам, тогаш би се решил за следнава варијанта: Да се побара план и програма од селекторот за развој на репрезентацијата, подготовки во периодот пред стартот на следниот квалификациски циклус, одигрување доволен број пријателски натпревари на кои би биле повикани барем 30-40 фудбалери кои ќе добијат шанса да се докажат (меѓу кои и оние од младинската репрезентација) и понудување гаранција за резултат – ова последново значи дека Катанец би се обврзал финансискиот дел од договорот да зависи од резултатот што ќе го оствариме во следните квалификации. Што би правеле вие со Катанец, повелете и напишете подолу во коментарите.

За медиумите

Како никогаш досега, еден наш селектор (па и целата Федерација) беше во борба со медиумите. Вистинска комедија беше она што се случуваше на последните неколку прес-конференции, каде дел од новинарите, наместо да поставуваат новинарски прашања (како во секоја културна земја во светот) се обидуваа да го караат, критикуваат и полемизираат со Катанец. Имаше и моменти кога звучеше како тие да му делат совети за тактиките, игрите, па што е и најсмешно да му објаснуваат дека не може да биде селектор доколку не е во Македонија цело работно време - па луѓе, тоа е проблем на ФФМ со договорот што му го понудиле на Катанец, а местото за критика е во самите медиуми, а не лице во лице на прес-конференција.
Во многу моменти, со оглед на тоа што сум длабоко вмешан во медиумскиот простор, добивав чувство дека дел од новинарите дури и посакуваат репрезентацијата да загуби за да можат да продолжат да ја водат својата војна со селекторот.
Грешката на Среќко беше што се нафати да ја игра оваа игра на медиумите и во многу ситуации дури и изгледаше смешен.
Во секоја земја, медиумите и навивачите се движечката сила на еден национален тим - работат со цел репрезентацијата да оствари што подобри резултати. Во Македонија, овој последен квалификациски циклус, не беше така. Специјално право на секој медиум е самиот да си ја креира својата уредувачка политика, но мислам дека морална обврска е да се работи во интерес на националниот тим.

За Величе и А1 Телевизија

Нема сомнение дека Величе е кривецот во целата ситуација. На оваа тема веќе се кажа многу и се согласувам со констатацијата дека без разлика на се што еден медиум/новинар ќе каже за еден фудбалер/тим, се додека не е навреда, не смее да предизвика таква реакција како онаа на Величе. Заслужено си ја доби казната од ФФМ (која инаку се сомневам дека ќе ја плати).


Сакам да обрнам внимание на нешто друго, бидејќи и во оваа сфера, ние не функционираме како нормалните земји во светот. Кај нас, медиумите имаат пристап 24/7 до фудбалерите, им се јавуваат по телефон (да не речам досаѓаат) и т.н. Во една Англија, ниту еден новинар не смее воопшто да му пријде на фудбалер и да зборува со него додека прес-офицерот на репрезентацијата не му даде дозвола. Така во Англија (и секаде во Европа) се штитат фудбалерите и медиумите од вакви несакани ситуации.
Кога Англија дојде во Скопје, се знаеше точно кога, како, колку време и по колку прашања може секој новинар да постави за фудбалерите. Кај нас е „дива лига“ – ТВ екипата и новинарите на терен за време на тренинг, им влетуваат на фудбалерите кога ќе им текне и ги прашуваат што ќе им текне. Треба уште многу да работиме во овој сегмент од водењето на процесите во репрезентацијата.

Ова е само прв од неколкуте текстови кои планирам да ги напишам за нашата репрезентација, а веќе се подготвени. Правам посебен осврт на фудбалерите т.е. играчкиот потенцијал на Македонија во секоја линија од тимот: голман, одбрана, среден ред и напад. Сакам прво со вас да продискутирам на овие неколку теми, па потоа и заедно низ дискусија да го изградиме мислењето за оние 30-40 најдобри фудбалери во Македонија: кој треба, а кој не треба да биде во националниот тим, кој да биде во првите 11, а кој да биде на клупа, кој на која позиција треба да игра, на кој што му недостига во играта. Ќе подготвам и анкета на која како можни одговори ќе ги поставам имињата на овие фудбалери, па заедно да го изгласаме првиот тим, па потоа и резервите, најдобрите млади фудбалери...

Сега за сега, ги очекувам вашите коментари за овие квалификации, Катанец, медиумите, Величе...


Tags: football, Macedonia, Katanec, Velice, репрезентација.


Пријавете ја статијава на Кајмакот