Заврши фудбалов

30 мај 2005

Ете денеска заврши и шпанско првенство а со тоа и фудбалов низ Европа. Титулите ги собраа Челзи, Баерн, Лион, Барселона и Јувентус и тоа сите си ги заслужија. Исто и Работнички Кометал, ќе заборавев... Манчестер и Реал трпеа оваа сезона, пак без трофеј, за нив станува критично... На домашна сцена, колку што ќе ми остане во светло сеќавање сезонава поради Работнички Кометал (навивач на Вардар сум, ама радосен сум што конечно кај нас се створи еден високо професионален фудбалски клуб кој како резултат на тоа газеше се пред себе), Македонија - Холандија, Кометал финале... толку ќе ми остане и во мрачно сеќавање поради Андора...зашто мораше да ни се случи таква работа. Исто и Победа не испосрамија во Европа летоска...тоа е тоа. За идната...напред Вардар во Куп на УЕФА, напред Работнички во Лига на Шампиони. Скопје и Македонија сакаат евро-фудбал....ееее кога ќе ми текне само на Вардар- ЦСКА и Вардар - Спарта....таков го сакам Градски... Ајде со господ напред ќе бидне!!!

Ливерпул

26 мај 2005

Ееее...каков натпревар. Барем што се однесува до мене, најдобро финале во последниве години. Браво за Ливерпул, покажаа како треба да се игра. А едно УА за Милан зошто успеаја да испуштат вакво водство...мислам не е во ред. И денеска читам коментари на играчиве....Шевченко вели дека не бил во офсајд за голот што му го поништиле?! Абе и да не бил...никој не им е крив. Самите успеаја да го прокоцкаат водството од 3-0, што иначе се случува пврвпат во историјата на финалните натпревари – екипата што водела 3-0 да загуби на крајот. Што е – тука е...треба едноставно да им се честита на фудбалерите на Ливерпул за менталитетот...кој сигурно ќе биде една добра лекција за сите тимови дека мечот трае 90 минути...Мене искрено на полувреме ме фати жал за Ливерпул. Го гледав натпреварот во Витраж (инаку најдоброто место за гледање фудбал во градот) и на полувреме им честитав на сите навивачи на Милан и бев помалку разочаран зошто ако победеа Милан, цела сезона ќе требаше да ги слушам како се фалат. А вака...титула ми освоија и Барса и Јувентус, плус тоа опкружен сум (у маало) со навивачи на Милан, Интер, Реал, Манчестер – екипи што не освоија ништо. Екстра... :) Што мислите вие?!

У...У...А...А...МАКЕДОНИЈА!...МАКЕДОНИЈА!!!

12 мај 2005

На Градски се одигра натпревар помеѓу Македонската фудбалска репрезентација составена од играчи од домашното првенство и Работнички Кометал кој заврши со резултат 2-2, иако многу лесно репрезентацијата можеше да загуби од шампионот. Како и да е, го поздравувам овој потег на селекторот Сантрач кој даде на знаење дека во домашното првенство постојат потенцијални репрезентативци. Кој од овие фудбалери ќе се појави на список за официјален натпревар ќе видиме веќе летово против Ерменија и Чешка. Сакав само да ги претставам моите фаворити за националниот тим и како тој би изгледал кога јас би бил селектор.


Бајевски

Пандев Гроздановски

Игњатов

Шумоликовски А. Митревски

Седлоски(К) Новевски Васовски

Милошевски (?)

Мојата идеја е да се игра со тројца класични централни бекови кои не би мрдале од шеснаесетник. Капитенот Седлоски, Новевски и Васовски. Шумоликовски и Аце Митревски (евентуално Јанчевски) да играат како дефанзивен среден ред, и да се ориентирани кон затворањето на приодот кон одбраната како и за испорачување на топки кон нападот. Нападот би го организирал Сјојанче Игњатов, тоа е негова природна улога и според моето мислење би се снаоѓал најдобро со Гроздановски по десната и Пандев по левата страна бидејќи се брзи, експлозивни, располагаат со одличен дриблинг и шут. Како единствен класичен шпиц би го поставил Бајевски или евентуално Мазнов или Чадиковски. Мислам дека Пандев и Гроздановски одлично ќе соработуваат со еден покорпулентен шпиц играч. А за голман, сакале или нејќеле ќе ни брани Милошевски. Јас повеќе би ставил било кој голман од нашата прва лига но по се изгледа без разлика дали тој брани или ја грее клупата во својот клуб, местото му е загарантирано. Што мислите вие? Се согласувате ли со моето мислење дека ова е најквалитетниот состав што го имаме?

FORZA JUVENTUS!!!

