Јувентус Македонија

29 септември 2005

Сакам да ве известам дека на неодредено време ќе го ставам овој блог во мирување. Причината лежи во тоа што сега пишувам за еден од нашите медиуми, почнав 2-ра година на факлутет (ЕТФ) и немам веќе време. Сепак, отворив нов блог: Јувентус Македонија каде еднаш до два пати неделно ќе си пишувам за тимот кој го сакам.

Овој блог останува, но тешко дека ќе можам да пишувам повеќе од 1 до 2 постови месечно.

Поздрав,

Ико

Нели ви реков!

16 септември 2005

Само краток пост за денска. Многу ми е мерак кога нешто добро ќе проценам. Ако погледнете малку подолу во последните постови околу пријателските натпревари летово, ќе видите дека ви напишав дека Реал Мадрид ќе примат многу голови од секој што малку ќе ги притисне. Така и испадна, барем на првите три натпревари. На три средби примија 7 гола!!! Еден од Кадиз, три од Селта и три од Лион. Дадоа само четири голови. Ееее....нема да разберат дека треба асални играчи во одбрана...ако, многу ми е мерак. Нека трпат!

П.С.
Многу се изнервирав што Милан ги победи Фенербахче...бев радосен откако омилениот мој Ањелка изнуди пенал од кретенот Гатузо...ама се извадија... поточно Кака ги утепа. Ако, ќе трпат и они :)

Гаскоњ, Ромарио, Стоичков, Кантона...

06 септември 2005

Сам себеси се пцуев што до денеска не ми текнало “почесно место“ на мојот блог да завземат играчи без кои фудбалот низ историјата не би бил тоа што е. Сакам да ве потсетам на најконтраверзните фудбалери изминативе 20-тина години. Пијаници, деликвенти, наркомани, тепачи а сепак генијалци на теренот.

Прв кој ми доаѓа на памет е Пол Гаскоњ. Човекот кој беше способен пијан да дојде на натпревар и да го реши победникот. Гаскоњ во листата на инциденти во своето досие има се – од возење во пијана состојба, преку тепање на сопругата до масовни тепачки во кафани. Ееех, како денеска се сеќавам на неговите солзи кога дозна дека е изоставен од списокот на репрезентацијата на Англија за Европското првенство 1996. Има две страни на вистината: едната е дека беше во врвот на својата форма на теренот, а другата дека беше во стадиум од животот во кој можеше да испие шише виски на екс, да го искрши од глава, да се истепа со некој во барот и да отиде дома да ја истепа сопругата.

Ерик Кантона! Па мислам дека нема човек на планетата кој не го знае неговото легендарно влетување на трибина со т.н. “кантона-удар“ и повредување на навивач. Доби долга суспензија а потоа ме разочара со неговото пензионирање уште пред да наполни 30 години. Таков играч досега не сум сретнал...ако ме прашувате мене, Кантона со сигурност е подобар играч од Зинедин Зидан...ама кој ме прашува мене?

Ромарио алијас “карневал“!!! Седум пати прв стрелец во Бразил, 3 пати прв стрелец во Холандија (ПСВ) и една сезона прв стрелец во Барса. Него би го ставил во тандем со Стоичков зошто двајцата заедно на теренот го формираат најексцентричниот тандем во историјата на фудбалот. Мислам дека нема фудбалер или екипа во целина кои би сакале да се закачаат со Стоичков и Ромарио во тандем. Ромарио денеска и на 39 години сеуште ги тресе мрежите во Бразил и сеуште го застапува ставот дека без да поминете луда ноќ со многу алкохол и секс вечерта пред натпреварот, неможете да постигнете гол. Секогаш ќе се сеќавам на натпреварот против Реал Мадрид на кој постигна хет-трик. Ромарио побара од управата на Барса да го пуштат на одмор 10-тина дена за да оди на карневалот во Рио. Тие му рекоа (повеќе на шала) дека ако постигне три гола против Реал, може да оди – и тоа се случи. Човекот си даде три гола и на средина на сезона си замина 10 дена во Рио на карневал. Ако го знаете сево ова, нели ви е тешко за верување дека Ромарио во март месец оваа година стигна до бројката од 900 голови на официјални натпревари?

Има уште неколку кои сакам да ги спомнам во оваа листа, ама немам време...другпат!