Интервју: Дарко Панчев

18 септември 2006

Дарко Панчев зборува за состојбите во Вардар, мак-фудбалот, ФФМ, репрезентацијата, а дава и свое мислење за селекторот Катанец, потенцијалот на нашите фудбалери, Горан Пандев и Лигата на шампионите. Интересно интервју.



Каков е третманот во Македонија за најдобриот фудбалер во историјата на оваа земја?

Ако се мисли на општиот третман, секако дека сум задоволен. Тука спаѓаат луѓето, навивачите, оние што го следат фудбалот и спортот, тие со мене од секогаш биле коректни, можеби од причина што и јас секогаш сум бил коректен со нив. Комуникативен сум и никогаш не ми било тешко да одговорам на прашање на некој непознат на улица. Сепак, ако мислите на третманот од страна на институциите, мислам дека сме многу далеку од Европа, па и од земјите од Балканот. Не се работи само за мене, јас се надевам дека ќе се подобри третманот за сите оние спортски легенди кои значат нешто во нашето општество. Спортот е една од најважните работи во секое општество и ако врвните спортисти немаат коректен третман, што е со останатите...

Направете споредба на фудбалот кој се играше во ваше време и денешниот фудбал.

Јас не играв фудбал пред многу долг период, поминаа 15 години и сметам дека нема некои значајни измени во фудбалската игра. Во однос на самиот фудбал како игра, разликата е денеска што е малку подигнато нивото на трчање на фудбалерите, како и тоа што сега се игра на многу помал простор. Тоа е најверојатно бидејќи најмногу се форсира системот на игра 4-4-2, кој го игра скоро цела Европа. Кога ги дадов коментарите во врска со нашата репрезентација, во однос на системот на игра, многумина реагираа, но мислам дека оние што реагираа не се доволно упатени. Во Европа се игра 4-4-2, а со овој систем тимовите играат на многу помал простор и ја нема повеќе онаа „растегнатост“ помеѓу одбраната и нападот.
Инаку, во целина мислам дека нема некои поголеми промени. И тогаш беа најопасни нападите од крилните позиции, бидејќи секој добар центар-шут значи шанса за гол, а и сега е исто. За жал, со скратениот простор за игра се загуби доста од убавината и се помал е бројот на врвни фудбалери како Кака или Роналдињо бидејќи на таквите им е потребен поголем простор за игра.

Што се однесува до фудбалот надвор од терените?

Фудбалот е многу напреднат во бизнис-аспект. Светот на фудбалот напредна финансиски. Ако јас во 1992 година го имав рекордниот трансфер со 12-13 милиони долари, сметајте дека тој трансфер во денешни услови би чинел неколку пати повеќе.
Денеска побарувањата од фудбалерите се многу поголеми, но факт е дека и тие самите многу повеќе добиваат во поглед на финансиите. Фудбалот стана еден огромен бизнис, вртилиште на извонредно моќни луѓе од целиот свет, па со тоа многу се подигна и финансискиот дел.

Што мислите дека го спречува тој позитивен финансиски развој на фудбалот кај нас?

Сметам дека сe уште немаме направено добар закон за спорт. Државата мора да сфати дека спортот е еден од клучните елементи во една земја и мора да се реши да го направи тој чекор – овозможување на оние кои имаат силен бизнис и финансиски средства да вложуваат во фудбалот, а со тоа и да имаат некакви бенефиции. Не се работи само за фудбалот, туку за сите спортови.
Ова е чекор што мора да се преземе бидејќи само така ќе се доближиме до Европските стандарди. Па замислете, еден Динамо Загреб на годишно ниво добива 7 милиони евра од градот Загреб. Без финансирање, не може да се постигне напредок.

Споредба на Вардар во 1987 и 20 години потоа, во 2007 година?

