Репрезентација

13 септември 2007

Оние што не се подготвени да одвојат подолго време да го прочитаат постот, нека си заминат веднаш :-)

Се случија многу работи околу нашата репрезентација, па во следниве редови ќе се обидам да направам осврт и се надевам дека мојот текст ќе предизвика плодна дискусија меѓу останатите на кои репрезентацијата им значи нешто.

За резултатот во квалификациите

Квалификациите за Еуро 2008 за нас и теоретски се завршени. Немаме ниту теоретски шанси за повеќе или помалку од пласман на 5-то место. Остануваат натпреварите против Хрватска и Андора (во Скопје) и против Израел, на кои единствен ќар може да ни биде качувањето на рејтингот на националниот тим.
Во однос на Израел, Англија, Хрватска и Русија, Македонија има послаба репрезентација, па така морам да констатирам дека овој резултат во квалификациите не смее да се смета за неуспех, но ниту за успех. Едноставно, тоа е нашата реалност, толкави се нашите реални можности во моментов.


Пресуда: Влеговме во уште едни квалификации во кои немавме јасна цел. И претходно сум пишувал за ова: наместо да ја создаваме атмосферата и еуфоријата пред натпреварите на кои сме имале реални шанси за победа и остварување резултат, ние тоа го правиме тогаш кога немаме. Требаше да се постави целта: 4-то место, а бодовите да се бараат против Естонија и Андора, како и на натпреварите дома против Израел, Хрватска и Русија. Со 4-то место, би биле еден барабан погоре во следните квалификации, со што ќе избегнеме противник како Израел, а ќе добиеме противник од наш ранг, па така, чекор по чекор ќе го градиме патот кон првите 3 места во групата.

За селекторот Катанец

Непобитен факт е дека по неговото доаѓање на селекторската функција, се случија интересни фудбалски промени во Македонија. Она што го доби Катанец од страна на ФФМ (за првпат, за разлика од она што го имаа останатите селектори) се максимални услови за работа со националниот тим. За првпат поминавме еден квалификациски циклус во кој немаше потреси во репрезентацијата, атмосферата беше на високо ниво, постоеше ред, дисциплина и единство во тимот, а воедно и поддршка и почит од сите фудбалери за селекторот. Катанец е првиот селектор чие име повеќекратно било скандирано на Градски.
Со доаѓањето на Катанец, фудбалската репрезентација како да стана поширок интерес на целокупната јавност, а не само на оние 2-3 илјади луѓе кои би дошле да гледаат фудбал на Градски дури и против Андора во јануари на -5 степени. Тоа се оние позитивни страни.


Според мене, доколку во нашата земја се доведуваат фудбалери или тренери, селектори од странство, тогаш тие мора да бидат подобри од домашниот кадар. Факт е дека Катанец е подобар од нашите тренери во сето она што беше напишано погоре, но на крајот, фудбалот се сведува на резултатите - а тие не се подобри. Среќко Катанец зема 10 пати поголема плата од кој било селектор досега, а не успеа да направи ниту 10% подобри резултати.
Сепак, факт е и дека не може да очекуваме премногу доколку знаеме дека имаме селектор што е надвор од Македонија преку цела година, а доаѓа тука само неколку денови пред натпревар. Но, за ова вината не треба да ја бараме кај Катанец (како што тоа го прават некои медиуми/новинари), туку во ФФМ, институцијата која му понуди таков договор што не го обврзува да биде во Македонија цело работно време. Во интервјуто кое го правев со Катанец пред неколку месеци, тој истакна дека токму тој дел од договорот е она кое било клучно да прифати работа во овој период од животот, бидејќи има потреба да биде блиску до фамилијата во Словенија.

