Канаваро заслужи... или не?

09 декември 2006

Иако можеби не е нешто најактуелно, чувствувам потреба да реагирам на Златната топка која му беше доделена на Фабио Канаваро (кој патем се наоѓа на насловната страница на новиот број ClubFootball).



Кога Џон Кару го „искриви“ Канаваро на последниот натпревар меѓу Реал и Лион и постигна гол, ретки беа тие што во Канаваро гледаа нов носител на најпрестижната награда која еден фудбалер може да ја добие. Имаше многу реакции во медиумите, а и по блоговиве околу тоа колку Канаваро ја заслужи наградата. Кои се аргументите за и против и која е причината поради која Канаваро го доби признанието?

Сетете се на играта на Канаваро на изминатото СП. Факт е дека му беше нанесена неправда од проста причина што никој од новинарите кои гласале пред крајот на финалниот натпревар не можеше да претпостави дека Зинедин Зидан ќе го направи најконтраверзниот (и најглупавиот) потег во својата кариера. Италија го освои Светското првенство, а Канаваро беше капитен и лидер на победничкиот тим.



Факт е дека со тие игри Канаваро ја заслужи оваа награда и не треба да биде чудно што ја добива најдобриот фудбалер на СП. Дискутабилен е неговиот успех пред и по Светското првенство. Со Јувентус освои титула која административно (би рекол неправедно, но тоа е веќе друга тема) му беше одземена, а во Реал Мадрид не прикажува некоја сјајна игра.

Главната причина лежи во новинарската политика и најверојатно меѓусебен договор и чувство на одговорност на Канаваро да му се надомести што наградата за најдобар на СП не замина во негови раце. Истите тие новинари беа оние кои ја направија грешката избрзувајќи со гласањето за Зинедин Зидан пред крајот на финалето и сега решија да ја исправат својата грешка.

Според мене, ова е неправилен и непрофесионален потег. Се компромитираше реномето на најпрестижната награда без никаква потреба. Канаваро беше капитен и го освои Светското првенство со Италија, а неговите игри ќе ги паметиме сите без разлика што не беше прогласен за најдобар фудбалер. Како и да е, се надевам дека спортските новинари ќе извлечат позитивна поука од целата ситуација и во иднина наградата ќе продолжи да се доделува на реално најдобрите фудбалери во текот на целата година.


Tags: football, Macedonia, Фудбал, Македонија, Cannavaro, Zidane, награда.

Фудбал...

08 декември 2006

Природата на работното место ми е таква што сум приморан во одредени периоди (последните и првите денови секој месец) да правам пауза од блогирање, но еве ме пак.

На фудбалската сцена се случија многу работи и во следниве неколку дена ќе се обидам да покријам дел од настаните за кои имам мислење кое сакам да го поделам со вас и сакам да го слушнам и вашиот став (Канаваро и Златната топка, ситуацијата во Вардар again и уште пар работи од Европа).

Најпрво за репрезентацијата. Се очекува закажување на пријателски натпревар. Во игра е Брегот на Слоновата Коска (БСК) што за мене е тотално неприфатлива опција. Во моментов ни треба пријателски натпревар на гостински терен пред полн стадион и притисок од публиката. Тоа би била идеалната подготовка на нашата репрезентација во пресрет на дуелот со Хрватска во Загреб. Би било уште подобро кога би се закажал натпревар против репрезентација со слични квалитети и стил на игра како нашиот следен противник, но не може се да биде совршено. До некаде ми се допаѓа и идејата за учество на турнирот на Кипар... Верувам дека ако Катанец го има последниот збор ќе биде направена правилна одлука.

Домашното првенство е пред крај на есенската полусезона. Како што се очекуваше Работнички, Македонија ЃП и Вардар влегуваат како фаворити во пролетниот дел од сезоната. Работнички осцилираше со резултатите на стартот на првенството најмногу поради настапите во Европа и сега се стабилизираше. На Македонија ЃП и недостига константноста која ја загубија по поразот од Работнички и добро ќе им дојде малку работа на физичката кондиција во пресрет на пролетта додека Вардар е посебна приказна и мислам дека се уште е во трка за титулата само поради поволниот распоред на натпревари во последните неколку кола.


Tags: football, Macedonia, Фудбал, Македонија, Катанец, репрезентација, Katanec.