Фудбалерите што денеска играат во нашата Лига имаат проблем бидејќи не постои вистинска конкуренција во првенството. Ниту тие самите не знаат до каде се и колку вредат. Во тоа време Вардар се натпреваруваше во извонредно силна Лига, каде уште на самиот старт ја имавме „големата четворка“ на фаворити, а покрај нив уште четири до пет клубови кои им конкурираат. Конкуренцијата беше силна и тоа влијаеше добро на самите фудбалери.
Јас се разочарав од дерби-натпреварот во нашето првенство помеѓу Вардар и Работнички, клубови кои важат за најдобри во нашата земја. Тоа беше еден очаен натпревар. Без разлика на тоа кој победи, секоја чест за Работнички, но доколку јас бев неутрален и дојдев на стадионот да гледам убав фудбал, длабоко ќе се разочарав. Кога најдобрите два тима во земјата играат таков фудбал, тогаш сe е јасно.

Која е улогата на Дарко Панчев во Вардар? Колкава моќ имате за донесување на одлуки, кој всушност ги влече конците?

Улогата што ја имам е релативно голема. Но, во секој случај, мора да се почитува она што го сакаат луѓето што се финансиери. Јас верувам дека и во еден Челзи, кога Абрамович ќе каже дека сака нешто, оние кои се вработени во клубот тоа го исполнуваат. Таква беше последната ситуација кога донесувавме одлука околу новиот тренер на Вардар. Со Брацо најдовме заеднички јазик и решивме да го направиме она што беше негова желба. Јас немав нешто против никого, едноставно го кажав мојот професионален став што беше различен од тој на Брацо, но мислам дека и со ова решение ќе биде добро. Ќе покаже времето.

Во неколку наврати се обидувате да имате поактивна улога во мак-фудбалот, но се чини секогаш наидувате на пречки. Дали има луѓе кои не го сакаат Дарко Панчев во мак-фудбалот?

Ако мислите на ситуацијата во ФФМ, јас веќе имам кажано дека ние ја дадовме поддршката на Иницијативниот Одбор како спортисти. И да има промена на раководството јас нема да имам никаква улога во ФФМ, а не ми ни треба некаква функција. Јас тоа го правев за доброто на фудбалот бидејќи сметам дека оваа гарнитура треба да си оди од Федерацијата.
Интересно е тоа што тие се „вадат“, односно го прикажуваат нивното работење во ФФМ преку резултатите на репрезентацијата. Репрезентацијата не е ФФМ. ФФМ е сервис на клубовите и на репрезентацијата. ФФМ треба да се грижи за фудбалските клубови, бидејќи тие ги даваат репрезентативците. Многу е едноставно. Тие зборат дека рејтингот на репрезентацијата се подобрил – па може да излезе добра генерација на фудбалери и да бидеме 10-ти на ранг-листата на ФИФА, но тоа не значи дека се работи добро во Федерацијата.
Јас сметам дека овие луѓе треба да си одат бидејќи не направија апсолутно ништо позитивно во изминативе неколку години. Па не се направи ниту еден терен за тренинг! Сметам дека треба да дојдат нови луѓе. Дали тие што сакаат да дојдат ќе бидат добри, тоа е друго прашање, тоа ќе покаже времето. Доколку и тие не работат како што треба, јас прв ќе излезам и ќе го кажам тоа.

До каде е Иницијативниот Одбор со битката за влез во ФФМ?

Од УЕФА и ФИФА јасно и гласно кажаа дека ситуацијата ќе биде решена многу брзо, Собранието ќе се одржи во септември или октомври и на тоа Собрание ќе се решат сите работи.

Дали сметаш дека мораше да се случи да дојдат луѓе од страна за да ни ги решаваат проблемите?

Во нашата држава изгледа дека зборовите морал и чест не постојат. Јас ви гарантирам дека во било која земја, доколку некој што го поставиле за претседател, а криел дека е осудуван и сега тоа излегло на површина, веднаш сам ќе си замине. Морал и чест нема, а луѓето по сe изгледа немаат принципи во својот живот. Доколку на мене ми се случи такво нешто, јас ќе избегам од државата, а не да дадам оставка во ФФМ!

