Интервју: Јовица Николовски

18 септември 2006

Разговор со Јовица Николовски, екс-претседателот на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров, кој од неодамна е лиценциран менаџер на ФИФА. Иако само краток период работи како менаџер, добро е запознаен со состојбите во мак-фудбалот, а тој е и човекот кој стои зад последните два поголеми трансфери на фудбалери надвор од нашите граници: Филип Ивановски и Артим Положани. Поводот за разговор беше токму трансфер-пазарот во Македонија, но и севкупната состојба во мак-фудбалот.


Што всушност значи лиценцата за менаџер?

Тоа значи како да отидеш на факлутет, го завршиш и добиеш диплома. Сепак, не значи дека си способен да го работиш добро она за што си завршил. Лиценцата е едноставно едно признание т.е. една дозвола за да се работи како менаџер.

Како би ги оценил условите на трансфер-пазарот во Македонија и дали тука воопшто постои некаков трансфер пазар?

Прво и основно, ние во Македонија немаме трансфер листа, а ако таква постои, барем јас не сум ја видел досега, а ниту јавноста ја видела. Во сите нормални земји постојат трансфер листи: се знае кој каде преминал, кој е слободен играч и доколку јас клубот утре продава еден фудбалер за одредена сума на пари, тоа се објавува во трансфер листата и сите менаџери и заинтересирани клубови ги имаат достапни сите информации. Кај нас вавко нешто не постои.

Кој треба тоа да го регулира, кој треба да ја прави таа трансфер-листа?

Федерацијата! Постои Статут, одредби според кои треба да работи Федерацијата, но за жал тие постојат само на хартија, но не и во пракса. Нашата Федерација е во хаос. Она што се случува во пракса е сосема трета работа. Ние имаме договори помеѓу фудбалерите и клубовите каде местото на кое треба да биде напишана платата за фудбалерот е оставено празно, а во ФФМ ги заверуваат овие договори како валидни.

Имаше инспекција во клубовите која откри дека само два клуба ги пријавиле своите фудбалери на легален начин и ги плаќале нивните придонеси. Каква е ситуацијата во моментов? Кој треба да ја регулира оваа ситуација и да ја доведе во нормала?

Стандардните договори кои сега се потпишуваат со фудбалерите и се заверуваат како валидни во Федерацијата се на еден лист хартија, а кога ние сакаме да направиме нормален договор според светските стандарди, во ФФМ тоа не го прифаќаат. Федерацијата е она тело кое треба да ја регулира ситуацијата. Според различните одредби од Статутот и правилниците, различни сегменти од ФФМ се задолжени за решавање на различни прашања, но претседателот на Федерацијата е тој што може и мора да ги потегне сите прашања. Претседателот на ФФМ во фудбалот е она што е премиерот во политиката.

Во интервјуто во минатиот број на Еспорт, Коста Костовски (потпретседател на Работнички К.) рече дека во Македонија треба да се обрне поголемо внимание на создавањето на млади фудбалски таленти кои подоцна би се продавале во странство. Какви се условите во Македонија за создавање на фудбалери?

Најпрво би се сложил со она што го кажа Костовски – тоа е факт. Ние не сме некоја огромна држава од 80 или 100 милиони жители каде има атрактивен фудбал, привлекуваме гледачи, имаме приходи од ТВ права и од маркетиншки активности. Кај нас просекот е 400-500 гледачи на еден првенствен натпревар. Ги немаме условите. Ние менаџерите треба да бидеме оние кои ќе ги пронаоѓаат младите таленти, но нема услови во кои тие понатаму би тренирале и би се развивале како фудбалери. Многу малку клубови имаат какви-такви услови за тренирање на млади фудбалери. Немаме клубови што имаат добри помошни терени и повеќе помошни терени. Немаме клубови што имаат четири различни соблекувални, а 80% од клубовите немаат ниту топла вода и струја – тоа се само некои основни услови.

Колку клубовите од Македонија можат да сметаат на профит од продажбата на фудбалери внатрешно во Македонија, а колку во странство?