Пресуда: Договорот на Катанец ќе заврши со крајот на овие квалификации во ноември, а потоа треба да се одлучува: да остане или да си оди? Под претпоставка дека тој сака да остане, а ние треба да решиме дали да му понудиме продолжување на договорот, доколку јас одлучувам, тогаш би се решил за следнава варијанта: Да се побара план и програма од селекторот за развој на репрезентацијата, подготовки во периодот пред стартот на следниот квалификациски циклус, одигрување доволен број пријателски натпревари на кои би биле повикани барем 30-40 фудбалери кои ќе добијат шанса да се докажат (меѓу кои и оние од младинската репрезентација) и понудување гаранција за резултат – ова последново значи дека Катанец би се обврзал финансискиот дел од договорот да зависи од резултатот што ќе го оствариме во следните квалификации. Што би правеле вие со Катанец, повелете и напишете подолу во коментарите.

За медиумите

Како никогаш досега, еден наш селектор (па и целата Федерација) беше во борба со медиумите. Вистинска комедија беше она што се случуваше на последните неколку прес-конференции, каде дел од новинарите, наместо да поставуваат новинарски прашања (како во секоја културна земја во светот) се обидуваа да го караат, критикуваат и полемизираат со Катанец. Имаше и моменти кога звучеше како тие да му делат совети за тактиките, игрите, па што е и најсмешно да му објаснуваат дека не може да биде селектор доколку не е во Македонија цело работно време - па луѓе, тоа е проблем на ФФМ со договорот што му го понудиле на Катанец, а местото за критика е во самите медиуми, а не лице во лице на прес-конференција.
Во многу моменти, со оглед на тоа што сум длабоко вмешан во медиумскиот простор, добивав чувство дека дел од новинарите дури и посакуваат репрезентацијата да загуби за да можат да продолжат да ја водат својата војна со селекторот.
Грешката на Среќко беше што се нафати да ја игра оваа игра на медиумите и во многу ситуации дури и изгледаше смешен.
Во секоја земја, медиумите и навивачите се движечката сила на еден национален тим - работат со цел репрезентацијата да оствари што подобри резултати. Во Македонија, овој последен квалификациски циклус, не беше така. Специјално право на секој медиум е самиот да си ја креира својата уредувачка политика, но мислам дека морална обврска е да се работи во интерес на националниот тим.

За Величе и А1 Телевизија

Нема сомнение дека Величе е кривецот во целата ситуација. На оваа тема веќе се кажа многу и се согласувам со констатацијата дека без разлика на се што еден медиум/новинар ќе каже за еден фудбалер/тим, се додека не е навреда, не смее да предизвика таква реакција како онаа на Величе. Заслужено си ја доби казната од ФФМ (која инаку се сомневам дека ќе ја плати).


Сакам да обрнам внимание на нешто друго, бидејќи и во оваа сфера, ние не функционираме како нормалните земји во светот. Кај нас, медиумите имаат пристап 24/7 до фудбалерите, им се јавуваат по телефон (да не речам досаѓаат) и т.н. Во една Англија, ниту еден новинар не смее воопшто да му пријде на фудбалер и да зборува со него додека прес-офицерот на репрезентацијата не му даде дозвола. Така во Англија (и секаде во Европа) се штитат фудбалерите и медиумите од вакви несакани ситуации.
Кога Англија дојде во Скопје, се знаеше точно кога, како, колку време и по колку прашања може секој новинар да постави за фудбалерите. Кај нас е „дива лига“ – ТВ екипата и новинарите на терен за време на тренинг, им влетуваат на фудбалерите кога ќе им текне и ги прашуваат што ќе им текне. Треба уште многу да работиме во овој сегмент од водењето на процесите во репрезентацијата.

Ова е само прв од неколкуте текстови кои планирам да ги напишам за нашата репрезентација, а веќе се подготвени. Правам посебен осврт на фудбалерите т.е. играчкиот потенцијал на Македонија во секоја линија од тимот: голман, одбрана, среден ред и напад. Сакам прво со вас да продискутирам на овие неколку теми, па потоа и заедно низ дискусија да го изградиме мислењето за оние 30-40 најдобри фудбалери во Македонија: кој треба, а кој не треба да биде во националниот тим, кој да биде во првите 11, а кој да биде на клупа, кој на која позиција треба да игра, на кој што му недостига во играта. Ќе подготвам и анкета на која како можни одговори ќе ги поставам имињата на овие фудбалери, па заедно да го изгласаме првиот тим, па потоа и резервите, најдобрите млади фудбалери...