Втор пат сте во една „битка“ со Хаџи-Ристески. Што мислите, што е тоа кај Хари што му ја носи поддршката од некои структури?

Нема поддршка! Тој има поддршка од оние луѓе кои гледаат некаков интерес во него. Јас ви тврдам дека половина од луѓето кои се делегати на Собранието не гледале ниту еден фудбалски натпревар минатата сезона. Вистината е болна, но не може да се бега од тоа. Тие што ја даваат поддршката за Хари не ги интересира дали тој е Хари или Панчев или некој друг, ги интересира само да земат 300, 400, 500 евра и да си го зголемат буџетот за тој месец. Некои можеби нема да се согласат со ова што го зборувам, но тоа е вистината, по сe изгледа таков е менталитетот кај овие луѓе. Мислам дека и општо, не само во спортот, во изминативе 15-тина години сите гледаат само да земат нешто од оваа држава, а не и да дадат за неа и да помогнат. Таков е случајот и во Федерацијата.

Да се вратиме на Вардар. Колку во моментов Вардар е далеку од враќање на старите победнички патеки? Каква е моменталната состојба во клубот?

За да биде Вардар подобар од она што е, мора да има поголем буџет. Со сегашниов буџет на Вардар не може да се бараат големи резултати. Без пари не можете да направите силна екипа. Кога се работи за домашниот фудбал, и со овие пари кои ги имаме сега можеме да направиме добар тим, кој ќе се бори за прво место. Меѓутоа, за да имаме шанси за да направиме нешто и во Европа, мора многу поголем буџет.
Кога ќе се средат состојбите во клубот, особено во Собранието на клубот, тогаш ќе бидат на потег оние кои сакаат да инвестираат, да седнат и да се договорат со Брацо заедно да го финансираат клубот. Кога ќе има повеќе финансиери, ќе има поголем буџет и ќе може да се работи нормално.
Со ваков буџет на мене, кој го водам спортскиот дел, ми се врзани рацете и не можам да направам нешто повеќе.

Дали си размислувал да вложиш свои средства во Вардар?

Ова е одлично прашање и сакам таа фама еднаш да ја рачистам. Многу пати сум слушал од многу луѓе вакви прашања и коментари, зашто јас да не влезам со свои пари во Вардар. На сите тие би им поставил контра-прашање: нека ми кажат еден пример во светот каде што големите фудбалски имиња инвестирале свои пари во фудбалските клубови? Дали Бекенбауер дава пари во Баерн? Не постојат такви примери. Зашто јас да давам пари? Јас треба да земам пари од фудбалот, а не да давам. Ако сака некој да го користи моето фудбалско знаење и мојот фудбалски „сенс“, треба да го плати тоа. Така е секаде во светот. Често сум наидувал на ова прашање и мило ми е што конечно можам да се изјаснам јавно.

Твое мислење за денешниот формат на натпреварување во Лигата на шампионите за разлика од времето кога ти настапуваше во ова натпреварување?

Сe што е сега направено е исклучиво поради финансиски причини. Тоа им е јасно на сите, се работи за повеќе пари. Според мене тоа не е коректно бидејќи мислам дека само од шампионските тимови може да се бира шампионот на Европа, како што и било 50-60 години наназад. Која е таа логика некој што е трет на табела во едно првенство да се бори за шампион на Европа. Еве, конкретен пример е Лацио: тие завршија четврти на табелата со 20-30 бодови помалку од шампионот Интер, а може да се случи да игра во финалето на Лигата на шампионите. Која е таа логика? Апсолутно нема никаква фудбалска логика, само финансиска.

Јас сум за промена на форматот и мислам дека помалите земји и клубови треба да добијат поголема шанса, а пред сe натпреварувањето да биде исклучиво за шампионите.

Горан Пандев е нашиот најдобар фудбалер во моментов. Не е благодарно да се прави споредба помеѓу Вас и Пандев, но можете ли да направите споредба на Серија А од времето кога вие настапувавте и денеска?