Во Македонија има можеби три до четири клубови кои можат да направат некој трансфер меѓусебно. И тие трансфери се за мали суми, кои едвај некогаш можат да достигнат до 100.000 евра и тоа доколку се работи за исклучителен фудбалер, па да има борба за неговите услуги. Инаку, просечните трансфери меѓу овие клубови се од 20.000 до 40.000 евра.

Според вашите информации, колку изнесува највисокиот трансфер во нашето домашно првенство?

Немам такви информации бидејќи, ќе повторам, не постои таа официјална трансфер листа на која се би било транспарентно и отворено. Можеме да шпекулираме, но немам докази за да кажам конкретна сума.

Колку клубовите се вешти во продавањето на фудбалерите во странство? Најголемиот дел од фудбалерите завршуваат надвор за мали пари во нереномирани клубови, се добива впечаток дека клубовите сакаат само што побрзо да заработат некое евро по секоја цена...

Ако секој фудбалер одбере добар менаџер, менаџерот ќе биде тој што ќе ги води преговорите и ќе се бори за многу подобри услови за својот фудбалер во односот фудбалер-клуб. Во овој случај, ние немаме менаџери кои работат добро во нашата земја, туку најголемиот дел од нив гледаат набрзина да заработат 500-1.000 евра без разлика каде и под кои услови ќе го продадат фудбалерот. Ако фудбалерите се паметни и имаат менаџери, ќе биде полесно за нив.

Колкав дел од фудбалерите кај нас имаат менаџери?

Многу мал процент. Според моја проценка, најмногу 5% од фудбалерите имаат менаџери.

Постои ли регулатива која би го задолжила фудбалерот да има менаџер кој ќе го претставува?

Никој не наложува. Тоа е исто како на суд – доколку сте обвинети, можете да се браните и самите, но сите земаат адвокат бидејќи тој го знае правото. Еден фудбалер не може да знае се - тој треба да игра фудбал, а не да ги познава статутите на ФИФА, УЕФА, ФФМ и сите правилници. Тоа е работата на менаџерот. Кај нас, најголемиот дел од фудбалерите се несериозни и многу несериозно гледаат на овие работи. Само сакаат набрзина да извлечат колкава-толкава сума на пари. Другиот дел од фудбалерите или знаат се, или имаат премногу среќа со трансферите. А колку што гледам, многу мал дел од нашите фудбалери имаат среќа.

Што се однесува до менаџерите, многумина од нив не работат како што треба. Гледаат само набрзина да го продадат фудбалерот, да заработат некоја сума на пари, а потоа воопшто и не се интересираат за фудбалерите како тие ќе успеат и ќе се снајдат каде што ќе заминат.

Каква е состојбата со менаџерите во Македонија? Низ годините често имаше контраверзи во однос на работата на менаџерите на нашиве простори...

Мислам дека во Македонија има 8 лиценцирани менаџери, повеќето се здобија со лиценцата при последното полагање кога и јас положив. Времето за работа беше кратко и не би можел да ја коментирам конкретно нивната работа. Во Македонија има еден докажан менаџер, а тоа е Фали Рамадани и според мене тој е еден од најдобрите менаџери на балканските простори.

Како семејство Николовски сте инволвирани во фудбалот. Ваш поглед на моменталната ситуација во мак-фудбалот?

Во моментов не се знае статусот на нашата Федерација. многу работи не се решени: имаме две раководства, ФФМ не работи, зградата е под клуч... Ние не треба да измислуваме топла вода, доволно е само да се свртиме кон Европа и да видиме која било друга земја. Ниту едно првенство во Европа не потпаѓа под Федерацијата. Сите си имаат Здружение на клубови кое управува со лигата почитувајќи ги одредбите на Федерацијата. Моментално, кај нас претседателот на ФФМ е најсилниот човек во фудбалот и судбината на сите клубови е во негови раце. Тоа мене ме потсеќа на некое кралство од минатото каде што кралот ја има апсолутната власт, а во едно демократско општество, тоа не треба да постои. Зашто немаме ниту еден фудбалски натпревар на телевизија? Зашто се зборува за наместени натпревари? Тоа е така бидејќи некој има интерес од тоа. Според сегашниот модел, претседателот и раководството на ФФМ ја водат и Првата, Втората, Третата и сите лиги, а дали досега се ангажирале да поработат малку на маркетиншки план? Дали сте виделе некоја кампања за фудбалот? Со што помогнале во развојот на младинскиот фудбал? Во ред се неколкуте работи што се направени, како малите терени низ земјата и слично, но тоа се проекти од социјален карактер, не од фудбалски.

