Подарок за Англија

07 септември 2006

Македонија загуби од Англија на Градски во Скопје. Поразот боли бидејќи не е заслужен и боли фактот што е прекината нашата серија од 3 победи по ред.
Ме немаше на блог подолго време - годишен одмор и обврски на работа, па сега ќе се обидам да го надополнам она кое го пропуштив.

Најпрвин, она најактуелното - Македонија против Англија. Загубивме од една од најголемите фудбалски сили на планетава и тоа не е срамота. Никогаш не ми е жал за порази на нашиот национален тим од репрезентации кои ќе не надиграат и ќе си ја заслужат победата. Англија не ја заслужи победата на Градски. Многумина ќе речат “Тоа е голем тим, победува и кога не игра добро“, но не се согласувам со таквата теза. Англија победи бидејќи ние и дозволивме, бидејќи ние направивме грешка.

Позитивно
Она што можеме да го извлечеме како позитивно од овој натпревар е играта на нашата репрезентација. Очигледен е печатот на селекторот врз нашата поставеност, организираност и подготвеност за надигрување на теренот. Англија не успеа да направи ниту една шанса од игра на Градски. Еден удар со глава на Крауч и ударот со “ножички“ на Дефо беа единствените две шанси кои беа создадени по долгите нафрлања од аут на Невил. Двете шанси од игра дојдоа по наши грешки. Погрешно расчистување во првото полувреме и Лампард се најде сам на 15-тина метри од нашиот гол. Николовски одбрани. Второто лошо расчистување на нашата одбрана (Петров) значеше нафрлена топка во пеналтикот и гол за водство и победа на Англија. Англија победи за милиметар, без да ја затресе нашата мрежа.

Негативно
Ноншалантноста, неангажираноста и недоволната храброст на некои наши фудбалери во одредени периоди од натпреварот. Мазнов беше тотално затворен и ниту еднаш не се “спои“ со топката. Шумоликовски и Јанчевски беа одлични во дефанзивниот дел од задачите но потфрлија кога мораа да повлечат напред и похрабро да тргнат кон голот на Робинсон.

СелекторотКатанец тотално ја затвори играта на Англија. Одличната тактичка поставеност ги неутрализираше Џерард и Лампард, Даунинг со својата игра ги оправда критиките на новинарите кон Мекларен (доби критики бидеќи го форсира Даунинг кој не би требало да игра). Нашата одбрана бранеше простор што се покажа како квалитетно решение. Немаше “фластер“ за Крауч или Дефо а Седло, Новевски и Митревски наизменично добро ги чуваа.

Противниците
Англија со својата игра воопшто не го оправда епитетот “светска велесила“. Гледајќи ги како се бранат во својот шеснаесетник во голем дел од натпреварот, исфрлајќи ги топките далеку во трибините и задржувајќи го времето при секое изведување на аут, корнер или слободен удар доволно говори за нивната немоќ да ја одиграат својата игра против Македонија. Стив Мекларен на прес-конференцијата по натпреварот се обиде да ги оправда своите репрезентативци фалејќи ја играта на нашите и обвинувајќи го судијата за некои одлуки. Во тој момент се изнервирав и морав да му го спомнам пеналот. Мекларен како одговор на моето прашање само промрморе дека не ја видел таа ситуација во нивниот шеснаесетник. На ова, еден новинар од Англија му дофрли: “You only see what you want to see Steve. Where was Lampard, Gerard?“. На Мекларен му беше јасно дека играта на неговите беше еднаква на пораз.

Надвор од MKD-ENG
Имаме секаква причина да бидеме задоволни од нашата репрезентација. Како никогаш досега наредивме победи во низа, стартувавме во квалификациите со задолжителната победа над Естонија на гости а загубивме од Англија што и не е трагедија. Како што кажа Катанец - сите натпревари вредат по 3 бода, ние до крајот имаме уште 10 натпревари од кои ќе се обидеме да извлечеме што повеќе бодови. Англија и не е противникот од кој можеме да се надеваме на бодови. Репрезентацијата е организирана. Костурот на тимот е ист во последните неколку натпревари. Фудбалерите чувствуваат самодоверба и се свесни дека имаат квалитет за нешто повеќе од резултатите кои ги остварувавме во минатото. Самиот пристап на нашите кон овој натпревар ме воодушеви. Никој не се возбудуваше премногу туку сите гледаа на него како еден обичен квалификациски дуел. Уште еднаш ќе ги измериме силите со Англија во Манчестер а потоа следува она клучното: натпреварите со Андора (гости) и Русија (дома). Ако успееме да ги освоиме максималните 6 бода од овие два натпревари, ќе го имаме идеалниот старт на квалификациите.

Ваш коментар?

2 коментари:

Anonymous Анонимен рече...

Ико јас пред натпреварот очекував победа,најискрено со огромна доверба и смиреност очекував дека можеме да им дадеме барем еден гол бидејќи бев убеден дека ќе ги задржиме во нападите.Ги маркиравме на секој начин и не им дозволивме да играат ама буквално ништо.И тоа не беше лош ден на Англија туку беше резултат на играта на нашите херои.Јанчевски и Шуми многу подобро играат како дефанзивни играчи за врска отколку што можат да потегнат конци во нападот.Можеби трба тасевски да добива шанса бидејќи е многу покреативен и може да создаде шанса за напаѓачите и да ги проигра во опасната зона.------------------------------
МекКларен воопшто не мисе допаѓа како селектор поради неговите замисли и планови.Даунинг е просек а изоставањето на Бекам воопшто не е оправдано иако се земе неговиот план за млад тим кој ќе созрее во следните две години за ЕВРО2008.Бекам е тип на играч кој од прва до последна минута дава максимум,и што е најважно а МекКларен не го зема во предвид дека иако има 30 години и за следното првенство би имал 2+ и 4+ за Мундијалот,тој има иста енергија како кога настапувал со дваесет години и кога го достигна врвот со Јунајтед.Негова работа,на крај ќе заврши и покатастрофално од Ериксон.Ако Англичаните ги бројат само настапите на својата селекција во квалификациите а не им се важни завршниците ,онда ок.--------------
Жерард / Лампард ?????Јас не ги видов.

21:05  
Anonymous Анонимен рече...

И уште нешто.Сите викаат катастрофалната грешка во одбраната.Едноставно Петров наместо да ја издува со десна на која и му легнуваше топката тој ја исфрли со неговата ,,вообичаена,, лева со надворешен фелш(во случајов глужд).И затоа беше толку слабо и ниско исфрлањето.Но и тоа немаше да биде толку лошо да не се лизнеше Митрески во петерецот затоа што сигурно или ќе ја блокираше топката од крауч или би отишол на неа со глава што би било судено опасна игра со нога.

16:30  

Објави коментар

<< Дома