Лихтенштајн + Техеран = Одлично!

13 ноември 2005



Нашата репрезентација (овој пат поделена на А и Б селекција) како ретко досега имаше неверојатно успешен викенд. Првиот тим предводен од стандардните репрезентативци одигра пријателска средба со Лихтенштајн на гости која ја добивме со 2-1. Факт кој радува е што конечно репрезентацијата се собра без никакви контраверзи, отпатува во Лихтенштајн и фино си победи и си обезбеди некој бод плус кој ќе не крене малку нагоре на ранг-листата на ФИФА. Уште една добра можност за воигрување на горе-долу стандардните репрезентативци кои ќе треба да го понесат товарот и во наредните квалификации.
Б-тимот составен главно од фудбалерите од младинската репрезентација како и од фудбалери сениори кои се сериозни кандидати за А-составот на репрезентацијата отпатува во Иран каде во Техеран остваривме една ГОЛЕМА победа. Победивме во полуфиналето на турнирот и тоа против домаќинот Иран кој беше со својот најсилен тим и кој се подготвува за Светското Првенство во Германија 2006. Победа од 2-1 која доколку турнирот беше официјален и во рамките на ФИФА (не беше така поради проблемите на домаќинот со спонзорот на турнирот) ќе ни донесеше огромен скок на ранг-листата на ФИФА. Како и да е, младите и кандидатите за репрезентацијата докажаа дека во секое време може да се смета на нив а си се вратија од Техеран и со сребрен медал за второто место на турнирот. Нашиот пораз во финалето од Парагвај не е некаква трагедија имајќи во предвид дека Парагвај е земја учесник на наредното Светско Првенство (Парагвај не победи со 1-0).
Се на се, одлично искуство за младите фудбалери во Техеран, одлична шанса за воигрување на сениорите во Лихтенштајн и повеќе илјади долари на име премии на контото на ФФМ.
Сега да ги слушнам тие новинарите од Македонски Спорт кои се потсмеваа на идејата националниот тим да биде поделен и “послабиот“ состав да биде испратен во Иран на силниот турнир.
Од мене, едно големо БРАВО за ФФМ бидејќи (како ретко досега) успеа добро да изменаџира еден слободен термин на ФИФА и УЕФА и максимално да го искористи. Утре во официјална посета на Македонија доаѓа Сеп Блатер, претседателот на УЕФА и дајте таму издејствувајте пари за мак-фудбалот! :)

Коментари?

Пријателски!

04 ноември 2005

Репрезентацијава повторно се активира. Ќе се играат пријателски натпревари. Чудното и интересното е што нашата селекција ќе биде на две места во исто време. Една гарда предводена од Мирсад Јонуз оди за Техеран на силниот турнир, додека друга гарда предводена од Бабунски оди во Вадуз да се пресмета со нашиот омилен противник Лихтенштајн.
На многумина сигурно дека им е чудно сево ова (некои дури го исмеваат) но ова е правилен потег! Ни требаат што повеќе пријателски натпревари! Мора да играме, да се воигруваме, да пробуваме разни варијанти и состави. Добрата работа е што доколку направиме некој позитивен резултат (а за таков се смета и нерешено со било која од селекциите кои ќе бидат во Иран зошто се со многу повисок рејтинг од нашиот) ќе скокнеме доста места на ранг листата на ФИФА, што подоцна ќе ни обезбеди и поквалитетни и поатрактивни противници за пријателски натпревари.
Значи, големо БРАВО за раководството на ФФМ (една од ретките пофалби кои ги заслужуваат изминативе неколку години). Само да не направат глупост и да ги распоредат фудбалерите добро во двете селекции.
Јас мислам дека најсилниот состав треба да отпатува во Иран, додека пак онаа “Б“ селекција на играчи да отпатува во Лихтенштајн. Така, ќе можеме да се надеваме на добри резултати од Иран (од каде патем имаме убави спомени од пред неколку години кога игравме во финалето на турнирот и Виктор Треневски ја освои наградата за најдобар фудбалер) а од друга страна сите кандидати за влез во националниот тим ќе имаат шанса да покажат што знаат против Лихтенштајн.
Втора варијанта на поделба на составите би била помладите фудбалери (новите генерации) да отпатуваат во Иран каде ќе соберат едно ново позитивно искуство и ќе го покажат својот потенцијал, додека пак старата гарда (Шаќири, Христов, Милошевски...) да играат против Лихтенштајн за да видиме дали се “старо железо“ или сеуште може да послужат и во идниот квалификациски циклус.
Ваш став?