Што е пречката што кај нас не функционираат Здруженијата на клубови, фудбалери...?

Како што кажав и претходно, ние во фудбалот имаме кралство и крал. И во времето на кралевите имало синдикати, но колку функционирале мислам дека доволно сме паметни за да знаеме. Постоеле здруженија, но што можат тие да направат кога луѓето што ги воделе биле всушност луѓе од самата Федерација?

Насекаде, фудбалот е екстра-профитабилен спорт. Каква е ситуацијата во Македонија?

Проблемот е што многу малку луѓе т.е. фирми вложуваат приватен капитал во фудбалот. Останато е она од времето на социјализамот кога директорите на клубовите не вложувале пари од свој џеб и многу не се грижеле за тоа како ќе се трошат буџетите и дали клубовите ќе работат со профит. Кога ќе има повеќе приватен капитал во клубовите, работите ќе функционираат нормално, а ќе треба да помине уште доста време кога вложувачите ќе можат да очекуваат нешто од она што го вложиле да им се врати. Во светот, најголемиот дел од профитот на клубовите доаѓа од телевизиските права, а кај нас фудбалот не се пренесува на телевизија. Можеби е и нормално што не се пренесува бидејќи нема интерес. С$ што во медиумите има за мак-фудбалот е едно мало делче на крајот на вестите во кое најчесто можат да се слушнат само негативни работи. И во една ваква економска и општа ситуација во државата, кога луѓето сакаат да се релаксираат со спортот, ги слушаат и гледаат истите ситуации како и во политиката. Нормално е дека ќе нема интерес. За споредба, дури и во Србија и Албанија се пренесуваат во живо натпреварите од домашното првенство, а со тоа и клубовите зад себе имаат силни спонзори.

Вие како семејство инвестиравте во еден клуб. Во интервјуто со Костовски (Работнички К.) тој рече дека нивното инвестирање во мак-фудбалот се уште е само добра волја и донаторска мисија, а далеку од профитабилен бизнис. Што би им порачале на останатите кои размислуваат да инвестираат во фудбалот?

Се сложувам со Костовси дека во моментов ситуацијата е таква. Сите што вложуваме во фудбалот го правиме тоа како некое донаторство или, пак, гледаме на тоа како инвестирање во некоја иднина. Сепак, не би можел нешто конкретно да им препорачам на оние кои би сакале да инвестираат во фудбалот бидејќи с$ зависи од тоа како се работи. Тоа е исто како во бизнисот: имате неколку фирми од иста бранша, но некои работат со загуби, а некои со голем профит. Не можат сите да бидат успешни. Инвестирањето во спортот има три страни: една е бизнис аспектот, втората е задоволството, а третата страна е оној социјален карактер, да се тргнат децата од улица и да живеат спортски.

Дали остана нешто што не ве прашавме, а сакате да го кажете?

Би сакал само што побрзо да се среди состојбата во ФФМ и конечно да имаме една професионална лига, која според мене во моментов е на половина пат од професионална. Истото важи и за Втората лига и сите клубови, од кои во моментов само дел се на половина пат да станат вистински професионални клубови. Колку побрзо ќе се реши прашањето на професионалноста во нашиот фудбал, толку побрзо ќе имаме нормален фудбал. Едноставно, недостига професионализам во сите сегменти на фудбалот. На фудбалерите би им препорачал, како што сите фирми во нашата земја имаат адвокати, тие да си најдат менаџер кој би ги советувал и би ги работел за нив работите кои тие самите не знаат да ги работат – за нивно добро. На крај и на медиумите би им порачал да се занимаваат со попозитивни работи во врска со фудбалот.


Разговорот е правен во текот на летниот период во 2007, во канцелариите на НИКОБ во Скопје. Интервјуто е објавено во Esport.