Репрезентација

06 мај 2005

Ми дојде желба да напишам и неколку реда околу нашата фудбалска репрезентација. Во моментов нашата земја тоне се подлабоко на ранг-листата на ФИФА и бележи катастрофални резултати. Ова што следува е моето видување за тоа како треба да функционира репрезентацијата, каде се нашите грешки.

1. ФФМ - Главната одговорност е во ФФМ. Федерацијата е таа која треба да се грижи за се околу репрезентацијата. Организацијата е најважната работа. Треба да се врши притисок кон клубовите во кои настапуваат нашите интернационалци да бидат поштедувани и пуштани порано, репрезентацијата нема свој личен кувар кој би се грижел за исхраната, нема постојано собиралиште, нема посебен тренинг-центар и ова се само дел од недостатоците при организација. Што е исто така важно, не смее да се дозволи репрезентативниот состав кога има гостувања да биде шетан по аеродроми и автобуси...туку како што е пракса секаде да се оди со чартер-лет и ништо друго. Да се обезбедат премии однапред но исто така и казни однапред, а не само да се казнуваат репрезентативците кампањски. Организација на пријателски средби во секој можен термин со било кој противник...нека биде тоа и Лихтенштајн, целта на пријателските средби е да се вкомпонира екипата а не да се победи подобар противник. И уште една работа... да се изнајдат пари за да се платат осигурувања и авио-билети за фудбалерите. Не смееме да си дозволиме како што си дозволивме во минатите години еден голман од калибарот на Ока Николов кој три години беше прв голман на Ајнтрахт Франкфурт да не брани за репрезентацијата поради недостаток од средства за осигурување, или пак Виктор Треневски кој во моментите кога беше наш најдобар фудбалер, направи трансфер во Мексико и федерацијата немаше пари да му го плати авио-билетот за да настапува.

2. Селекторот - Во моментов г-динот Слободан Сантрач. Селекторската функција да не биде сватена како досега, туку да биде сватена како професија - работно место. Селекторот треба да има сопствена канцеларија во која ќе седи секој работен ден од 8 до 15 часот, да ги анализира противниците, да му бидат набавени видео касети од игрите на нашите интернационалци и да следи натпревари од домашното првенство. Истите натпревари одвреме навреме да ги следи во живо.

3. Фудбалерите - Да се залагаат 100% на секој натпревар, да бидат свесни дека тие играат за државата а не за селекторот или за ФФМ и да не влегуваат во разни конфликти во кои што сме навикнале да ги гледаме.

И според мене - најважното од се: Програма за развој на репрезентативниот фудбал: што е тоа? Тоа е стратегијата која треба да ја подготви ФФМ за постепен развој на фудбалот. Не смееме да играме кфалификации како 96-то пласирани на ранг-листата на ФИФА а да очекуваме пласман во бараж за СП или ЕП. Тоа е најголемата заблуда. Нашата репрезентација изминатиов период најголемо внимание посвети на дуелите со Чешка и Холандија - Да, одигравме нерешено со Холандија но проблемот е токму тука. Ние сме во група со 2 објективно послаби противници - Ерменија и Андора --> најголемо внимание треба да се посвети на нив, т.е. да се оди на сигурни 12 бода од тие четири натпревари. Понатака, Финска е репрезентација со слични квалитети како нашата, со Финска треба да се брка барем една победа на домашен терен = 3 бода, додека против Романија - репрезентација за нијанса посилна од нашата да се брка едно реми на домашен терен = 1 бод. Е кога ќе ги имаме овие 16 бода, потоа како премија ќе ни дојде евентуално реми со Холандија и Чешка или + уште некој бод од натпреварите со Романија и Финска на гости. Со тие бодови 99,9% би си го осигурале третото место во групата, ќе направиме скок на ранг-листата на ФИФА, ќе влеземе во третиот барабан на репрезентации за следните квалификации а сето ова значи и посилни (и поатрактивни) противници во пријателските средби, послаби противници во следните квалификации и поголеми шанси за пласман на едно светско или европско првенство.