Сега за сега, ги очекувам вашите коментари за овие квалификации, Катанец, медиумите, Величе...


Tags: football, Macedonia, Katanec, Velice, репрезентација.


Пријавете ја статијава на Кајмакот

16 коментари:

Anonymous Анонимен рече...

Прв пат во последно време да прочитам нешто издржано во однос на македонската фудбалска репрзентација и се оклу неа. Уште и спортските новинари во Македонија да имаа ваков посериозен пристап, ама за жал и тие се дел од македоското спортско сивило.

15:34  
Blogger Ико рече...

Не би генерализирал за спортските новинари. Јас себе си не се сметам за новинар (само Уредник), но има меѓу нив луѓе кои можат да работат на многу повисоко ниво од она што го прават сега... Само, како што кажуваш и ти, изгледа и тие се вклопиле во сивилото на резултатите...

15:46  
Anonymous Анонимен рече...

Вака пишуваше на 2 март 2006 година моментот и постот ти се издржани затоа ваков коментар
Цитирам
....Твоите критики на адреса на фудбалерите се крајно неосновани. Веднаш ќе ти кажам како да ги поддржиш: Направи список на сите што според тебе не заслужуваат да го носат националниот дрес и направи список на нивни замени т.е. на оние кои според тебе би требало да играат. Абе луѓе, зашто не разбирате дека ова е репрезентација и ФУДБАЛЕРИТЕ СЕ ТИЕ. Не е клуб па да си правиме трансфери, да бркаме едни да доведеме други - Македонија има 20-тина солидни фудбалери кои се докажале како најдобри и од тие ќе се крои репрезентативниот тим. Тоа е тоа.......
Е сега денес веќе солидно гледаш од друг агол можеби и не е до снаодливоста и знаењето колку до гордоста некој млад играч да го облече и брани дресот со државното знаме баш онака како што сите очекуваме да се брани
Да се побара план и програма од селекторот за развој на репрезентацијата токму на место,но зарем досега немало такво нешто,врз основа на што Катанец потпишал договор,им се допаднал карактерот на Катанец па ХАРИ и компанија одлучиле погоден е и нема потреба од планови за развој,ако досега немал планови џабе ни се отсега ...

За крај добре дојде назад во старото јато.Време беше ,ако не можеш нонстоп одвојувај барем еднаш во неделата време и дај ни можност за пофалба или критика на еден од најпознатите спортски блог и се разбира медиумски уредници.

15:47  
Blogger Ико рече...

Фала за коментарот колега.

НЕМА! Колку и да ти е чудно, нема НИКАКОВ план, програма, цели што треба Катанец да ги оствари во својот 2-годишен престој на чело на нашава репрезентација.

Јас велам, ако не точна програма, барем целта за која е дојден: 2-ро, 3-то, 4-то, 5-то место...па да се знае на крајот да се мери дали успеал или не успеал...

16:01  
Anonymous Анонимен рече...

Во право си дека има новинари кои имаат да го работат подобро тоа, и јасно ми е и поради што не се во можност.... Мислам дека премногу бараме и од селекторите и од фудбалерите. Квалитетот на нашите фудбалери е таков каков што е, слаб е, меѓутоа не значи дека треба да се претерува со критики кон нив. Треба да ги подржуваме, тие се најдобрите што ги имаме, немаме подобри. Треба да ги бараме причините кои даведуваат до тоа да имаме слаб квалитет и да бараме начини како да почнеме да вадиме поквалитетни фудбалери, а со тоа и поквалитетна фудбалска репрезентација. За тоа секако најголема вина имаат фудбалската федерација и секако клубовите.

16:16  
Anonymous Анонимен рече...