Видете, Италијанската лига во последниве 2-3 години падна барем 50% во однос на квалитетот. Како го образложувам ова? Освен Интер, Милан и Јувентус, сите други тимови немаат ниту еден силен фудбалер, познат на светско ниво. Тоа доволно говори за падот на квалитетот. Ова им дојде добро на многу фудбалери, секако и за нашиот Пандев, кои се најдоа себеси во таа лига. Во минатото Серија А беше многу посилна од сега. Само што ги следев натпреварите меѓу Сампдорија и Хајдук и за разлика од минатото сега Сампдорија е еден очаен тим. Еден Хајдук беше максимално рамноправен во двата натпревари, па дали тоа значи дека доколку Хајдук игра во Серија А ќе се пласира на средина на табелата, а во домашното првенство не може да победи против Меѓуморје. Тоа се некои паралели кои би можел да ги направам, но да резимирам, Серија А е многу послаба од минатото, а тоа им дојде многу добро на некои фудбалери, вклучувајќи го тука и нашиот Пандев.

Според мене, ако некој сака да покаже дека е добар фудбалер, треба да оствари резултат. Во спортот се мерат само резултатите, останатото не е важно. Ако некој сака да докаже дека вреди, треба да игра во голем тим, какви што се 15 или 20 во Европа. Јас своевремено направив трансфер во Црвена Ѕвезда, еден од најсилните тимови во Европа, освоив она што освоив и тоа доволно говори за мене. Не би сакал да споредувам дали некој играл подобро, полошо, поатрактивно, бидејќи во спортот на крај остануваат да се споредат само резултатите, не е важен временскиот период кога ќе ги остварите.
Во Еспорт имавме анкета во однос на селекторите од странство. Што мислите околу ова прашање, дали можеме да ги оствариме сегашните резултати и со домашни тренери?

Јас уште одамна кажав што мислам. Ако веќе носиме селектор од странство, тој мора да оствари подобри резултати од оние кои би ги оствариле домашните. Па ако веќе се плаќаат 200 илјади евра годишно, треба да се побараат и резултати. Многумина се налутија кога дадов изјава дека и со татко ми како селектор ќе бидеме 5-ти во групата, па дури и ме прогласија за предавник, но тоа е реалноста. Пред Андора и Естонија можеме да се пласираме без разлика кој ќе биде на чело на тимот.
Кое е вашето мислење за оваа генерација на репрезентативци, кој е крајниот дострел?

Би можел да кажам позитивно или негативно мислење за многу фудбалери, но мислам дека нема да биде коректно. Зелениот терен е тој каде се водат сите битки и каде се остваруваат резултатите и тие таму треба да покажат колку вредат. Ако во последните три квалификациски циклуси не можеме да се бориме за ништо повеќе од 4-то или 5-то место, тоа доволно говори за квалитетот на сегашниот тим.

Колку во Македонија има млади фудбалери кои имаат потенцијал да успеат во фудбалот на највисоко ниво? Има потенцијал, но малку се искористува. Првата грешка ја прават самите родители, кои сакаат уште во старт да ги носат децата во странство. Тие изгледа мислат дека во Европа нема деца што тренираат фудбал, па ги чекаат нивните деца да дојдат. Така ги уништуваат талентите, шетајќи ги низ Европа по 2-3 години во кои децата ниту ќе одиграат некој натпревар, ниту, пак, ќе тренираат како што треба. Јас би побарал да се донесе одлука во Федерацијата да се забранат трансфери во странство на фудбалери помлади од 21 или 23 години. Така ќе го подобриме квалитетот на Лигата, а и ќе им овозможиме на талентираните деца да се развијат подобро. Ова е широка тема и не би навлегувал во детали, но важно е да се знае дека таленти има, па останува на нас да ги искористиме.


Интервјуто е правено во кафе-барот „9“ во Скопје (сопственост на Дарко Панчев) во септември 2006 година. Објавено е во Esport и на On.net