09 мај 2005




Во три фотографии како изгледаше постигнувањето на голот со кој екипата на Јувентус едноставно со директна победа над Милан и тоа на гости и тоа без услугите на Ибрахимовиќ и Зебина, и со повредата која го снајде Каморанези на сред натпревар го победи Милан и покажа кој ја заслужи титулата во Италија оваа сезона. Ме интересира што имате да кажете, а особено вие навивачите на Милан. Што се случи ?! :)

Репрезентација

06 мај 2005

Ми дојде желба да напишам и неколку реда околу нашата фудбалска репрезентација. Во моментов нашата земја тоне се подлабоко на ранг-листата на ФИФА и бележи катастрофални резултати. Ова што следува е моето видување за тоа како треба да функционира репрезентацијата, каде се нашите грешки.

1. ФФМ - Главната одговорност е во ФФМ. Федерацијата е таа која треба да се грижи за се околу репрезентацијата. Организацијата е најважната работа. Треба да се врши притисок кон клубовите во кои настапуваат нашите интернационалци да бидат поштедувани и пуштани порано, репрезентацијата нема свој личен кувар кој би се грижел за исхраната, нема постојано собиралиште, нема посебен тренинг-центар и ова се само дел од недостатоците при организација. Што е исто така важно, не смее да се дозволи репрезентативниот состав кога има гостувања да биде шетан по аеродроми и автобуси...туку како што е пракса секаде да се оди со чартер-лет и ништо друго. Да се обезбедат премии однапред но исто така и казни однапред, а не само да се казнуваат репрезентативците кампањски. Организација на пријателски средби во секој можен термин со било кој противник...нека биде тоа и Лихтенштајн, целта на пријателските средби е да се вкомпонира екипата а не да се победи подобар противник. И уште една работа... да се изнајдат пари за да се платат осигурувања и авио-билети за фудбалерите. Не смееме да си дозволиме како што си дозволивме во минатите години еден голман од калибарот на Ока Николов кој три години беше прв голман на Ајнтрахт Франкфурт да не брани за репрезентацијата поради недостаток од средства за осигурување, или пак Виктор Треневски кој во моментите кога беше наш најдобар фудбалер, направи трансфер во Мексико и федерацијата немаше пари да му го плати авио-билетот за да настапува.

2. Селекторот - Во моментов г-динот Слободан Сантрач. Селекторската функција да не биде сватена како досега, туку да биде сватена како професија - работно место. Селекторот треба да има сопствена канцеларија во која ќе седи секој работен ден од 8 до 15 часот, да ги анализира противниците, да му бидат набавени видео касети од игрите на нашите интернационалци и да следи натпревари од домашното првенство. Истите натпревари одвреме навреме да ги следи во живо.

3. Фудбалерите - Да се залагаат 100% на секој натпревар, да бидат свесни дека тие играат за државата а не за селекторот или за ФФМ и да не влегуваат во разни конфликти во кои што сме навикнале да ги гледаме.

И според мене - најважното од се: Програма за развој на репрезентативниот фудбал: што е тоа? Тоа е стратегијата која треба да ја подготви ФФМ за постепен развој на фудбалот. Не смееме да играме кфалификации како 96-то пласирани на ранг-листата на ФИФА а да очекуваме пласман во бараж за СП или ЕП. Тоа е најголемата заблуда. Нашата репрезентација изминатиов период најголемо внимание посвети на дуелите со Чешка и Холандија - Да, одигравме нерешено со Холандија но проблемот е токму тука. Ние сме во група со 2 објективно послаби противници - Ерменија и Андора --> најголемо внимание треба да се посвети на нив, т.е. да се оди на сигурни 12 бода од тие четири натпревари. Понатака, Финска е репрезентација со слични квалитети како нашата, со Финска треба да се брка барем една победа на домашен терен = 3 бода, додека против Романија - репрезентација за нијанса посилна од нашата да се брка едно реми на домашен терен = 1 бод. Е кога ќе ги имаме овие 16 бода, потоа како премија ќе ни дојде евентуално реми со Холандија и Чешка или + уште некој бод од натпреварите со Романија и Финска на гости. Со тие бодови 99,9% би си го осигурале третото место во групата, ќе направиме скок на ранг-листата на ФИФА, ќе влеземе во третиот барабан на репрезентации за следните квалификации а сето ова значи и посилни (и поатрактивни) противници во пријателските средби, послаби противници во следните квалификации и поголеми шанси за пласман на едно светско или европско првенство.

Местење

05 мај 2005

Како да фатите пари во кладилница? Едноставно, ќе ги вложите сите пари кои сте ги заштедиле на еден натпревар кој ќе ви го откријам, тоа е првиот натпревар кој ќе го игра Победа Прилеп кон крајот на летото во Лигата на шампионите. Како да одиграте и зашто?