И јас на времето бев од оние кои на -5 беа на Андора. Сега знаеш дека не идам. Не е проблемот во квалитетот на фудбалот туку во оваа кармакаша и превртувањето на работите и функциите( не се знае кој јаде, кој плаќа, и зашто).

Мене многу повеќе ме интересира кој ќе биде замената на Катанец. Јас сеуште верувам, иако нема резултати дека сепак човекот има капацитет да не однесе на прав пат само ако се среди целокупниот хаос во нашиот фудбал и квалитетно и непреценувачки се пристапи на проблемите. Што значи да се направи долгорочен план со јасно дефинирани цели. Но тоа нема да се случи.

Кој би бил следен? Освен Хаџиевски не знам друг кој има капацитет. Во вакви околности кога го споираме дното работата е уште поделикатна.

Не сум сигуен дека имаме 30-40 квалитени фудбалери. Јас тој список би го сведол на 20. И ако погледнеш воопшто немаме квалитетни играчи во средината што е и наш најголем проблем.

Мора и психолог под итно. Тоа одговорно го тврдам. Многу работи во фудбалот почнуваат во самата глава на фудбалерот. Тука многу битки губиме. Важна е и поединечна работа на психолог со секој фудбалер.

Главата горе... националната селекција колку и да не разочарува секоаш со нетрпение ќе очекуваме да дојде следниот меч и да видиме дали можеме да направиме нешто...иако тоа би се повторувало и повторувало, никогаш нема да и завртиме грб. И со право нели ?

22:04  
Anonymous Анонимен рече...

Ми се допадна анализата, почитувам разработени теми. Подетална статија на оваа тема не сум прочитал. Штета што не ја сочува за во весник.

Инаку, сите сме селектори, сите знаеме се и секогаш така ќе биде, иако вкусовите секогаш ќе бидат различни. И јас се сомневам дека Македонија има 40-тина играчи со репрезентативен формат, но на Катанец му се удира тврдоглавоста што ја наметна уште на самиот старт дека само оние што ги повикуваше од почетокот заслужуваат да играат во селекцијата. Малку е небулозно и сега година ипол откако е на функцијата да бара време и трпение за играчите кои ги форсира цело време. Почна додуша изнудено малку да менува, ама спорен е и начинот на селекција и начинот на елиминирање на играчите и системот... На мојот блог ја ставив целата верзија од мојот коментар на ТВ..

00:21  
Blogger Ико рече...

@Дарко: Ако зборуваме за Катанец, јас мислам дека во Македонија нема тренер кој е блиску до неговите квалитети (ако мора да бирам, тоа би бил Ѓоре Јовановски).

Инаку, за планот и програмата за работа и јасно поставените цели во текот на годините сум пишувал многу пати, знаеш и ти, и не сакам да верувам дека на никој не му текнало да подготви детален план (годишен, 2-годишен или повеќегодишен) и да зацрта цели кои мора да се остварат. По се изгледа дека има некој што не сака да го подготви!

@ Драган: Фала :-) се надевам дека за во весник ќе спремам уште подобра анализа. Комплетно се согласувам со тебе за тврдоглавоста на Катанец и тој дел од неговата личност заборавив да го спомнам во текстот. Така беше и кога беше во Словенија, па потоа во Олимпијакос, а така е и сега во Македонија.

Кога е Катанец во прашање, добивам два различни впечатоци кои сметам дека се пречка за остварување на резулатати. Првиот е дека не го сфаќа доволно добро македонскиот менталитет, начин на живеење и општо македонскиот фудбал. Како што поминува времето, очигледно е дека и не се труди премногу за да влезе во „шема“ туку едноставно ја злоупотребува клаузулата од неговиот договор: доаѓа тука, формално ја завршува работата и си оди.
Вториот впечаток е дека тој мисли дека е донесен тука за нешто да не учи нас новинарите, јавноста, народот... Не бараме да не учи или да ни објаснува какви се играчите што ги имаме - требало да биде свесен за играчкиот потенцијал уште пред да дојде на функција. Тоа е работата на селекторот - со она што го има на располагање да направи резултат, а не да се жали дека тоа што го има на располагање не му чини...

