Брацо и парите

23 септември 2006

Не ми се верува. Во Вардар и понатаму се случуваат штрајкови на фудбалери. Клубот денеска повеќе личи на некое стечајно претпријатие отколку на лидер на табелата во домашното првенство.
Ветувања...
„Иде Брацо...“, „Брацо се јави, на граница бил со куферот пари“, „Само што не преминал граница Брацо со парите“, „Брацо ќе дојде во понеделник“, „Брацо ќе плати до крајот на неделава“, „Брацо пратил пари, во секој момент ќе стигнат“ и т.н. Ова се зборовите кои фудбалерите на Вардар ги слушаат во последните 5 години. Брацо и парите! Никако не може да ми се разјасни како самите фудбалери „паѓаат“ на вакви муабети од управата а и никако не може да ми се разјасни кои се причините поради кои не се редовно плаќани.

БРАЦО СО КУФЕРОТ СО ПАРИ

Глупав
Да се разбереме, сите кои играле за Вардар во претходните неколку сезони си ги добиле сите пари кои биле предвидени за нивна плата. Сите до денар. Ама, не ги добиваат редовно. Од ваквата ситуација можам да заклучам само едно: Брацо е глупав! Зашто редовно не ги исплаќа фудбалерите? Што постигнува со тоа? Истите пари секако на крајот на сезоната ќе мора да ги доплати а вака, во среде сезона, само го оштетува својот тим и влијае на резултатите кои подоцна на него самиот ќе му донесат финансиски профит.

Препорака
Прошетајте се утре (недела) до Градскиот стадион... Во 15:30 часот Вардар ќе игра против Силекс. Не сакам да тупам како тоа до пред неколку години било дерби и бла бла... Целта на вашата посета е да гледате како играат фудбалери кои не тренирале два дена. Вчера и денеска фудбалерите воопшто не тренираа. Многу ме интересира како ќе играат и дали за „без пари“ ќе победат и ќе му ја зачуваат првата позиција на Вардар.

Сега сигурно се преговара во просториите на Вардар:

фудбалерите:
„Платете ни за да тренираме...“

управа:
„Вие тренирајте денес, утре после утакмица во 6 саат ќе стигне Брацо со парите, ќе ви се плати све!“

фудбалери:
„Договорено!“


И ќе следува уште една седмица чекајќи го Брацо со парите...како и последниве неколку години...
РЕТКА СЛИКА: ЦЕЛ ВАРДАР СРЕЌЕН, БРАЦО ДОШОЛ СО КУФЕРОТ

Работнички во Европа...

21 септември 2006

Помеѓу двата натпревари на Работнички Кометал со Базел, сакам да прокоментирам околу годинашниот настап на нашиот шампион во Европа.

Враќање во реалноста
Колку и да постои разочарување по првиот натпревар со Базел, факт е дека Работнички го повтори најголемиот успех на некој клуб од Македонија: 3-то квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тоа е она кое е важно. Од Работнички го исполнија она кое го најавија: чекор понапред од минатата сезона. Мораме да бидеме реални во очекувањата и да разбереме дека во моментов, во Лигата на шампионите нема место за клуб од Македонија. Ова е така од многу причини. Пред се, ниту еден клуб од нашата земја нема капацитет, како играчки така и организациски, да се натпреварува паралелно во домашното првенство и ЛШ. Пласманот во фазата по групи носи заработувачка но и катастрофални резултати. Погледнете ги излетите на Реал Сосиедад, Бетис, Виљареал, Удинезе... сите „помали“ клубови кои се пласираа во фазата по групи „изгореа“ на домашен план.

Очекувањата од нашиот шампион мора да бидат во рамките на реалноста. Погледнете ја нашата Прва лига и споредете ја со останатите лиги во кои настапуваат учесниците. Постои огромен недостиг од натпревари против квалитетни противници. Нашиот шампион во текот на цела сезона игра 3 или 4 силни натпревари што е премалку.

Недостиг на квалитет
За да се дојде до Лигата на шампионите, МОРА да се инвестира. Тука не зборувам само за редовно плаќање на фудбалерите и добра организација. Тука мислам на доведување на квалитетни засилувања од Македонија и странство кои ќе можат да одговорат на предизвикот. Работнички не инвестираше во составот а стигна на чекор до групите.

Куп на УЕФА
На Работнички не му е потребен настап во Купот на УЕФА! Зашто? Бидејќи овој состав на фудбалери реално нема капацитет да се натпреварува во фазата по групи. Европските натпревари ќе го одвлечат вниманието од домашното првенство, фудбалерите ќе се исцрпат од пеколниот ритам (за прв пат во животот ќе играат во ритам недела - четврток - недела). Работнички ќе добие многу на финансиски план но ќе загуби уште повеќе на резултатски план во домашното првенство. Не велам дека кога веќе се наоѓаме на чекор од влегувањето во групите треба намерно да се загуби, туку посочувам дека недостигаат уште многу елементи кои ќе го претворат Работнички во „европски“ клуб.

Им останува домашното првенство и Купот. Тие се фаворити за освојување на трофеите и препорачувам уште во зимскиот преоден рок да се мисли на засилувања на тимот, заедно со голема „чистка“ на непотребни фудбалери. Само така раководството и фановите ќе можат да се надеваат на нешто повеќе во следниот излез во Европа.

Одам на...

19 септември 2006

Олд Трафорд во Манчестер!!! На “театарот на соништата“ во живо ќе го следам натпреварот Англија-Македонија. Во петокот дадов документи за виза и бидејќи одам професионално (како спортски новинар) не би требало да има проблеми.

За тие што не се разбираат толку во фудбал... Одењето на Олд Трафорд за еден љубител на фудбалот е исто како одење на Оскари за некој режисер... Едвај чекам... VIP Press Pass за цел стадион... леле леле...

Интервју: Дарко Панчев

18 септември 2006

Дарко Панчев зборува за состојбите во Вардар, мак-фудбалот, ФФМ, репрезентацијата, а дава и свое мислење за селекторот Катанец, потенцијалот на нашите фудбалери, Горан Пандев и Лигата на шампионите. Интересно интервју.



Каков е третманот во Македонија за најдобриот фудбалер во историјата на оваа земја?

Ако се мисли на општиот третман, секако дека сум задоволен. Тука спаѓаат луѓето, навивачите, оние што го следат фудбалот и спортот, тие со мене од секогаш биле коректни, можеби од причина што и јас секогаш сум бил коректен со нив. Комуникативен сум и никогаш не ми било тешко да одговорам на прашање на некој непознат на улица. Сепак, ако мислите на третманот од страна на институциите, мислам дека сме многу далеку од Европа, па и од земјите од Балканот. Не се работи само за мене, јас се надевам дека ќе се подобри третманот за сите оние спортски легенди кои значат нешто во нашето општество. Спортот е една од најважните работи во секое општество и ако врвните спортисти немаат коректен третман, што е со останатите...

Направете споредба на фудбалот кој се играше во ваше време и денешниот фудбал.

Јас не играв фудбал пред многу долг период, поминаа 15 години и сметам дека нема некои значајни измени во фудбалската игра. Во однос на самиот фудбал како игра, разликата е денеска што е малку подигнато нивото на трчање на фудбалерите, како и тоа што сега се игра на многу помал простор. Тоа е најверојатно бидејќи најмногу се форсира системот на игра 4-4-2, кој го игра скоро цела Европа. Кога ги дадов коментарите во врска со нашата репрезентација, во однос на системот на игра, многумина реагираа, но мислам дека оние што реагираа не се доволно упатени. Во Европа се игра 4-4-2, а со овој систем тимовите играат на многу помал простор и ја нема повеќе онаа „растегнатост“ помеѓу одбраната и нападот.
Инаку, во целина мислам дека нема некои поголеми промени. И тогаш беа најопасни нападите од крилните позиции, бидејќи секој добар центар-шут значи шанса за гол, а и сега е исто. За жал, со скратениот простор за игра се загуби доста од убавината и се помал е бројот на врвни фудбалери како Кака или Роналдињо бидејќи на таквите им е потребен поголем простор за игра.

Што се однесува до фудбалот надвор од терените?

Фудбалот е многу напреднат во бизнис-аспект. Светот на фудбалот напредна финансиски. Ако јас во 1992 година го имав рекордниот трансфер со 12-13 милиони долари, сметајте дека тој трансфер во денешни услови би чинел неколку пати повеќе.
Денеска побарувањата од фудбалерите се многу поголеми, но факт е дека и тие самите многу повеќе добиваат во поглед на финансиите. Фудбалот стана еден огромен бизнис, вртилиште на извонредно моќни луѓе од целиот свет, па со тоа многу се подигна и финансискиот дел.

Што мислите дека го спречува тој позитивен финансиски развој на фудбалот кај нас?

Сметам дека сe уште немаме направено добар закон за спорт. Државата мора да сфати дека спортот е еден од клучните елементи во една земја и мора да се реши да го направи тој чекор – овозможување на оние кои имаат силен бизнис и финансиски средства да вложуваат во фудбалот, а со тоа и да имаат некакви бенефиции. Не се работи само за фудбалот, туку за сите спортови.
Ова е чекор што мора да се преземе бидејќи само така ќе се доближиме до Европските стандарди. Па замислете, еден Динамо Загреб на годишно ниво добива 7 милиони евра од градот Загреб. Без финансирање, не може да се постигне напредок.

Споредба на Вардар во 1987 и 20 години потоа, во 2007 година?

Фудбалерите што денеска играат во нашата Лига имаат проблем бидејќи не постои вистинска конкуренција во првенството. Ниту тие самите не знаат до каде се и колку вредат. Во тоа време Вардар се натпреваруваше во извонредно силна Лига, каде уште на самиот старт ја имавме „големата четворка“ на фаворити, а покрај нив уште четири до пет клубови кои им конкурираат. Конкуренцијата беше силна и тоа влијаеше добро на самите фудбалери.
Јас се разочарав од дерби-натпреварот во нашето првенство помеѓу Вардар и Работнички, клубови кои важат за најдобри во нашата земја. Тоа беше еден очаен натпревар. Без разлика на тоа кој победи, секоја чест за Работнички, но доколку јас бев неутрален и дојдев на стадионот да гледам убав фудбал, длабоко ќе се разочарав. Кога најдобрите два тима во земјата играат таков фудбал, тогаш сe е јасно.

Која е улогата на Дарко Панчев во Вардар? Колкава моќ имате за донесување на одлуки, кој всушност ги влече конците?

Улогата што ја имам е релативно голема. Но, во секој случај, мора да се почитува она што го сакаат луѓето што се финансиери. Јас верувам дека и во еден Челзи, кога Абрамович ќе каже дека сака нешто, оние кои се вработени во клубот тоа го исполнуваат. Таква беше последната ситуација кога донесувавме одлука околу новиот тренер на Вардар. Со Брацо најдовме заеднички јазик и решивме да го направиме она што беше негова желба. Јас немав нешто против никого, едноставно го кажав мојот професионален став што беше различен од тој на Брацо, но мислам дека и со ова решение ќе биде добро. Ќе покаже времето.

Во неколку наврати се обидувате да имате поактивна улога во мак-фудбалот, но се чини секогаш наидувате на пречки. Дали има луѓе кои не го сакаат Дарко Панчев во мак-фудбалот?

Ако мислите на ситуацијата во ФФМ, јас веќе имам кажано дека ние ја дадовме поддршката на Иницијативниот Одбор како спортисти. И да има промена на раководството јас нема да имам никаква улога во ФФМ, а не ми ни треба некаква функција. Јас тоа го правев за доброто на фудбалот бидејќи сметам дека оваа гарнитура треба да си оди од Федерацијата.
Интересно е тоа што тие се „вадат“, односно го прикажуваат нивното работење во ФФМ преку резултатите на репрезентацијата. Репрезентацијата не е ФФМ. ФФМ е сервис на клубовите и на репрезентацијата. ФФМ треба да се грижи за фудбалските клубови, бидејќи тие ги даваат репрезентативците. Многу е едноставно. Тие зборат дека рејтингот на репрезентацијата се подобрил – па може да излезе добра генерација на фудбалери и да бидеме 10-ти на ранг-листата на ФИФА, но тоа не значи дека се работи добро во Федерацијата.
Јас сметам дека овие луѓе треба да си одат бидејќи не направија апсолутно ништо позитивно во изминативе неколку години. Па не се направи ниту еден терен за тренинг! Сметам дека треба да дојдат нови луѓе. Дали тие што сакаат да дојдат ќе бидат добри, тоа е друго прашање, тоа ќе покаже времето. Доколку и тие не работат како што треба, јас прв ќе излезам и ќе го кажам тоа.

До каде е Иницијативниот Одбор со битката за влез во ФФМ?

Од УЕФА и ФИФА јасно и гласно кажаа дека ситуацијата ќе биде решена многу брзо, Собранието ќе се одржи во септември или октомври и на тоа Собрание ќе се решат сите работи.

Дали сметаш дека мораше да се случи да дојдат луѓе од страна за да ни ги решаваат проблемите?

Во нашата држава изгледа дека зборовите морал и чест не постојат. Јас ви гарантирам дека во било која земја, доколку некој што го поставиле за претседател, а криел дека е осудуван и сега тоа излегло на површина, веднаш сам ќе си замине. Морал и чест нема, а луѓето по сe изгледа немаат принципи во својот живот. Доколку на мене ми се случи такво нешто, јас ќе избегам од државата, а не да дадам оставка во ФФМ!

Втор пат сте во една „битка“ со Хаџи-Ристески. Што мислите, што е тоа кај Хари што му ја носи поддршката од некои структури?

Нема поддршка! Тој има поддршка од оние луѓе кои гледаат некаков интерес во него. Јас ви тврдам дека половина од луѓето кои се делегати на Собранието не гледале ниту еден фудбалски натпревар минатата сезона. Вистината е болна, но не може да се бега од тоа. Тие што ја даваат поддршката за Хари не ги интересира дали тој е Хари или Панчев или некој друг, ги интересира само да земат 300, 400, 500 евра и да си го зголемат буџетот за тој месец. Некои можеби нема да се согласат со ова што го зборувам, но тоа е вистината, по сe изгледа таков е менталитетот кај овие луѓе. Мислам дека и општо, не само во спортот, во изминативе 15-тина години сите гледаат само да земат нешто од оваа држава, а не и да дадат за неа и да помогнат. Таков е случајот и во Федерацијата.

Да се вратиме на Вардар. Колку во моментов Вардар е далеку од враќање на старите победнички патеки? Каква е моменталната состојба во клубот?

За да биде Вардар подобар од она што е, мора да има поголем буџет. Со сегашниов буџет на Вардар не може да се бараат големи резултати. Без пари не можете да направите силна екипа. Кога се работи за домашниот фудбал, и со овие пари кои ги имаме сега можеме да направиме добар тим, кој ќе се бори за прво место. Меѓутоа, за да имаме шанси за да направиме нешто и во Европа, мора многу поголем буџет.
Кога ќе се средат состојбите во клубот, особено во Собранието на клубот, тогаш ќе бидат на потег оние кои сакаат да инвестираат, да седнат и да се договорат со Брацо заедно да го финансираат клубот. Кога ќе има повеќе финансиери, ќе има поголем буџет и ќе може да се работи нормално.
Со ваков буџет на мене, кој го водам спортскиот дел, ми се врзани рацете и не можам да направам нешто повеќе.

Дали си размислувал да вложиш свои средства во Вардар?

Ова е одлично прашање и сакам таа фама еднаш да ја рачистам. Многу пати сум слушал од многу луѓе вакви прашања и коментари, зашто јас да не влезам со свои пари во Вардар. На сите тие би им поставил контра-прашање: нека ми кажат еден пример во светот каде што големите фудбалски имиња инвестирале свои пари во фудбалските клубови? Дали Бекенбауер дава пари во Баерн? Не постојат такви примери. Зашто јас да давам пари? Јас треба да земам пари од фудбалот, а не да давам. Ако сака некој да го користи моето фудбалско знаење и мојот фудбалски „сенс“, треба да го плати тоа. Така е секаде во светот. Често сум наидувал на ова прашање и мило ми е што конечно можам да се изјаснам јавно.

Твое мислење за денешниот формат на натпреварување во Лигата на шампионите за разлика од времето кога ти настапуваше во ова натпреварување?

Сe што е сега направено е исклучиво поради финансиски причини. Тоа им е јасно на сите, се работи за повеќе пари. Според мене тоа не е коректно бидејќи мислам дека само од шампионските тимови може да се бира шампионот на Европа, како што и било 50-60 години наназад. Која е таа логика некој што е трет на табела во едно првенство да се бори за шампион на Европа. Еве, конкретен пример е Лацио: тие завршија четврти на табелата со 20-30 бодови помалку од шампионот Интер, а може да се случи да игра во финалето на Лигата на шампионите. Која е таа логика? Апсолутно нема никаква фудбалска логика, само финансиска.

Јас сум за промена на форматот и мислам дека помалите земји и клубови треба да добијат поголема шанса, а пред сe натпреварувањето да биде исклучиво за шампионите.

Горан Пандев е нашиот најдобар фудбалер во моментов. Не е благодарно да се прави споредба помеѓу Вас и Пандев, но можете ли да направите споредба на Серија А од времето кога вие настапувавте и денеска?

Видете, Италијанската лига во последниве 2-3 години падна барем 50% во однос на квалитетот. Како го образложувам ова? Освен Интер, Милан и Јувентус, сите други тимови немаат ниту еден силен фудбалер, познат на светско ниво. Тоа доволно говори за падот на квалитетот. Ова им дојде добро на многу фудбалери, секако и за нашиот Пандев, кои се најдоа себеси во таа лига. Во минатото Серија А беше многу посилна од сега. Само што ги следев натпреварите меѓу Сампдорија и Хајдук и за разлика од минатото сега Сампдорија е еден очаен тим. Еден Хајдук беше максимално рамноправен во двата натпревари, па дали тоа значи дека доколку Хајдук игра во Серија А ќе се пласира на средина на табелата, а во домашното првенство не може да победи против Меѓуморје. Тоа се некои паралели кои би можел да ги направам, но да резимирам, Серија А е многу послаба од минатото, а тоа им дојде многу добро на некои фудбалери, вклучувајќи го тука и нашиот Пандев.

Според мене, ако некој сака да покаже дека е добар фудбалер, треба да оствари резултат. Во спортот се мерат само резултатите, останатото не е важно. Ако некој сака да докаже дека вреди, треба да игра во голем тим, какви што се 15 или 20 во Европа. Јас своевремено направив трансфер во Црвена Ѕвезда, еден од најсилните тимови во Европа, освоив она што освоив и тоа доволно говори за мене. Не би сакал да споредувам дали некој играл подобро, полошо, поатрактивно, бидејќи во спортот на крај остануваат да се споредат само резултатите, не е важен временскиот период кога ќе ги остварите.
Во Еспорт имавме анкета во однос на селекторите од странство. Што мислите околу ова прашање, дали можеме да ги оствариме сегашните резултати и со домашни тренери?

Јас уште одамна кажав што мислам. Ако веќе носиме селектор од странство, тој мора да оствари подобри резултати од оние кои би ги оствариле домашните. Па ако веќе се плаќаат 200 илјади евра годишно, треба да се побараат и резултати. Многумина се налутија кога дадов изјава дека и со татко ми како селектор ќе бидеме 5-ти во групата, па дури и ме прогласија за предавник, но тоа е реалноста. Пред Андора и Естонија можеме да се пласираме без разлика кој ќе биде на чело на тимот.
Кое е вашето мислење за оваа генерација на репрезентативци, кој е крајниот дострел?

Би можел да кажам позитивно или негативно мислење за многу фудбалери, но мислам дека нема да биде коректно. Зелениот терен е тој каде се водат сите битки и каде се остваруваат резултатите и тие таму треба да покажат колку вредат. Ако во последните три квалификациски циклуси не можеме да се бориме за ништо повеќе од 4-то или 5-то место, тоа доволно говори за квалитетот на сегашниот тим.

Колку во Македонија има млади фудбалери кои имаат потенцијал да успеат во фудбалот на највисоко ниво? Има потенцијал, но малку се искористува. Првата грешка ја прават самите родители, кои сакаат уште во старт да ги носат децата во странство. Тие изгледа мислат дека во Европа нема деца што тренираат фудбал, па ги чекаат нивните деца да дојдат. Така ги уништуваат талентите, шетајќи ги низ Европа по 2-3 години во кои децата ниту ќе одиграат некој натпревар, ниту, пак, ќе тренираат како што треба. Јас би побарал да се донесе одлука во Федерацијата да се забранат трансфери во странство на фудбалери помлади од 21 или 23 години. Така ќе го подобриме квалитетот на Лигата, а и ќе им овозможиме на талентираните деца да се развијат подобро. Ова е широка тема и не би навлегувал во детали, но важно е да се знае дека таленти има, па останува на нас да ги искористиме.


Интервјуто е правено во кафе-барот „9“ во Скопје (сопственост на Дарко Панчев) во септември 2006 година. Објавено е во Esport и на On.net

Интервју: Џером Шампањ и Џејкоб Ерл


Посетата на делегацијата од ФИФА и УЕФА во Македонија беше совршена можност од прва рака да дознаеме какви се ставовите на најголемите фудбалски организации за состојбата во која се наоѓа мак-фудбалот. Заедно со уште два други печатени медиуми, добивме еден час разговор со Џејкоб Ерл и Џером Шампањ, во кој се расветлува “мистеријата” за ставовите на ФИФА и УЕФА во однос на ситуацијата во мак-фудбалот. Тие испратија силна порака дека на фудбалска Македонија и треба обединување и смирување на ситуацијата, а тие се луѓето што решиле многу вакви кризи во многу фудбалски федерации низ светот.

Што е она што го видовте во Македонија и ќе го пренесете во ФИФА и УЕФА? Каква е состојбата на теренот?

Ерл: Доста долго го следиме развојот на настаните во вашата Федерација, како што знаете бевме тука уште во февруари, се сретнавме два пати со ваши претставници во Цирих и т.н. Имам една голема папка полна со документи од двете завојувани страни и можам да кажам дека сме доста зафатени со вашата ситуација. Вашата ситуација најдобро би ја опишал како една караница внатре во семејството која може да ја оштети семејната куќа. Вие ги избркавте децата од куќата и ја запаливте, така што сега сте во една состојба во која мора да застанете, да се смирите, оладите и да се научите како повторно да го развивате фудбалот во вашата земја како едно семејство. Тоа е причината поради која сме овде. Не сме овде да диктираме и доминираме или наредуваме, туку да ги смириме двете страни и повторно да ја вратиме слогата во семејството. Инаку, многу скоро може да се случи да се освестите и да увидите дека повеќе немате фудбал: ќе бидете суспендирани, репрезентацијата нема да игра, клубовите нема да играат во Европа... Можеби ќе има победник во самата Федерација, но тој ќе го вее победничкото знаме врз изгорена куќа.

Во моментов, колку ФФМ е далеку од онаа состојба во која ФИФА и УЕФА сакаат да бидеме?

Ерл: Па вие веќе бевте суспендирани од ФИФА и УЕФА! Комитетот за итност на двете тела ве суспендираше, но откако нелегитимното раководство ја напушти зградата на Федерацијата, решивме привремено да ја подигнеме суспензијата откако бевме уверени дека работите ќе се вратат во нормала. Вашата суспензија беше реалност и тоа мора да им се даде до знаење на сите во Македонија, да разберете дека бевте неверојатно блиску до долго суспендирање, а и во моментов, “мечот с$ уште виси” над вашата глава и секој погрешен потег би можел да значи активирање на суспензијата. Не сме тука да ве заплашуваме, но тоа е реалноста и вие медиумите сте тие што треба да им го пренесете ова на вашите читатели, јавноста, политичарите... Бидете свесни дека фудбалот во вашата земја може да експлодира во секој момент...

Шампањ: Јас би сакал да се надоврзам. Знаеме дека денеска не е лесно да се води една Федерација. Насекаде е исто: слабо сте платени, работите преку викенди и со постојана критика од сите страни. Ниту една федерација не е совршена и ниту еден маж или жена не се совршени. Имаме 208 федерации, 3.600 клубови од првите лиги низ светот и знаеме како да се справиме со секаква ситуација. Свеж е примерот со Јувентус од Италија. Ако ФИФА и УЕФА не беа строги со Јувентус и ако му дозволевме да продолжи да игра во Серија А, како потоа би можеле да се справиме со слична таква ситуација на пример во Кенија?! Имаме и 150.000 професионални фудбалери и неколку пати повеќе судии низ светот. Ние едноставно не можеме да прифатиме кога една федерација или дел од федерација не ги слуша нашите наредби. Ние рековме стоп, но тие продолжија. Кога се сретнав со Божиновски, го погледнав во очи и го прашав: “Господине Божиновски, дали бевте свесни за пораките кои ги праќаа ФИФА и УЕФА да се престане со секакви активности. Тој ме погледна и одговори потврдно ‘Да, свесен сум’”. Но, тие од т.н. Иницијативен Одбор продолжија со активностите и морате да разберете таква непослушност е нешто што ФИФА и УЕФА не смеат да си го дозволат, без разлика какви се обвинувањата и тврдењата против актуелната власт. Ако работите започнат да се одвиваат вака, фудбалот едноставно ќе експлодира!

Со која ситуација во друга федерација би можеле да ја споредите состојбата во која се наоѓаме денес?

Ерл: Па јас немам многу примери бидејќи во УЕФА имаме помалку членки, Џером сигурно би можел да каже, тие водат вкупно 208 федерации...

Шампањ: Би можел да ви дадам многу примери, слични ситуации се случувале насекаде во светот. И во повеќето од спорните ситуации Владата на една земја е замешана. Има и светли примери каде властите се држеле на страна од фудбалот. На пример во Габон, претседателот на Федерацијата работеше многу лошо, а министерот за спорт не реши веднаш сам да ги решава проблемите, туку само не извести нас во ФИФА за ситуацијата. Ние отидовме таму, организиравме Генерално Собрание и делегатите му ја одземаа довербата на претседателот на Федерацијата – ова значи дека понекогаш и Владата е во право, но во исто време е пример дека проблемите треба да се решаваат во рамките на самата федерација и ФИФА.
Знаете, ние во ФИФА не сме наивни. Ние знаеме се! Знаеме кој стои позади се: политичките сили, економските сили, медиумските сили – сето тоа е испреплетено и ние знаеме за тоа.

Дали мислите дека Владата беше замешана и во нашиот случај?

Шампањ: Мојот одговор би бил – да, беше замешана. Во моментов не би сакал да коментирам повеќе. Знаете дека господинот Сукис беше во посета на Македонија и го посети премиерот Груевски. Му беше кажано дека не смее да има мешање на политиката во фудбалот. Тоа е тоа. Фудбалот е за сите, не е за социјал-демократи, конзервативци, македонци или албанци – фудбалот е за сите! Ние добро знаеме кој стои зад двете групации и какви се интересите на оние кои сакаат да бидат на чело на Федерацијата – не сме наивни!

Би сакал да ве прашам, како индивидуи, а не претставници на ФИФА и УЕФА, кое е можното решение за сегашната криза во мак-фудбалот?

Шампањ: Кога се вклучени микрофоните и камерите, јас не можам да говорам како индивидуалец, туку само како претставник на ФИФА. Ќе ви кажам една работа, а мислам дека и Џејкоб ќе го каже истото: ние веруваме во она што го работиме и размислуваме исто како индивидуи и претставници на ФИФА. Мислам дека не би можеле да работиме како што треба доколку не веруваме во она што го работиме. Јас не сум во ФИФА бидејќи ми требало вработување, туку бидејќи верувам во она што ФИФА го има како визија за иднината на фудбалот.
Да се вратам на проблемот во Македонија: знаеме дека има проблем и знаеме дека некои луѓе го прават проблемот поради нивни лични интереси. Што ќе се случува понатаму, останува да видиме.

Дали ги имате листите на делегати кои гласаа за Божиновски и Хаџи-Ристески и дали ќе се обидете да дознаете која листа е валидна?

Ерл: Не, не сме дојдени за тоа. Многу позагрижени сме за прашањето на поделеноста. Владее поделеност во сите нивоа на фудбалот и затоа ние сме тука за да воведеме еден период во кој фудбалот малку сам ќе се залечи, ние ќе се обидеме да ги помириме двете завојувани страни и потоа би имало атмосфера за административно решавање на ситуацијата. Во моментов, кој и да биде претседател на ФФМ, Божиновски или Хаџи-Ристески, нема да може да ја води Федерацијата кога нема да знае дали Генералниот секретар е на негова страна или против него или дел од стручната служба е против него... Ова едноставно не е правилната атмосфера за развој на фудбалот. Во Европа, непрекинато се работи на развојот на фудбалот. Секој нов ден е еден чекор напред за фудбалот, а во моментов во Македонија се одат крупни чекори наназад. Поделеноста не е добра за никого!

Дали имате идеја како да ги смирите двете страни?

Ерл: Па тоа се обидуваме да го направиме денеска. Имавме одделни состаноци со Хаџи-Ристески и Божиновски, ги седнавме заедно, некако се обидуваме во следниот период да се смират страстите. Знам дека не е лесно, но с$ е можно. Ние мораме да се обидеме. Моја одговорност е да дојдам тука и да се обидам да ги смирам работите.

Дали сте оптимист или песимист во врска со Македонија? Дали гледате излез од кризата?

Ерл: Јас сум професионален дипломат, па никогаш не можам да кажам дека сум оптимист или песимист. Јас сум реалист! Двете страни разбираат дека нема друг начин и друг пат освен оној кој ние ќе го зацртаме. Ниту ќе победи Божиновски, ниту Хаџи-Ристески – фудбалот ќе загуби! Мораме да им објасниме на двете страни дека доколку продолжат вака, сите ќе бидат губитници, како што реков претходно, можеби некој ќе биде победник, но ќе го вее знамето врз срушена куќа. Мораат да разберат дека ќе треба еден период во кој ќе се смируваат страстите и ќе се создава адекватна атмосфера за да се одржи нормално Генерално Собрание на кое демократијата ќе победи.

Дали мислите дека проблемите ќе бидат решени пред стартот на новото првенство?

Ерл: Видете, Македонија е членка на ФИФА и УЕФА и ние сакаме да ги решиме проблемите тука што поскоро. Токму затоа и сме дојдени во Македонија и ако има потреба ќе дојдеме повторно. Секако дека сакаме с$ да се реши пред стартот на првенството, но во овој момент не можеме да ветиме такво нешто.

Шампањ: Ние сакаме квалитетно решение на ситуацијата и немаме простор за неуспех во Македонија. Можеме уште утре да организираме Генерално Собрание на кое ќе испратиме наши луѓе за да го организираат, но кој и да победи на тоа собрание нема да може да ја води Федерацијата! Ние дојдовме тука да пратиме една единствена порака: во моментов, двете завојувани страни мора да се смират, нашата задача како ФИФА и УЕФА е да го најдеме решението и излезот од проблемите, а ваша задача како медиуми е на вашата публика да и објасните дека во моментов ситуацијата е вратена под контрола и се работи на изнаоѓање на решение. Токму затоа и побаравме дополнителна средба со медиумите. Има една чудна работа кога е во прашање односот на медиумите со раководствата на фудбалските федерации: кога репрезентацијата ќе победи и ќе освои некое големо натпреварување, медиумите ги величаат фудбалерите, а не обрнуваат внимание дека Федерацијата е таа која им овозможила услови за да се подготват и да победат. Но, кога репрезентацијата ќе загуби некој натпревар или ќе доживее неуспех во некои квалификации, Федерацијата и претседателот на таа федерација се секогаш први на удар. Јас го знам ова бидејќи седум години работев во Франс Фудбал, најголемиот француски фудбалски магазин. Кога Франција ги освои Светското и Европското првенство, сите ги величаа фудбалерите, а кога доживеа дебакл во Јапонија и Јужна Кореа, сите ја обвинуваа Федерацијата. Сигурен сум дека и во Македонија било слично – можам да се обложам дека кога одигравте нерешено со Англија на Олд Трафорд, ниту еден медиум не ја спомна Федерацијата или Хаџи-Ристески како заслужни бидејќи овозможиле услови, добар хотел и т.н. Сепак, сигурен сум дека кога ќе се јави и најмал проблем, сите веднаш удираат по ФФМ. Така е насекаде.

Но, ние (“Македонски Спорт” н.з.) не сакаме да го промениме Хаџи-Ристески поради поразите од Андора и слично. Имаме докази дека тој е кривично осуден, а според Статутот на ФФМ претседател не смее да биде човек кој е осудуван...

Ерл: Значи ќе се навратиме на Статутот. Се уште не би сакал да коментирам за кривичната осуда на Хаџи-Ристески, но би сакал да истакнам дека ние сме тука, пред се, за да го заштитиме фудбалот, а не Статутот или Хаџи-Ристески. Она што е факт е дека Хаџи-Ристески е избран за претседател на легитимно Генерално Собрание со поддршка од 93 делегати, а пресудата која ја споменувате била позната и тогаш. Сега, јас не можам да кажам колку од делегатите биле или не биле запознаени со пресудата... Морате да разберете дека во моментов, Хаџи-Ристески е избран и е легитимен претседател на ФФМ. Ние не се плашиме од промени во Федерацијата, туку од начинот на кој се прават промените. Не можеме да дозволиме промена на раководството без да се почитува Статутот на Федерацијата како и на ФИФА и УЕФА. Тоа е главниот проблем. Ние немаме ништо особено за или против било кој од кандидатите, ние само се грижиме да се запазат процедурите. Ако во Македонија дојде до смена на раководството со заобиколување на процедурите, а ние го дозволиме тоа, подоцна истото ќе ни се случува и во другите земји.

Шампањ: Ќе ви кажам повторно: го погледнав Божиновски во очи и го прашав дали бил свесен за соопштенијата на ФИФА и УЕФА да се престане со вон-статутарните активности на т.н. Иницијативен Одбор и тој одговори дека ги прочитал. Го прашав дали продолжиле и понатаму и тој ми рече дека продолжиле. Тоа е класично непочитување на ФИФА и УЕФА и наредбите кои доаѓаат од наша страна и тоа е недозволиво. Дури и господинот Панчев му се јави на Мишел Платини и претседателот на УЕФА му рече дека не смеат да продолжат вака, но тие продолжија да дејствуваат. Тоа е нешто кое ФИФА и УЕФА не можат да го прифатат.

Тоа е причината што дојдовме тука и се состанавме со двете страни. Сега ќе спроведеме истрага и во Општинските фудбалски сојузи. Сите зборуваат за Генералните собранија, но делегатите таму доаѓаат од ОФС, па затоа ќе мора да се провери состојбата во секој ОФС одделно. Ние сме многу темелни и верувајте дека правилно ќе ја решиме ситуацијата. Знаеме точно што се случува. Знаеме за синот на поранешниот претседател на ФФМ (Горан Иванов, син на Љубислав Иванов – Ѕинго н.з.) кој поседува многу моќна медиумска куќа – во исто време, тој стои зад Иницијативниот Одбор, а сите медиуми од неговата групација се поддржувачи на Иницијативниот Одбор и известуваат против Хаџи-Ристески! Го знаеме и тоа! Верувајте дека ќе ја решиме ситуацијата правилно. Ние не веруваме во она што ни го кажува Хаџи-Ристески, туку веднаш го проверуваме. Исто така, не веруваме во она што ни го кажува Божиновски – и тоа го проверуваме. На крај, доаѓаме тука во вашата земја и спроведуваме истрага. Не велам дека Горан Иванов не смее да биде дел од раководството на ФФМ, но ние сакаме да испитаме дали постојат други интереси од негова страна освен фудбалските, како на пример, економски причини.

Хипотетички, кога би биле претседател на ФФМ, кои би биле приоритети во вашата работа во моментов?

Шампањ: Па тоа е многу тешка работа и не сум сигурен дека би се кандидирал за таа позиција, но кога би бил претседател, најпрво би го реформирал и модернизирал Статутот.

Тоа изгледа е еден од главните проблеми бидејќи статутите на ФФМ, ФИФА и УЕФА не делуваат синхронизирано, па сега сме во ситуација во која според домашниот Статут важат едни, а според статутите на ФИФА и УЕФА други принципи и критериуми...

Шампањ: Тоа е точно и токму затоа постои “драфт”-верзија на нов Статут, но за да се усвои е потребно 2/3-мнозинство на Генералното Собрание, а во моментов нема услови за такво нешто. Втора работа што би ја реформирал во ФФМ е клубовите од Првата лига да не бидат претставувани од страна на Општинските фудбалски сојузи. Во моментов тие практично немаат свои вистински претставници (делегати) на Генералното Собрание. ОФС би требало да ги претставуваат пониските нивоа на фудбал, а сите клубови од Првата лига би требало да имаат свои претставници, делегати на Генералното Собрание. Третата работа што би ја направил е реформа на Општинските фудбалски сојузи. Би се инвестирале повеќе пари, би се работело потранспарентно.

Ерл: Ако ме прашувате мене, и јас не би се кандидирал за претседател на ФФМ. Сепак, морам да истакнам дека има голем напредок во однос на организацијата на работата на ФФМ од последниот пат кога бевме овдека во 2004. Сегашното раководство наследи скоро банкротирана федерација и успеа со добра финансиска работа да ги расчисти долговите и дополнително да работи профитабилно. Јас би се сконцентрирал на распределувањето на парите и би сакал поголемиот дел од парите кои ги добивате да бидат “распрскани” низ клубовите за да им се помогне на самите клубови кои живеат тешко во моментов.

За крај, која е пораката на ФИФА и УЕФА за Македонија во моментов?

Ерл: Да разберете дека сега ситуацијата е под контрола и следниот период ќе биде посветен за да се направи детална анализа на сите случувања и сите факти и докази приложени од двете страни. Нема друг начин за спас на мак-фудбалот освен оној на ФИФА и УЕФА.



Разговорот е направен во Хотел Стоун Бриџ во Скопје во јули, 2007 година, при посетата на пратениците на ФИФА и УЕФА на ФФМ и Иницијативниот Одбор за промени во Федерацијата. Интервјуто е објавено во Esport, а дел од интервјуто беше објавено и во „Македонски Спорт“, но со многу „шминкање“ (да не напишам „лажење“).

Интервју: Јовица Николовски


Разговор со Јовица Николовски, екс-претседателот на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров, кој од неодамна е лиценциран менаџер на ФИФА. Иако само краток период работи како менаџер, добро е запознаен со состојбите во мак-фудбалот, а тој е и човекот кој стои зад последните два поголеми трансфери на фудбалери надвор од нашите граници: Филип Ивановски и Артим Положани. Поводот за разговор беше токму трансфер-пазарот во Македонија, но и севкупната состојба во мак-фудбалот.


Што всушност значи лиценцата за менаџер?

Тоа значи како да отидеш на факлутет, го завршиш и добиеш диплома. Сепак, не значи дека си способен да го работиш добро она за што си завршил. Лиценцата е едноставно едно признание т.е. една дозвола за да се работи како менаџер.

Како би ги оценил условите на трансфер-пазарот во Македонија и дали тука воопшто постои некаков трансфер пазар?

Прво и основно, ние во Македонија немаме трансфер листа, а ако таква постои, барем јас не сум ја видел досега, а ниту јавноста ја видела. Во сите нормални земји постојат трансфер листи: се знае кој каде преминал, кој е слободен играч и доколку јас клубот утре продава еден фудбалер за одредена сума на пари, тоа се објавува во трансфер листата и сите менаџери и заинтересирани клубови ги имаат достапни сите информации. Кај нас вавко нешто не постои.

Кој треба тоа да го регулира, кој треба да ја прави таа трансфер-листа?

Федерацијата! Постои Статут, одредби според кои треба да работи Федерацијата, но за жал тие постојат само на хартија, но не и во пракса. Нашата Федерација е во хаос. Она што се случува во пракса е сосема трета работа. Ние имаме договори помеѓу фудбалерите и клубовите каде местото на кое треба да биде напишана платата за фудбалерот е оставено празно, а во ФФМ ги заверуваат овие договори како валидни.

Имаше инспекција во клубовите која откри дека само два клуба ги пријавиле своите фудбалери на легален начин и ги плаќале нивните придонеси. Каква е ситуацијата во моментов? Кој треба да ја регулира оваа ситуација и да ја доведе во нормала?

Стандардните договори кои сега се потпишуваат со фудбалерите и се заверуваат како валидни во Федерацијата се на еден лист хартија, а кога ние сакаме да направиме нормален договор според светските стандарди, во ФФМ тоа не го прифаќаат. Федерацијата е она тело кое треба да ја регулира ситуацијата. Според различните одредби од Статутот и правилниците, различни сегменти од ФФМ се задолжени за решавање на различни прашања, но претседателот на Федерацијата е тој што може и мора да ги потегне сите прашања. Претседателот на ФФМ во фудбалот е она што е премиерот во политиката.

Во интервјуто во минатиот број на Еспорт, Коста Костовски (потпретседател на Работнички К.) рече дека во Македонија треба да се обрне поголемо внимание на создавањето на млади фудбалски таленти кои подоцна би се продавале во странство. Какви се условите во Македонија за создавање на фудбалери?

Најпрво би се сложил со она што го кажа Костовски – тоа е факт. Ние не сме некоја огромна држава од 80 или 100 милиони жители каде има атрактивен фудбал, привлекуваме гледачи, имаме приходи од ТВ права и од маркетиншки активности. Кај нас просекот е 400-500 гледачи на еден првенствен натпревар. Ги немаме условите. Ние менаџерите треба да бидеме оние кои ќе ги пронаоѓаат младите таленти, но нема услови во кои тие понатаму би тренирале и би се развивале како фудбалери. Многу малку клубови имаат какви-такви услови за тренирање на млади фудбалери. Немаме клубови што имаат добри помошни терени и повеќе помошни терени. Немаме клубови што имаат четири различни соблекувални, а 80% од клубовите немаат ниту топла вода и струја – тоа се само некои основни услови.

Колку клубовите од Македонија можат да сметаат на профит од продажбата на фудбалери внатрешно во Македонија, а колку во странство?

Во Македонија има можеби три до четири клубови кои можат да направат некој трансфер меѓусебно. И тие трансфери се за мали суми, кои едвај некогаш можат да достигнат до 100.000 евра и тоа доколку се работи за исклучителен фудбалер, па да има борба за неговите услуги. Инаку, просечните трансфери меѓу овие клубови се од 20.000 до 40.000 евра.

Според вашите информации, колку изнесува највисокиот трансфер во нашето домашно првенство?

Немам такви информации бидејќи, ќе повторам, не постои таа официјална трансфер листа на која се би било транспарентно и отворено. Можеме да шпекулираме, но немам докази за да кажам конкретна сума.

Колку клубовите се вешти во продавањето на фудбалерите во странство? Најголемиот дел од фудбалерите завршуваат надвор за мали пари во нереномирани клубови, се добива впечаток дека клубовите сакаат само што побрзо да заработат некое евро по секоја цена...

Ако секој фудбалер одбере добар менаџер, менаџерот ќе биде тој што ќе ги води преговорите и ќе се бори за многу подобри услови за својот фудбалер во односот фудбалер-клуб. Во овој случај, ние немаме менаџери кои работат добро во нашата земја, туку најголемиот дел од нив гледаат набрзина да заработат 500-1.000 евра без разлика каде и под кои услови ќе го продадат фудбалерот. Ако фудбалерите се паметни и имаат менаџери, ќе биде полесно за нив.

Колкав дел од фудбалерите кај нас имаат менаџери?

Многу мал процент. Според моја проценка, најмногу 5% од фудбалерите имаат менаџери.

Постои ли регулатива која би го задолжила фудбалерот да има менаџер кој ќе го претставува?

Никој не наложува. Тоа е исто како на суд – доколку сте обвинети, можете да се браните и самите, но сите земаат адвокат бидејќи тој го знае правото. Еден фудбалер не може да знае се - тој треба да игра фудбал, а не да ги познава статутите на ФИФА, УЕФА, ФФМ и сите правилници. Тоа е работата на менаџерот. Кај нас, најголемиот дел од фудбалерите се несериозни и многу несериозно гледаат на овие работи. Само сакаат набрзина да извлечат колкава-толкава сума на пари. Другиот дел од фудбалерите или знаат се, или имаат премногу среќа со трансферите. А колку што гледам, многу мал дел од нашите фудбалери имаат среќа.

Што се однесува до менаџерите, многумина од нив не работат како што треба. Гледаат само набрзина да го продадат фудбалерот, да заработат некоја сума на пари, а потоа воопшто и не се интересираат за фудбалерите како тие ќе успеат и ќе се снајдат каде што ќе заминат.

Каква е состојбата со менаџерите во Македонија? Низ годините често имаше контраверзи во однос на работата на менаџерите на нашиве простори...

Мислам дека во Македонија има 8 лиценцирани менаџери, повеќето се здобија со лиценцата при последното полагање кога и јас положив. Времето за работа беше кратко и не би можел да ја коментирам конкретно нивната работа. Во Македонија има еден докажан менаџер, а тоа е Фали Рамадани и според мене тој е еден од најдобрите менаџери на балканските простори.

Како семејство Николовски сте инволвирани во фудбалот. Ваш поглед на моменталната ситуација во мак-фудбалот?

Во моментов не се знае статусот на нашата Федерација. многу работи не се решени: имаме две раководства, ФФМ не работи, зградата е под клуч... Ние не треба да измислуваме топла вода, доволно е само да се свртиме кон Европа и да видиме која било друга земја. Ниту едно првенство во Европа не потпаѓа под Федерацијата. Сите си имаат Здружение на клубови кое управува со лигата почитувајќи ги одредбите на Федерацијата. Моментално, кај нас претседателот на ФФМ е најсилниот човек во фудбалот и судбината на сите клубови е во негови раце. Тоа мене ме потсеќа на некое кралство од минатото каде што кралот ја има апсолутната власт, а во едно демократско општество, тоа не треба да постои. Зашто немаме ниту еден фудбалски натпревар на телевизија? Зашто се зборува за наместени натпревари? Тоа е така бидејќи некој има интерес од тоа. Според сегашниот модел, претседателот и раководството на ФФМ ја водат и Првата, Втората, Третата и сите лиги, а дали досега се ангажирале да поработат малку на маркетиншки план? Дали сте виделе некоја кампања за фудбалот? Со што помогнале во развојот на младинскиот фудбал? Во ред се неколкуте работи што се направени, како малите терени низ земјата и слично, но тоа се проекти од социјален карактер, не од фудбалски.

Што е пречката што кај нас не функционираат Здруженијата на клубови, фудбалери...?

Како што кажав и претходно, ние во фудбалот имаме кралство и крал. И во времето на кралевите имало синдикати, но колку функционирале мислам дека доволно сме паметни за да знаеме. Постоеле здруженија, но што можат тие да направат кога луѓето што ги воделе биле всушност луѓе од самата Федерација?

Насекаде, фудбалот е екстра-профитабилен спорт. Каква е ситуацијата во Македонија?

Проблемот е што многу малку луѓе т.е. фирми вложуваат приватен капитал во фудбалот. Останато е она од времето на социјализамот кога директорите на клубовите не вложувале пари од свој џеб и многу не се грижеле за тоа како ќе се трошат буџетите и дали клубовите ќе работат со профит. Кога ќе има повеќе приватен капитал во клубовите, работите ќе функционираат нормално, а ќе треба да помине уште доста време кога вложувачите ќе можат да очекуваат нешто од она што го вложиле да им се врати. Во светот, најголемиот дел од профитот на клубовите доаѓа од телевизиските права, а кај нас фудбалот не се пренесува на телевизија. Можеби е и нормално што не се пренесува бидејќи нема интерес. С$ што во медиумите има за мак-фудбалот е едно мало делче на крајот на вестите во кое најчесто можат да се слушнат само негативни работи. И во една ваква економска и општа ситуација во државата, кога луѓето сакаат да се релаксираат со спортот, ги слушаат и гледаат истите ситуации како и во политиката. Нормално е дека ќе нема интерес. За споредба, дури и во Србија и Албанија се пренесуваат во живо натпреварите од домашното првенство, а со тоа и клубовите зад себе имаат силни спонзори.

Вие како семејство инвестиравте во еден клуб. Во интервјуто со Костовски (Работнички К.) тој рече дека нивното инвестирање во мак-фудбалот се уште е само добра волја и донаторска мисија, а далеку од профитабилен бизнис. Што би им порачале на останатите кои размислуваат да инвестираат во фудбалот?

Се сложувам со Костовси дека во моментов ситуацијата е таква. Сите што вложуваме во фудбалот го правиме тоа како некое донаторство или, пак, гледаме на тоа како инвестирање во некоја иднина. Сепак, не би можел нешто конкретно да им препорачам на оние кои би сакале да инвестираат во фудбалот бидејќи с$ зависи од тоа како се работи. Тоа е исто како во бизнисот: имате неколку фирми од иста бранша, но некои работат со загуби, а некои со голем профит. Не можат сите да бидат успешни. Инвестирањето во спортот има три страни: една е бизнис аспектот, втората е задоволството, а третата страна е оној социјален карактер, да се тргнат децата од улица и да живеат спортски.

Дали остана нешто што не ве прашавме, а сакате да го кажете?

Би сакал само што побрзо да се среди состојбата во ФФМ и конечно да имаме една професионална лига, која според мене во моментов е на половина пат од професионална. Истото важи и за Втората лига и сите клубови, од кои во моментов само дел се на половина пат да станат вистински професионални клубови. Колку побрзо ќе се реши прашањето на професионалноста во нашиот фудбал, толку побрзо ќе имаме нормален фудбал. Едноставно, недостига професионализам во сите сегменти на фудбалот. На фудбалерите би им препорачал, како што сите фирми во нашата земја имаат адвокати, тие да си најдат менаџер кој би ги советувал и би ги работел за нив работите кои тие самите не знаат да ги работат – за нивно добро. На крај и на медиумите би им порачал да се занимаваат со попозитивни работи во врска со фудбалот.


Разговорот е правен во текот на летниот период во 2007, во канцелариите на НИКОБ во Скопје. Интервјуто е објавено во Esport.

Интервју: Коста Костовски


Прекината е доминацијата на Работнички Кометал во мак-фудбалот, се случи најконтраверзната смена на тренер во Македонија, имаше тешки обвинувања од нивна страна и кон нив. Сето ова ме испровоцира да поразговарам со потпретседателот на клубот, Коста Костовски. За првпат, Коки зборува и за финансиските детали од водењето на клубот.

Ваш поглед на изминатата сезона. Работнички ја загуби титулата, остана со празни раце во Купот и се случи можеби најконтраверзната смена на тренер во нашата историја?

Не можеме да се пофалиме дека сезоната беше успешна. Сите очекувавме трета титула, но еден сплет на околности, како од наша страна така и игрите од страна доведоа до тоа да ја загубиме титулата. Втората работа со која се соочивме е смената на тренерот Јовановски, каде што наидовме на едно големо недоразбирање преку кое не можеше да се помине и покрај тоа што нашата соработка траеше нешто повеќе од 3-ипол години. Се случија промени во стручниот штаб, но мислам дека не одиграа некоја улога во однос на залагањето на фудбалерите и игрите на Работнички.

Дали од денешна перспектива сметате дека беше грешка да се отпушти Ѓоре Јовановски. Колку беа тие причини силни за да се одлучите да отпуштите тренер под чие водство Работнички с$ уште беше на првото место на табелата?

Знаете, Управниот Одбор на Работнички Кометал е сочинет од луѓе кои работат во клубот и луѓе кои го финансираат клубот. За разлика од изминатите години, нормално е дека имаше позитивни и негативни работи кои одеа во корист или против тренерот, игрите на тимот, пристапот кон играта и резултатите. Меѓутоа, сето тоа се истрпи до еден одреден степен. Прашањето ви беше дали сметаме дека е грешка – мислиме дека не е грешка смената на тренерот. Донесовме адекватно квалитетно засилување на тренерската позиција и покрај тоа што некои не би го окарактеризирале Беквалац како тип на тренер кој носел титули. Меѓутоа, според зборовите на луѓе кои што го знаат како тренер и човек, се работи за добар стручњак, искрен љубител на фудбалот и човек кој сака само да работи. Тоа е тоа што нас не интересира, а тој сега доаѓа во средина во која се очекуваат трофеи.

Работнички Кометал, Македонија Ѓорче Петров и Ренова ги прават најголемите инвестиции, а Победа е шампион. Ваш коментар?

Сето тоа се должи на некои заткулисни игри. Игри со кои што јас мислев дека нема да се соочам и дека сето тоа не се случува овде. Меѓутоа, сите тие одредени луѓе од тимовите кои денеска се шампион и освојувач на Купот само те тапкаат по рамо, а зад грб ти прават работи кои ти не ги очекуваш од нив. Коментарот е дека според вложеното, Победа не заслужува да биде шампион, но поради среќата која ги следеше и, нормално, игрите кои ги играа се најдоа на онаа позиција на која сакаа да бидат.

Вардар обвинуваше дека сте нуделе финансиски средства за да ви “попуштат” во натпреварот на крајот на првевнството. Како ќе го коментирате тоа?

Сето тоа е некоја игра која дава до знаење дека Вардар сака да си прави алиби за сето тоа што е сторено од нивна страна. Алибито е дека мора да го оправдаат поразот од Победа и мораа да ја оправдаат победата над истиот тим во финалето на Купот на Македонија. Нормално, јавноста мислам дека знае што се случуваше, а ова е еден нивен обид да го тргнат сомнежот од себе и да го насочат на друга страна. Работнички не е клуб што сака да дава пари на други клубови, туку е клуб што сака фудбалот да победи. Ние, сега и во претходните години, секогаш сме биле единствени во однос на тоа што сме им го давале на фудбалерите и сме имале највисоки премии. Така што, не ја разбирам логиката, зашто би давале на други, а не би дале на своите, кога знам дека тие момчиња можат да го направат тоа. Ова е само кревање афера од нивна страна за да го префрлат вниманието на друга страна, само за да го тргнат сомнежот од нивната наместена работа.

Побаравте казни за Победа и Вардар. Колку сте сериозни во таа намера и до каде ќе одите за да ја истерате правдата?

Фамилијата која стои зад Работнички има принципи во животот преку кои не може да пројде. Ние очекуваме, а во минатите неколку дена и структурите во ФФМ се произнесоа, дека ќе се испитаат натпреварите помеѓу Вардар и Победа. Мислам дека ФФМ и структурите кои се задолжени за тоа, добро ќе ја преиспитаат работата, а најдобар доказ за “сомнителноста” се зборувањата на јавноста и луѓето во околината. Ние како Работнички ќе стоиме зад зборот дека бараме ригорозно казнување на клубовите кои се нашле во една таква “шема”.

Го поддржувате Хаџи-Ристески. Од каде оваа поддршка и зашто не сте за промени во ФФМ?

Ако се вратиме неколку години наназад, откако Хаџи-Ристески е избран за претседател, многу работи во фудбалот се променија: има достојна комуникација меѓу клубовите, има достојно судење, особено по отстранувањето на некои судии од минатото, видовме дека постои желба во ова раководство да раководи со фудбалот на фудбалски начин и да им пружи на сите актери во првенството максимални услови за игра, без разлика дали се работи за Работнички или Брегалница. Дадовме поддршка и с$ уште стоиме на тоа. Мислиме дека Иницијативниот Одбор, т.е. одредени членови на ова тело немаат капацитет за подобрување на фудбалот, туку напротив, со самата смена на раководството на ФФМ би дошло до уште полоши состојби во мак-фудбалот.

Постои ли формула за подобрување на мак-фудбалот? Изминативе години почна да се инвестира во неколку клубови, но што уште е потребно во Македонија да се игра нормален фудбал и да се вратат луѓето на трибините?

Постојат две работи. Првата работа е подобрувањето на инфраструктурата и капацитетите кои го поседуваат фудбалските клубови. Би требало да се игра во нормални услови на сите терени во Македонија, а не да имаме разлика помеѓу терените на Градски и оној во Штип. Втората работа е на државата, која мора да размисли како би го помогнала спортот и евентуално, доколку има начини да се обезбедат некакви субвенции за луѓето што сакаат да вложуваат во спортот. Тоа е единствен начин луѓето да се заинтригираат за да вложуваат во спортот. Кога ќе имаме поголеми вложувања, резултатите неминовно ќе дојдат и сите ќе ги видиме. Кога ќе има поголеми вложувања, ќе има поголем квалитет, клубовите ќе остваруваат подобри резултати во Европа, ќе има можност да се носат поквалитетни засилувања и со тоа ќе се врати и публиката на стадионите.

Веќе неколку години инвестирате во фудбалот. Во Европа, тоа е најпрофитабилен спорт, а воедно и голем бизнис. Дали е така и во Македонија и дали би можело да биде така во иднина? Дали фудбалот може да стане профитабилен и спорт од кој ќе живеат оние кои инвестираат во него? Сега, сите што инвестираат го прават тоа само од добра волја…

С$ уште сме во фудбалот со една добра волја, а во Македонија инвестирањето во фудбалот не се смета за бизнис. Бизнисот во фудбалот е надвор од Македонија, а просечниот фудбалски клуб кај нас, па и ние како шампиони не можеме да го почуствуваме благодетот од сето тоа играње. Трошоците кои се прават се големи, а повратокот е мал. Ние во Македонија можеме да се концентрираме на производство на фудбалери, кои подоцна би ги пласирале, меѓутоа тоа производство на фудбалери е меч со две острици и никогаш не знаеш на што ќе бидеш. Тие фудбалери треба да се промовираат за да добијат на цена, а како ќе се промовираат ако не преку меѓународни натпревари. Играњето во евро-куповите за нас не значи остварување на финансиска добивка, туку создавање на имиџ и запознавање со останатиот дел од Европа и правење на контакти.

Колкав е годишниот буџет на Работнички Кометал?

Годишниот буџет на клубот Работнички е најголем буџет во Република Македонија. Само тоа би можел да го кажам. Ние внимаваме на секој детал. На фудбалерот му го овозможуваме максималното што може да се овозможи, почнувајќи од витамини, сместување, плаќање сметки, с$ до подготовки на високо ниво и редовна исплата на сите договорени средства. Фудбалерите воопшто не треба да се оптеретуваат со секојдневните проблеми што ги снаоѓаат останатите фудбалери во Македонија. Сето тоа чини. Организацијата чини скапо. Според тоа што го вложуваме, не го добивме тоа што го заслуживме, но фудбалот е топка, никогаш не се знае на што ќе налетате и што можете да очекувате.

Приходите од настапот во Европа, според информациите до кои дојдовме, изнесуваат околу 550.000 евра. За што се користат овие пари? Дали се ре-инвестираат во клубот или се повлекуваат за надоместување на дел од инвестицијата на спонзорот?

Да, точна ви е информацијата, приходите беа околу 550.000 евра, од кои дел се инвестираат во инфраструктурата на клубот. Имавме проект на поставување на рефлектори на помошното игралиште и некои други инвестиции. Ниту еден денар не е повлечен од Македонија, сето тоа што го имаме добиено се троши. Тоа се 420.000 евра, а според последната распределба, очекуваме уште околу 100.000 евра да ни пристигнат на сметката околу месец јули. Дел од средствата се веќе потрошени, а бараме најдобри начини како да ги искористиме останатите, за клубот во некоја рака да може да работи профитабилно, односно во иднина да заработува уште повеќе.
Како што знаете, Работнички почнува и да се шири и сега функционира како еден претставник на големиот Милан на нашите простори. Токму дел од тие средства кои се пристигнати од настапот во Европа се искористени за реализација на овој проект. Кампот на Милан ќе трае една седмица, а во Македонија ќе дојдат еминентни имиња кои ќе работат со нашите фудбалери.

Според вашите проценки, колкава е минималната сума на пари која е потребна да се води еден просечен клуб во Македонија?

Сумата се движи од 150.000 до 200.000 евра годишно.

Што би им препорачале на луѓето кои сакаат да почнат со инвестирање во фудбалот?

Јас ќе ви кажам еден пример со господинот Николовски (н.з. семејството Николовски го водат ФК Македонија Ѓорче Петров). Кога тие влегуваа во фудбалот, имавме еден неформален разговор во кој јас ги запрашав колкав ќе биде буџетот на Македонија Ѓорче Петров. Ми рекоа дека тоа ќе биде отприлика 200.000 евра. Мојот одговор беше дека ќе се борат за опстанок. А сега вие прашајте ги колкав им е буџетот и колку потрошиле изминативе две години.

Какви се идните планови на Работнички Кометал?

Нашите цели за следната сезона се исти како и претходните години, освојување на двојната круна во Македонија. За да го оствариме тоа мораме да доведеме адекватни засилувања, фудбалери кои се подобри од сегашните кои ги има Работнички. Дел од фудбалерите ќе мора да си заминат бидејќи веќе не можеме да трпиме импровизации од нивна страна. Дел од фудбалерите ги ставаме на трансфер листата и ќе се обидеме од нивната продажба да заработиме, со што подоцна би вложиле во нови засилувања.
Во врска со тренерот, му веруваме и тој ќе остане во Работнички Кометал и следната сезона. Уште кога се договаравме се договоривме тој да го води клубот до крајот на оваа сезона и во следната, со тоа што на полу-сезоната следната зима ќе седнеме на маса и ќе го ревидираме договорот, нормално, во зависност од остварените резултати.
Во Европа играме со неатрактивни противници против кои еден мал кикс би значел испаѓање од Купот на УЕФА, но мислам дека тоа ќе биде едно добро искуство за нас како клуб, да го почувствуваме и “мирисот” на тоа натпреварување. Мислам дека првото коло ќе го поминеме иако се наоѓаме во групата на аутсајдери и ќе се пласираме во второто коло, па потоа, што биде нека биде.

Каква е вашата филозофија: дали сте за поатрактивен противник кој носи скоро сигурна елиминација, но поголем профит или неатрактивен и послаб противник кој носи поголема шанса за пласман во следното коло?

Изминативе години Македонија виде доста атрактивни противници, како со репрезентацијата, така и на клупски план. Гледаме дека тие противници носат профит и дополнителни средства кои многу помагаат за понатамошни инвестирања. Во овој дел, мојата девиза е да се добие што полесен противник за да се стигне што подалеку. Доколку, пак, се добие атрактивен противник кој носи поголем профит, парите да се ре-инвестираат во клубот.

Кога би ги споредиле ракометниот Кометал Ѓорче Петров и фудбалскиот Работнички Кометал, кои се сличностите, а кои разликите во однос на водењето на овие два клуба. Каде е полесно да се води клуб, во фудбалот или ракометот?

Ракометот и фудбалот се два различни спортови кои воопшто немаат допирни точки. Женскиот ракомет кај нас се базира врз само еден клуб, а сите останати преживуваат. Тој клуб има екстра-квалитетни играчи, стручен штаб и настапува директно во фазата по групи во Лигата на шампионите со што може да се рече дека успехот е загарантиран, до некаде.
Фудбалот е сосема друга димензија, каде треба да изодиш долг пат за да дојдеш до тоа место кое сега го има Кометал ЃП во ракометот. Треба и многу среќа за да достигнеш некој зенит, за наши услови, и да оствариш некаква поосетлива финансиска добивка.
Значи, во Македонија, во суштина, ова се дијаметрално различни спортови – едниот значи бизнис, а другиот само љубов.


Интервјуто е правено по крајот на натпреварувачката сезона 2006/07 во просториите на компанијата Кометал Трејд во Скопје. Објавено е во месечниот спортски магазин Esport.

Интервју: Среќко Катанец


Во мега-интервјуто Катанец открива колку е задоволен од 2006-та, кој бил предизвикот да се води Македонија, одговара на критиките упатени кон него по натпреварот со Русија и ги открива неговите очекувања од следните натпревари во квалификациите. Зборува уште и за Горан Славковски, натурализираните фудбалери, тактичката стратегија, проблемите во играта и недостигот на голови.



Во анкетата на Club Football читателите на прашањето како ја оценуваат изминатата година на репрезентативен план, најголем дел одговорија просечно, но огромен процент одговорија и успешно. Како вие ја оценувате изминатата година?

„Ако го гледаме само рејтингот на ФИФА значи дека во изминатава година навистина сме направиле нешто. Резултатите не би можел да ги оценам како ‘одлични’ бидејЌи за да бидат одлични треба да победиме на сите натпревари. Ние го направивме она што се очекуваше од нас: победивме на двата натпревари против Естонија и Андора, а особено тежок беше натпреварот против Естонија на гости. Јас сум и презадоволен од она што го остваривме на двата натпревари против Англија и ако бидеме реални ни недостига само 1 бод од натпреварот против Англија во Скопје, но фудбалот е таков и го загубивме тој натпревар. што се однесува до натпреварот против Русија, ние немавме ниту време ниту можност да се подготвиме онака како што треба, а не бевме ниту комплетни така што поразот е апсолутно нормален со оглед на околностите.”

Што вие сметате дека е реален дострел и очекувања од овие квалификации? Би било убаво да се знае што е планот за да нема реакции како тие по натпреварот со Русија кога се создаде атмосфера како да мораме да ги победиме сите останати натпревари, а следуваше пораз и комплетно разочарување.

„Јас не сум рекол дека мораме и Ќе ја победиме Русија. Тоа е ситуација која ја создадоа медиумите. Тоа не е случај само во Македонија туку насекаде. Медиумите се тие што ја поставуваат целта. Ако јас добро се сеЌавам, пред натпреварот против Русија на прес-конференцијата кажав дека на гости ни доаЃа репрезентација која во моментот е посилна од Англија, со подобро подготвени фудбалери, но медиумите се тие кои ја создаваат атмосферата. Јас стојам зад она што го кажав уште пред да дојдам тука. На секој натпревар почнуваме со 0:0 и можеме да се носиме со сите противници, но можеме да бидеме рамноправни само кога сме комплетни и кога фудбалерите се во оптимална форма. Во моментов, репрезентацијата на Македонија нема доволно алтернативни фудбалери кои Ќе можат да ги заменат тие што Ќе недостасуваат на некој натпревар поради објективни причини. На пример Стојков кој е дел од репрезентацијата неколку години веЌе 6 месеци не игра за Партизан. Тука е и Шаќири со ситуацијата во која тој се наоЃаШе. Јас сум таков тренер Што не би уфрлил во игра некои фудбалери од страна кои не биле дел од оваа група која ја имаме сега бидејЌи никогаШ не знаете како Ќе се вклопат во тимот.
Мене ми е важно во текот на овие квалификации да ги одиграме натпреварите со карактер со каков игравме на натпреварите против Англија. НекогаШ и Ќе губиме, но и Ќе победуваме на натпревари, а сигурно дека ако играме така Ќе ни се врати и она кое го загубивме против Англија.
што се однесува до квалификациите и наШите Шанси, ако мислиме да одиме на Европското првенство, Што секако е желба на сите, најважни се следните 2 натпревари. Оние против Англија и Русија не беа толку важни колку Што Ќе бидат натпреварите против Хрватска и Израел. Хипотетички, ако освоиме 6 бода од овие два натпревари, а потоа ни доаЃаат на гости Естонија и Андора, можеме да се вмеШаме во врвот на групата, но мораме да бидеме и реални. Ние Ќе се обидеме, но не можете да очекувате премногу кога одиме да играме со Хрватска на гости. Тие со години не загубиле натпревар на домаШен терен и се многу квалитетна репрезентација. Јас не би сакал да ја ‘палам’ атмосферата, но натпреварот почнува со 0:0 па Ќе видиме.”

ЗаШто Македонија? Сигурно дека на маса сте имале и многу други финансиски подобри понуди. Кој беШе предизвикот?

Пред с$ мојот интерес дојде кога ја видов групата. Фудбалски предизвик е да се игра против Англија, Хрватска па и Русија, особено против Англија кои малку ме ‘зафркнаа’ бидејЌи не го изградија новиот стадион. Сакав да играм со Македонија против Англија на новиот Вембли и да победам – тоа беШе еден од мотивите кои ме натераа да дојдам. Сепак, главната причина беШе договорот кој го склучив со ФФМ кој одлично ми одговара на ситуацијата во која се наоЃам во моментов – имам можност да бидам дома со семејството во Словенија секогаШ кога не игра репрезентацијата, а доаЃам во Македонија само кога има потреба. Тоа беШе основната причина и мислам дека со ваквиот начин на работа функционираме добро. Финансиските средства сигурно дека не беа причината.

Дали по успеШниот старт на квалификациите со Македонија добивте понуди од други фудбалски федерации за ваШ ангажман?

Имало понуди, но не сериозни. Знаете како, се јавуваат луЃе кои воопШто не ги познавате и нудат некаква работа, а тоа за мене не е сериозна понуда. Сериозно е кога некој Ќе дојде да ве види лично и Ќе понуди некоја конкретна работа – такви понуди немало. СекоаШ имало и Ќе има луЃе кои се јавуваат и ве викаат да работите на разни места, но тоа не е ниШто сериозно.

По натпреварот со Русија некои стручњаци ве обвинуваа дека не сте биле доволно подготвен пред натпреварот, дека не сте имале доволно информации, не сте биле во Русија на лице место да следите натпревари...

што се однесува до мене, јас никогаШ не си дозволувам да ја коментирам работата на други тренери, особено не на селектори. Ако тој човек е толку паметен, а Ќе кажам и кој бидејЌи се знае кој коментирал така – Илиевски (Никола Илиевски – Џиџи – н.з.), ако тој знае како работев и Што работев тогаШ секоја чест бидејЌи значи дека тој влегол во мојата глава и знае како работиме и како треба да работиме, секоја чест. Го почитувам секое мислење, но не и вакви ‘расипани’ мислења кога некој човек нема поим Што и како работиме. Секој може да го коментира натпреварот и тоа го почитувам, но некој да ми кажува Што сум работел, а Што не е тотално без врска.

Објаснете ни како течат подготовките пред еден квалификациски натпревар

Кога јас се подготвувам за натпревар најмногу ме интересира мојот тим. Според тоа како игра противникот, ние се подготвуваме. Некои други можеби се подготвуваат патувајЌи и гледајЌи ги тимовите во Русија: Спартак, ЦСКА, но јас не работам така. Мене во прв ред ме интересира наШиот тим: како ние Ќе се однесуваме и Ќе играме на теренот, дали моите фудбалери се здрави или повредени. Можеби греШам, но тоа е мојата филозофија и така јас се однесувам. Нема да дозволам никој да ми го втурнува своето мислење и тоа како тој би се однесувал. Ако бил селектор тоа го почитувам и секоја чест, но мојот карактер е таков Што јас нема да дозволам да ми се плетка некој бидејЌи има некој свој интерес да зборува Што и како треба да се работи. Јас можев против Русија да ставам 7 централни дефанзивци како Што би направил тој и можеби немаШе да го загубиме натпреварот, но во денеШно време кога победата вреди 3 бода, морате да одите на победа на секој натпревар. Ако тимот карактерно не е подготвен да влезе во натпреварот за да победи, тогаШ со сигурност Ќе загуби. Јас би можел да ставам 4 одбранбени во линија и уШте 2 фудбалери пред нив и со 6 фудбалери да се браниме па нека дојдат да ни дадат гол. Противникот можеби и Ќе даде гол, но сигурно дека ние скоро никогаШ нема да направиме ниту Шанса.
Како се подготвувавме? Можам да ви кажам дека 90% го знаевме тимот на Русија кој Ќе игра против нас, не изненадија само со еден фудбалер кој играШе на останатите натпревари, а против нас беШе на клупата. Тоа ни е доволно да го знаеме, а нема потреба да се возам низ Русија и да гледам натпревари на некои клубови – тоа е глупост, будалаШтини. Имавме снимки од натпревари на Русија кои беа доволни да се подготвиме. Знаевме како се движат на теренот, како ги изведуваат корнерите, аутите. Јас и моите момци добро го проучивме противникот и тоа е начинот на кој се подготвуваме. Не е никакво алиби или оправдување, но морам да кажам дека едноставно немавме доволно време да се подготвиме онака како Што треба. Да имавме 10 дена како Што имаШе Русија тогаШ Ќе беШе поинаку, Ќе се подготвевме како Што треба, а не вака: едни фудбалери дојдоа во сабота, други во недела, имавме само еден целосен тренинг и жал ми е Што воопШто трениравме бидејЌи подобро Ќе беШе момците да седат во хотелот, да соберат сили па можеби Ќе одиграа и неШто подобро. Сепак, на крајот сите наШи најдобри фудбалери беа на теренот и тоа е тоа.

Стив Мекларен има специјална практика на честа комуникација со тренерите на фудбалерите кои се во неговиот репрезентативен состав бидејЌи токму тренерите поминуваат најголг период со фудбалерите и најдобро ги познаваат. Дали сметате дека тоа е добра идеја и дали е тоа возможно во наШиот случај?

Јас не работам така. Јас би можел да го правам тоа, но не е мој начин на работа. Би можел да се јавам кај тренерите на Работнички или Вардар и да ги праШам за некој фудбалер кој ме интересира, но не и да се консултирам со нив за мојата или нивната работа. Видете, ние селекторите зависиме од работата на тие тренери во клубовите. Јас би можел да работам на таков начин, но знаете ли колку пари Ќе ја чини ФФМ на месечно ниво? Да, јас можам да одлетам за Рим да го гледам Горан Пандев, наШиот најдобар фудбалер и да престојувам во хотел Што Ќе чини 300 или 400 евра од вечер, па да заминам во Германија и да ги гледам наШите репрезентативци Што настапуваат таму и т.н. Можам тоа да го направам, да се Шетам низ цела Европа и да гледам фудбалери кои веЌе знам кои им се квалитетите. Фудбалерите се тие и нема потреба од таков начин на работа. Да, тоа е начинот на кој треба да функционира еден селектор, но тоа би било така кога би имале барем 30 врвни фудбалери кои конкурираат за репрезентацијата. Ако морам да одам некаде тогаШ одам. Сега бев во Цирих да го гледам Мирсад Мијадиновски и веЌе знам каков е тој фудбалер и кои му се квалитетите. Тоа го имам на ум и ако треба тој фудбалер Ќе биде повикан.

што мислите за случајот „Горан Славковски”, фудбалерот од наШе потекло во Интер?

Нема тука никаков случај. Тоа беШе во медиумите и тоа е работата на медиумите, но јас мислам дека тука нема никаков случај. што се однесува до мене, ако тој е Македонец, смеШно е Што воопШто се повлекува таква тема. Јас како селектор, ако тој е Македонец и игра во Интер Ќе го повикам без никаков проблем. Но, ако некој друг се обидува да го бара, да му се јавува, па тој да не крева на телефон, како Што имаШе некои информации, тоа не е начинот. Јас Ќе го праШам момчето јасно: сакаШ да играШ за Македонија или не? Тоа е работа од една секунда, нека се изјасни и Ќе се реШи целата ситуација.
Не сакам да дојде до ситуација како онаа со Ивица Илиев. Јас бев во Џенова да го гледам фудбалерот и потоа во Спорт (н.з. Македонски Спорт) напиШаа ноторна лага дека тој сакал да игра за Македонија, а селекторот проценил дека не треба да игра! Илиев воопШто не сака да игра за репрезентацијата на Македонија и тоа не го интересира. Мене ме лутат тие работи во животот, кога некој Ќе ти измисли неШто Што е тотална невистина.
Да се вратам на Славковски. Јас тоа Ќе го реШам многу брзо и едноставно. ќе отидам во Милано и Ќе го праШам дали сака да игра за Македонија или не и понатаму воопШто да не се зборува на таа тема.

Дали мислите дека сте доволно медиумски присутен во Македонија? На пример во Италија, селекторот Марчело Липи секоја недела имаШе емисија во која гостуваШе и на тој начин им стана поблизок на сите фанови во Италија уШте пред СП.

Јас сум многу присутен во медиумите. Мислам дека онолку колку Што сум присутен е сосема доволно. Според мене, повеЌе треба да бидат присутни фудбалерите – они се главните актери. На нив им се посветува многу малку внимание, а заслужуваат многу повеЌе да се наоЃаат во медиумите. Јас не сакам да Шетам од телевизија во телевизија и да раскажувам едни исти работи, а од друга страна, медиумите не сакаат да ме слуШаат мене. Моето искуство во Македонија вели дека тие не сакаат да комуницираат како Што сега јас комуницирам со тебе бидејЌи така нема да можат да искриват некои мои изјави.
Јас во Македонија сакам да имам само прес-конференции на кои Ќе кажам с$ Што треба да се каже, а Ќе се преведе точно онака како Што сум го кажал.

Во фудбалот, посебно на територијата на Балканот познато е дека има големо влијание врз селекторите од некои локални моЌници, менаџери и други структури околу изборот на тимот...

Откако сум селектор на Македонија, ниту еднаШ не се случило да имам некакво влијание од страна. За цело време додека сум тука не сум бил во таква ситуација. Јас слуШнав дека имало такви случаи порано, но она Што другите го работеле пред мене не ме интересира. Ако мене некој ми се јави и ми рече дека има супер фудбалер, секако дека Ќе го погледнам или ако некој ми каже дека познава напаЃач Што Ќе и даде гол на Хрватска, јас веднаШ Ќе го викнам, но кој може да гарантира за тоа?

Го создадовте „костурот” на тимот кој игра во формација 3-4-1-2. Дали ова е ваШа омилена тактичка варијанта или само најдобро реШение со овие фудбалери кои ги имате на располагање?

Тоа е оптималната тактичка варијанта. Ние немаме таков фонд на фудбалери за да можеме да играме во формација како некои поголеми репрезентации со многу поголем број на квалитетни фудбалери. Едноставно не можеме да играме со 4 бекови во линија бидејЌи тоа значи подефанзивна игра и губиме еден фудбалер во средината. Јас би можел да играм и со 4 позади, но доколку имам на располагање 2 странични бекови кои Ќе бидат силно подготвени да помагаат и во средниот ред.

Знаеме дека не сакате поединечно да пофалите или критикувате некој фудбалер, но која линија од тимот ја сметате за најсилна, а која за најслаба?

За да дојдете до позитивен резултат ви треба тим во кој напаЃачите во секој момент Ќе трчаат и во фазата на одбраната Ќе работат и Ќе помагаат за противничките одбранбени фудбалери да греШат. Ако Илчо, Пандев, Мазнов, Стојков не работат за да ја притиснат одбраната и ако ние се повлечеме на наШата половина, тогаШ кажете му „чао” на фудбалот. Гери Невил одигра слабо против нас бидејЌи Мазнов и Илчо во секој момент го бркаа по теренот и тој греШеШе.
Се работи за еден микс помеЃу редовите во тимот. Ние дома играме многу потеШко околу на гости порадо условите на теренот. ИгралиШтето не им дозволува на фудбалерите од одбраната лесно да играат со топката како Што тоа го правеа на Олд Трафорд на пример. Верувајте ми дека Ќе имаме проблеми дома и против Израел и Хрватска бидејЌи игралиШтето не дозволува брзо движење на топката. Противниците Ќе не бркаат како Што и ние сакаме да ги бркаме нив, но кога имате ограничени технички квалитети и згора на тоа и лоШи услови за додавање, тогаШ Ќе имате и проблем.

Постигнуваме мал број на голови. Како би го објасниле тоа? Дали има некој конкретен проблем?

Ги имаме најдобрите фудбалери на тие позиции. Тие се трудат максимално и секој има желба да даде гол. Јас сум задоволен од тоа како тие играат и најважно е Што создаваме Шанси па кога-тогаШ Ќе дојдат и головите. И јас би сакал да ги имаме Марадона, Ето и Дрогба, но ги немаме. Имаме момци со кои јас сум 100% задоволен од тоа како се однесуваат и како работат и не врШам никаков притисок на нив. Најважно за мене е Што се создаваат Шанси. Мазнов влезе во 3 Шанси од кои можеШе да постигне гол против Русија, но не постигна. Не е страШно, важно е да има Шанси, а головите Ќе дојдат. Ние создававме Шанси на сите натпревари до сега.

Кое од првенствата низ Европа најмногу го следите?

Италијанците...

Со Сампдорија игравте во финалето на Лигата на Шампионите. ТогаШ системот на натпреварување беШе многу поразличен од денеШниот. Како мислите дека е подобро?
ДенеШниот систем е супер. Подобро е од порано – имате групи и нокаут фаза и е поинтересно.

Дали мислите дека е во ред Што во Лигата на Шампионите не играат само Шампионите од националните првенства туку повеЌе клубови. Некои мислат дека би било подобро доколку единствено Шампионите имаат право да учествуваат?

Се согласувам со таквите мислења. Јас би ја направил Лигата на Шампионите ексклузивно само за најдобрите од сите првенства. Оние кои не се Шампиони не би требало да имаат право на настап, не може 4-тиот од некое првенство да игра во исто натпреварување со Шампионите. Има Куп на УЕФА, можат да се основаат и нови натпреварувања каде Ќе играат тие тимови.
Но, јасно ми е како функционира денеШниот фудбал. Со целата комерцијализација и со толкава улога на парите во фудбалот, нормално е Што Лигата на Шампионите се игра во ваков формат. Таков е денеШниот систем и теШко е дека би можел да се промени.

Последното Европско првенство го освои Грција и докажа дека во фудбалот с$ е можно...

Видете, Грција играШе фудбал каков Што денес мора да се игра. Тоа беШе еден систем на игра во кој сите помагаа на сите позиции. Целиот тим беШе во зона од 30 метри, а гледавте и како Харистеас во исто време даваШе голови и се враЌаШе во линија со својот среден ред за да брани. Едноставно, таков фудбал мора да се игра во денеШно време ако сакате резултати.

Хрватска во својот состав го има Едуардо кој е натурализиран. Исто е и со репрезентацијата на Германија и многу други. што мислите околу натурализирањето на фудбалери?

Јас не би го правел тоа. Тоа е мое лично мислење. Ако некој е роден во една земја, а има потекло од друга, тогаШ веЌе е малку покомплицирано и можеби може да има дилеми за која земја да настапува. Хрватите размислуваат така како Што размислуваат и ангажирањето на Едуардо се покажа како добар потег на нивната репрезентација. Мое лично мислење е дека нема поента во тоа за Македонија да играат 11 Бразилци. Но, се зависи од самата ситуација.

што мислите за модерната технологија во фудбалот? Сега се воведуваат камери на гол-линиите, дали сте вие за воведувања на нови технички помагала на теренот?

Само кога се работи за гол! Јас во денеШните правила би променил малку работи. Како прво би поставил камери на головите – тоа е неШто кое нема да ја промени динамиката на фудбалот. Не е страШно еднаШ на 20-тина натпревари кога има сомнителна ситуација на гол-линијата да се прегледа снимката. Освен тоа, би ги променил правилата за офсајд. Денеска владее конфузија. Ако фудбалерот е зад одбраната, тогаШ треба да се досуди офсајд. Не треба да постојат никакви пасивни или активни офсајди – ниту самите фудбалери не можат да знаат на Што се во одреден момент на теренот. Така доаЃа до многу конфузни ситуации. Ако се поедностави правилото, а тоа е неШто Што многу лесно може да се направи, Ќе се олесни играта, но очигледно дека некој не сака тоа да се стори.


Ова беше воопшто мое прво интервју во животот, и тоа веднаш со Среќко Катанец. Беше објавено во две продолженија во списанието Club Football. Интервјуто е направено во Хотел Александар Палас во Скопје, во декември, 2006 година.

Подарок за Англија

07 септември 2006

Македонија загуби од Англија на Градски во Скопје. Поразот боли бидејќи не е заслужен и боли фактот што е прекината нашата серија од 3 победи по ред.
Ме немаше на блог подолго време - годишен одмор и обврски на работа, па сега ќе се обидам да го надополнам она кое го пропуштив.

Најпрвин, она најактуелното - Македонија против Англија. Загубивме од една од најголемите фудбалски сили на планетава и тоа не е срамота. Никогаш не ми е жал за порази на нашиот национален тим од репрезентации кои ќе не надиграат и ќе си ја заслужат победата. Англија не ја заслужи победата на Градски. Многумина ќе речат “Тоа е голем тим, победува и кога не игра добро“, но не се согласувам со таквата теза. Англија победи бидејќи ние и дозволивме, бидејќи ние направивме грешка.

Позитивно
Она што можеме да го извлечеме како позитивно од овој натпревар е играта на нашата репрезентација. Очигледен е печатот на селекторот врз нашата поставеност, организираност и подготвеност за надигрување на теренот. Англија не успеа да направи ниту една шанса од игра на Градски. Еден удар со глава на Крауч и ударот со “ножички“ на Дефо беа единствените две шанси кои беа создадени по долгите нафрлања од аут на Невил. Двете шанси од игра дојдоа по наши грешки. Погрешно расчистување во првото полувреме и Лампард се најде сам на 15-тина метри од нашиот гол. Николовски одбрани. Второто лошо расчистување на нашата одбрана (Петров) значеше нафрлена топка во пеналтикот и гол за водство и победа на Англија. Англија победи за милиметар, без да ја затресе нашата мрежа.

Негативно
Ноншалантноста, неангажираноста и недоволната храброст на некои наши фудбалери во одредени периоди од натпреварот. Мазнов беше тотално затворен и ниту еднаш не се “спои“ со топката. Шумоликовски и Јанчевски беа одлични во дефанзивниот дел од задачите но потфрлија кога мораа да повлечат напред и похрабро да тргнат кон голот на Робинсон.

СелекторотКатанец тотално ја затвори играта на Англија. Одличната тактичка поставеност ги неутрализираше Џерард и Лампард, Даунинг со својата игра ги оправда критиките на новинарите кон Мекларен (доби критики бидеќи го форсира Даунинг кој не би требало да игра). Нашата одбрана бранеше простор што се покажа како квалитетно решение. Немаше “фластер“ за Крауч или Дефо а Седло, Новевски и Митревски наизменично добро ги чуваа.

Противниците
Англија со својата игра воопшто не го оправда епитетот “светска велесила“. Гледајќи ги како се бранат во својот шеснаесетник во голем дел од натпреварот, исфрлајќи ги топките далеку во трибините и задржувајќи го времето при секое изведување на аут, корнер или слободен удар доволно говори за нивната немоќ да ја одиграат својата игра против Македонија. Стив Мекларен на прес-конференцијата по натпреварот се обиде да ги оправда своите репрезентативци фалејќи ја играта на нашите и обвинувајќи го судијата за некои одлуки. Во тој момент се изнервирав и морав да му го спомнам пеналот. Мекларен како одговор на моето прашање само промрморе дека не ја видел таа ситуација во нивниот шеснаесетник. На ова, еден новинар од Англија му дофрли: “You only see what you want to see Steve. Where was Lampard, Gerard?“. На Мекларен му беше јасно дека играта на неговите беше еднаква на пораз.

Надвор од MKD-ENG
Имаме секаква причина да бидеме задоволни од нашата репрезентација. Како никогаш досега наредивме победи во низа, стартувавме во квалификациите со задолжителната победа над Естонија на гости а загубивме од Англија што и не е трагедија. Како што кажа Катанец - сите натпревари вредат по 3 бода, ние до крајот имаме уште 10 натпревари од кои ќе се обидеме да извлечеме што повеќе бодови. Англија и не е противникот од кој можеме да се надеваме на бодови. Репрезентацијата е организирана. Костурот на тимот е ист во последните неколку натпревари. Фудбалерите чувствуваат самодоверба и се свесни дека имаат квалитет за нешто повеќе од резултатите кои ги остварувавме во минатото. Самиот пристап на нашите кон овој натпревар ме воодушеви. Никој не се возбудуваше премногу туку сите гледаа на него како еден обичен квалификациски дуел. Уште еднаш ќе ги измериме силите со Англија во Манчестер а потоа следува она клучното: натпреварите со Андора (гости) и Русија (дома). Ако успееме да ги освоиме максималните 6 бода од овие два натпревари, ќе го имаме идеалниот старт на квалификациите.

Ваш коментар?