Еве како и зашто:
Ниту ова македонско првенство неможеше да помине без местење. Среќа шампионот ќе биде регуларен (секоја чест за Работнички К иако сум навивач на Вардар) и тоа регуларен само затоа што екипата на Работнички е супериорна. Имав прилика да разговарам со еден од докторите кои се задолжени за здравјето на играчите на идниот шампион(фамилијарен пријател ни е) и тој ми објасни како се работи таму. Фудбалерите имаат огромни плати, имаат по два тренинга дневно, се хранат СТРОГО по пропишаната исхрана од клубот, за разлика од некои наши фудбалери од други клубови (несакам да ги именувам) кои почесто ги гледам на шанк во некоја од дискотеките одошто на теренот, фудбалерите на Работнички излегуваат навечер само два пати неделно и тоа сите заедно со тренерот Јовановски и тоа одат или на заедничка вечера или заедно одат во кино. Со ваков светски режим на работа во овој клуб неможе ни да се очекува ништо друго. Дури и смешно ми беше кога следев некои натпревари на Работнички каде судијата свиреше фаул само затоа што премногу силно ја шутираат топката и на секој начин се обидуваше да им наштети но тие пак победуваат со 2-0, 3-0... Што се однесува до Вардар, квалитетни играчи, проблеми со управата, неисплатени плати....второто место во ова првенство е реално.
Е сега стигнавме и до прилепска Победа. По наместеното првенство минатата година, луѓето си ги наполнија џебовите по натпреварот во квалификациите за Лигата на шампионите. За првпат во историјата на македонскиот фудбал, македонска екипа не го помина првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, каде практично за противник ни доаѓаат аматерски екипи од антифудбалски земји. Дури и самите противници на Победа неможеа да веруваат дека одат понатаму... Каде е заврзламата оваа година? Раководството на ФФМ од оваа година почна самостојно да ги издава лиценците за настап во Европа (до претходната сезона клубовите лиценци бараа директно од УЕФА) и што се случи? Во полу-финалето на Купот на Македонија се пласираа Маџари, Силекс, Башкими и Турново. ФФМ не издаде лиценца за ниеден од овие клубови (иако сите освен Турново редовно добиваа лиценци од УЕФА минатите години) а најсмешно беше неиздавањето лиценца на Силекс кој со години наназад игра во Евро-куповите, но за среќа по нивната жалба, им беше издадена лиценца. Згора на тоа, се донесе одлука, единствена од ваков тип во Европа, ако никој од клубовите кои ќе играат во финалето нема лиценца, тогаш, во Купот на УЕФА ќе патува третопласираната екипа во првенството. Практика секаде низ европа е доколку финалистите во купот немаат лиценца или преку првенството обезбедиле пласман во Купот на УЕФА или Лигата на шампионите, патник да биде најдобро пласираната екипа која испаднала во полу-финалето (Како на пример Алеманија Ахен - германскиот второлигаш). АМА, кај нас не е така. Во финалето се пласираа Маџари и Башкими кои немаат лиценци а во Купот на УЕФА оди третопласираната екипа од првенството, а веќе погодувате која е таа екипа? ПОБЕДА ПРИЛЕП се разбира.

Случајност или не? Сепак мислам дека не е случајност... А вие?

Лига на шампиони


Дојдовме до уште една завршница на Лигата на шампионите. Оваа година во финалето ќе играат Милан и Ливерпул. Секој има свое мислење кој највеќе заслужил да стигне до финалето а кој не. Ова што следи е мојот поглед на натпреварите во ЛШ оваа сезона.

Да почнам од финалистите. За Ливерпул, пласманот во финалето е фантастичен успех. Оваа екипа според мене заслужи да се најде таму поради тоа што успеа да елиминира големи противници, пред се Јуве и Челзи а уште поголема тежина на нивниот успех додава фактот дека цела сезона се мачеа со повреди на клучни играчи и во првиот тим често играа играчи кои во нормална ситуација не би се нашле ниту на клупата.
Милан исто така пројде преку повеќе тешки противници, но според мене, по полуфиналето морален победник во дуелот помеѓу Милан и ПСВ Ајндховен е холандскиот клуб и сигурно тие се тие кои повеќе заслужија да играат во финалето. Милан на двата натпревари ниту еднаш не врза 20-тина минути иницијатива и упати многу малку шутеви кон голот на ПСВ. Победата од 2-0 дома беше превисока со оглед на случувањата на теренот, додека реваншот во Холандија беше посебна приказна. Милан со еден шут на гол си обезбедија пласман во финале додека ПСВ доминираше во текот на целиот натпревар. Кај англиските екипи, Арсенал уште поодамна никако да му тргне во ЛШ па не е изненадување нивното рано испаѓање додека Челзи според мене не заслужија да стигнат ниту до полуфиналето бидејќи не ги надиграа ниту Баерн ниту Барселона. Реал Мадрид со игрите покажа дека е зрел за реконструкција додека Валенсија и Депортиво слабите игри во домашното првенство ги повторија и во ЛШ. Рома нема сили за ништо повеќе од опстанок во Серија А оваа сезона додека Интер стигна и предалеку со оглед на нивната непостојана игра оваа сезона. Јувентус играше одлично и можеби заслужи нешто повеќе но бледото издание на натпреварот со Ливерпул на Деле Алпи го уништи трудот од целата сезона во ЛШ.
Тоа е моето гледање, што мислите вие?

Здраво народе

04 мај 2005

Јас сум селекторот...

Контакт...


E-mail:


MSN Messanger:


Yahoo Messanger: