Работнички во Европа...

21 септември 2006

Помеѓу двата натпревари на Работнички Кометал со Базел, сакам да прокоментирам околу годинашниот настап на нашиот шампион во Европа.

Враќање во реалноста
Колку и да постои разочарување по првиот натпревар со Базел, факт е дека Работнички го повтори најголемиот успех на некој клуб од Македонија: 3-то квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тоа е она кое е важно. Од Работнички го исполнија она кое го најавија: чекор понапред од минатата сезона. Мораме да бидеме реални во очекувањата и да разбереме дека во моментов, во Лигата на шампионите нема место за клуб од Македонија. Ова е така од многу причини. Пред се, ниту еден клуб од нашата земја нема капацитет, како играчки така и организациски, да се натпреварува паралелно во домашното првенство и ЛШ. Пласманот во фазата по групи носи заработувачка но и катастрофални резултати. Погледнете ги излетите на Реал Сосиедад, Бетис, Виљареал, Удинезе... сите „помали“ клубови кои се пласираа во фазата по групи „изгореа“ на домашен план.

Очекувањата од нашиот шампион мора да бидат во рамките на реалноста. Погледнете ја нашата Прва лига и споредете ја со останатите лиги во кои настапуваат учесниците. Постои огромен недостиг од натпревари против квалитетни противници. Нашиот шампион во текот на цела сезона игра 3 или 4 силни натпревари што е премалку.

Недостиг на квалитет
За да се дојде до Лигата на шампионите, МОРА да се инвестира. Тука не зборувам само за редовно плаќање на фудбалерите и добра организација. Тука мислам на доведување на квалитетни засилувања од Македонија и странство кои ќе можат да одговорат на предизвикот. Работнички не инвестираше во составот а стигна на чекор до групите.

Куп на УЕФА
На Работнички не му е потребен настап во Купот на УЕФА! Зашто? Бидејќи овој состав на фудбалери реално нема капацитет да се натпреварува во фазата по групи. Европските натпревари ќе го одвлечат вниманието од домашното првенство, фудбалерите ќе се исцрпат од пеколниот ритам (за прв пат во животот ќе играат во ритам недела - четврток - недела). Работнички ќе добие многу на финансиски план но ќе загуби уште повеќе на резултатски план во домашното првенство. Не велам дека кога веќе се наоѓаме на чекор од влегувањето во групите треба намерно да се загуби, туку посочувам дека недостигаат уште многу елементи кои ќе го претворат Работнички во „европски“ клуб.

Им останува домашното првенство и Купот. Тие се фаворити за освојување на трофеите и препорачувам уште во зимскиот преоден рок да се мисли на засилувања на тимот, заедно со голема „чистка“ на непотребни фудбалери. Само така раководството и фановите ќе можат да се надеваат на нешто повеќе во следниот излез во Европа.

3 коментари:

Blogger JumboMkd рече...

Без дилема Работнички направи голем успех во Европа. Но прашањето е до кога ќе се задоволуваме со ова ниво што го достигнаа Работнички и Вардар? До кога ќе се задоволуваме со квалификациски кола???

А за Уефа Купот воопшто не се согласувам со тебе. Групите од Уефа Купот итоа како му се потребни не само на Работнички туку и на било кој друг клуб од Македонија и мислам дека веќе треба да се размислува на тоа. Далеку сме од ЛШ но затоа треба веќе од идната година да се цели кон пласман во групите на Уефа купот. Што ако се уморни играчите на Работнички од тоа темпо? Па Работнички има клупа која е појака од првиот тим на 80% од клубовите во МПФЛ. А па какво значење има МПФЛ??? Кој квалитет го има? За што да се борат?

13:39  
Blogger Ико рече...

МПФЛ е значајна бидејќи преку неа се влегува во Евро-куповите!

Не реков дека треба да бидеме задоволни со квалификациски кола. Ако ме прашувате мене, јас никогаш не сум задоволен со 2-ро место, квалификациски кола или нешто друго освен освојување на трофејот (без разлика дали е ЛШ, домашно или светско првенство).

Реков дека треба да бидеме РЕАЛНИ! Реалноста вели дека Работнички сеуште е далеку од групите во Купот на УЕФА... Па луѓе, примија 6 гола!!! Треба уште многу многу работа... За групите, идната сезона и само ако се доведат квалитетни засилувања - тоа што Работнички можеби има посилна клупа од повеќето прволигаши не значи ништо - на терен играат само 11 луѓе.

14:23  
Blogger Ико рече...

И самиот кажа, нема квалитет во домашното првенство - со тоа нема квалитетни натпревари со кои Работнички (или било кој друг клуб од МКД) подготвени би влегле во Купот на УЕФА или Лигата на шампионите...

14:24  

Објави коментар

<< Дома