02:57  
Anonymous Анонимен рече...

Ej tekstot ti e sakam kazam neznam re~am...
Vrti suci naokolu i nisto konkretno. Site se vinovni i nikoj ne e vinoven... Abe vo sekoja normalna fudbalska nacija, posle rezultatski neuspesi se znae koj e kriv...
Pa ne mozam da veruvam deka tolku gi potcenuvas nasite treneri. Da ne se pocituva sopstvenoto, na smetka na nekoj stranec koj nema uspeh...!?
Ako si vistinski novinar, prv ke baras necija odgovornost...

17:13  
Anonymous Анонимен рече...

Anonimus невидени пациенти како тебе на секој чекор... па да не сакаш и во уста да ти го стаи изџваканото

18:55  
Anonymous Анонимен рече...

http://www.taratur.com/node/1354

Мојот став околу репрезентацијата, да не го копирам целиот.

19:19  
Blogger Ико рече...

Анонимен, ти си прв што не го разбираш текстот и не чувствувам потреба посебно да ти објаснувам кои се поентите.

Не знам која е причината што „не можеш да веруваш“ дека толку ги „потценувам“ домашните тренери?! Очигледно си читал некој друг текст бидејќи тука не е спомнато такво нешто, а веднаш ќе ти кажам дека слободно сум можел и да спомнам бидејќи од 10-те наши најдобри тренери (не ги сметам тие што не работеле во Македонија - Милко, Бошко, Чеде...) не можеш да составиш еден нормален - сето ова во поглед на познавање на фудбалот, писменост, способност да организираат тим, способност да менаџираат, а и на крај способност да остварат резултати.

Спореди го CV-то на Катанец со нивните (Цапар, Николче, Бабунски, Џиџи, Жути...) и ќе видиш за што ти зборувам. Не сакаш ни да знаеш како оние ретките од Македонија што имаат „ПРО-лиценца“ за работа ја добиле таа лиценца.

Некој погоре го спомна Ѓоко Хаџиевски - човекот што пола кариера работи во трета и чат-пат втора лига во Грција? Тоа не е препорака за добар тренер, барем не според моите критериуми.

Тука ќе завршам околу „квалитетите“ на нашите домашни тренери, а некој убав ден ќе им посветам цел текст за да го искажам моето мислење за секој од нив.

----------------------------------

Забегав со тренерите. Си пишал „ако си вистински новинар, прв ќе бараш одговорност“. Прво и основно: не сум вистински новинар. А второ: ако ти си вистински фан, ти прв ќе бараш одговорност и на Градски по нерешеното со Естонија ќе си ги собереше истомислениците и ќе викнеше: „ОСТАВКА, ОСТАВКА!“ - познато сценарио нели?

21:18  
Blogger Ико рече...

Ама јас не паметам такво нешто дека му се случило на Катанец.

Јас паметам дека во поразот од Англија, цела Јужна 2-3 пати скандираше „Сречко Катанец“.

Памтам дека ова се случи и против Русија.

А памтам дека нашите беа испратени со аплауз и по поразот од Израел!

Ова само покажува дека Катанец е единствениот досега што ја имал поддршката од публиката.

21:23  
Anonymous Анонимен рече...

Ико, одлична изведена анализа, без лаења во празно и мавања во матно и го чекам продолжетокот...
Од драган а1 сум разочаран што го потценува блогот како медиум (со неговиот коментар од погоре), иако и самиот има блог.

Зошто?
Во поседниве година дена, единствено и исклучиво спортските информации ги црпам од интернет т.е. од некои портали и најповеќе блогови. А не има такви МНОГУ.

23:07  
Blogger Vlado Apostolov рече...

Браос друже!

12:26  
Blogger Ико рече...

Фала :-)

17:42  

Објави коментар

<< Дома